Цените на нафтата продолжуваат да растат и се на пат кон рекордно месечно зголемување, откако нападите на јеменските Хути врз Израел дополнително го проширија конфликтот во регионот на Блискиот Исток.
Суровата нафта од типот „Брент“ на почетокот на тргувањата денес достигна цена од речиси 115 долари за барел, што претставува раст од над 2%, додека американската нафта WTI се искачи над 101 долар. Ова следува по значителните добивки од минатата недела, кога цените пораснаа за повеќе од 4 до 5%.
Аналитичарите предупредуваат дека пазарот сè повеќе ја губи надежта за брзо дипломатско решение. Според нив, инвеститорите веќе се подготвуваат за понатамошна ескалација на воените судири, и покрај најавите за можни разговори меѓу САД и Иран.
Во меѓувреме, израелската војска соопшти дека изведува напади врз инфраструктурата на иранската влада во Техеран, додека Иран возврати со ракетни напади кон Израел. Дополнително, нападите од Јемен го проширија конфликтот и кон Црвеното Море, еден од клучните светски енергетски коридори.
Еден од главните фактори за растот на цените е нарушувањето на транспортот преку Ормускиот теснец, преку кој минува околу една петтина од светските испораки на нафта и гас. Ова доведе до значителни стравувања за глобалното снабдување со енергенси.
Според податоците, „Брент“ пораснал за околу 59% во текот на март, што е најголем месечен скок од 1988 година, надминувајќи го дури и растот за време на Заливската војна во 1990 година. Американската нафта WTI, пак, забележа пораст од над 50%– најмногу од 2020 година.
Ситуацијата дополнително се комплицира со пренасочувањето на саудиските извозни рути кон Црвеното Море. Аналитичарите предупредуваат дека евентуални прекини на овие линии би можеле дополнително да го зголемат притисокот врз глобалниот пазар.
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) предупредува дека конфликтот веќе има негативно влијание врз глобалниот економски раст, додека Европската Унија засега не се соочува со недостиг на нафта, но бележи затегнување на пазарите на дизел и авионско гориво.
Извор: Ројтерс
