Американската авиокомпанија JetBlue Airways најави зголемување на цените за чекиран багаж, како одговор на наглото поскапување на авионското гориво предизвикано од војната во Иран.
Според компанијата, надоместоците за првиот чекиран куфер ќе се зголемат за најмалку 4 долари во периоди со помала побарувачка и за 9 долари во шпиц-сезони. Така, цената ќе изнесува 39 долари во воншпиц периоди (претходно 35), односно 49 долари во периоди со зголемен сообраќај, како летната сезона и празници.
Дополнително, патниците кои ќе платат помалку од 24 часа пред летот, на пример на аеродром, ќе плаќаат уште 10 долари повеќе.
Зголемувањето доаѓа во време кога авионските билети растат на глобално ниво, поради поскапувањето на горивото откако САД и Израел извршија напади врз Иран кон крајот на февруари. Според индустриски податоци, цената на горивото достигнала просек од 4,57 долари по галон, што е раст од околу 83%.
Од JetBlue Airways посочуваат дека станува збор за дел од поширока стратегија за справување со зголемените оперативни трошоци, при што компанијата настојува да ги задржи основните цени на билетите конкурентни.
„Иако зголемувањата на надоместоците никогаш не се идеални, ги применуваме само кога се неопходни“, соопштија од компанијата.
Експертите очекуваат дека и други големи авиокомпании, како American Airlines, United Airlines, Delta Air Lines и Southwest Airlines, би можеле да го следат овој тренд, иако засега нема официјални реакции од нивна страна.
Извор: CNBC.com
