Сингапур, 11 мај 2026 – Светските цени на нафтата забележаа силен раст во понеделникот, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја оцени реакцијата на Иран на американскиот мировен предлог како „неприфатлива“, што повторно ги зголеми стравувањата од прекини во снабдувањето на глобалниот пазар.
Цената на суровата нафта „Брент“ порасна за повеќе од 4 долари и достигна 105,33 долари за барел, додека американската WTI нафта се искачи на речиси 100 долари за барел. Пазарите реагираа поради продолжените тензии околу Ормускиот Теснец – клучна поморска рута преку која минува значителен дел од светската трговија со нафта.
Аналитичарите оценуваат дека пазарот во моментов е исклучително чувствителен на политички пораки од Вашингтон и Техеран.
„Пазарот на нафта во моментов реагира на секоја геополитичка изјава, предупредување или одбивање од двете страни“, изјави Пријанка Сачдева, аналитичар во „Филип Нова“.
Во меѓувреме, претседателот Трамп неделава треба да отпатува во Пекинг, каде што се очекува со кинескиот претседател Си Џинпинг да разговара и за кризата со Иран. Инвеститорите се надеваат дека Кина би можела да изврши дополнителен притисок за постигнување прекин на конфликтот и стабилизирање на транспортот низ Ормутскиот Теснец.
Дополнителна загриженост предизвика и изјавата на директорот на „Сауди Арамко“, Амин Насер, кој предупреди дека светот изгубил околу една милијарда барели нафта во изминатите два месеца и дека енергетските пазари ќе имаат потреба од време за стабилизација.
Според податоци на компанијата „Кплер“, уште три танкери минатата недела го напуштиле Ормускиот Теснец со исклучени системи за следење, во обид да избегнат можни напади.
Експертите предупредуваат дека и доколку дојде до смирување на кризата, ризикот од нови прекини во снабдувањето ќе продолжи да влијае врз цените на нафтата и во текот на 2026 година.
Во исто време, Кина, најголемиот светски увозник на нафта, објави дека увозот во април паднал на најниско ниво во последните речиси четири години, што дополнително ја покажува нестабилноста на глобалниот енергетски пазар.
Извор: Ројтерс
