Енергетските пазари во Европа во 2025 година беа обележани со серија настани што ја тестираа стабилноста на системите, дизајнот на пазарите и политичката издржливост на енергетската транзиција. Во својата годишна анализа, авторите на специјализираниот портал Монтел издвојуваат пет настани кои, според нив, оставија најдлабок белег врз пазарот на електрична енергија.
Нордискиот балансинг: техничка нужност со проблематичен старт
Пријанка Шинде, експерт за нордиски пазари во Montel EnAppSys, укажува дека автоматизацијата на пазарот за рачно активирани резерви (mFRR), воведена од март, била логичен и неопходен чекор поради растот на обновливите извори и преминот кон 15-минутно порамнување.
Сепак, таа забележува дека имплементацијата била проследена со чести ценовни скокови и интервенции од страна на системските оператори. Националните „поправки“, како воведувањето на т.н. deadband, ја намалиле краткорочната нестабилност, но ја нарушиле заедничката пазарна логика. Според Шинде, без брза хармонизација, постои ризик нестабилноста да се прелее низ целата европска мрежа.
15-минутното тргување го менува пазарниот ритам
Андре Бошар, раководител на аналитика во Montel EnAppSys, оценува дека преминот на 15-минутно дневно однапред тргување донел повеќе структурни промени од очекуваното.
Тој посочува дека ликвидноста се прераспределила нерамномерно, а интрачасовните ценовни разлики значително се зголемиле. Ова, според него, им користи на брзите и флексибилни технологии, особено батериите, но истовремено ја ослабува прекуграничната ценовна усогласеност таму каде што интерконекторите сè уште работат на часовна основа.
Затемнувањето на Пиринејскиот полуостров како предупредување
Големиот прекин на електрична енергија на 28 април, кога Шпанија и Португалија изгубија околу 15 GW производство за само неколку секунди, Жан-Пол Хареман, директор во Montel EnAppSys, го опишува како јасен сигнал за ризиците од пребрза транзиција без соодветни системски резерви.
Тој потсетува дека уште во 2024 година биле забележани предупредувачки знаци за недоволна напонска стабилност и премалку синхрони капацитети, проблеми кои кулминираа со априлскиот колапс. Решенијата, вели Хареман, се познати, но бараат време, инвестиции и институционална дисциплина.
Норвешкиот ценовен плафон: популарна, но скапа мерка
За Ричард Сверисон, главен уредник на Монтел, норвешкиот модел на ограничување на цените на струјата е пример за политички атрактивна, но економски проблематична политика.
Тој предупредува дека гарантираниот плафон од 400 NOK/MWh ги замаглува ценовните сигнали, ги охрабрува поголемите потрошувачи и може да ја зголеми побарувачката токму во најкритичните моменти за системот. Дополнително, мерката отвори правни прашања на европско ниво и предизвика загриженост кај соседните земји.
Германија и Италија: две визии за индустриска поддршка
Јозефине Штепат, аналитичарка во Montel Energy Brainpool, ги споредува германскиот и италијанскиот пристап кон заштитата на енергетски интензивната индустрија.
Германија, според неа, се обидува да ја стабилизира индустријата преку субвенционирани цени и да ѝ купи време за прилагодување, додека Италија ја користи ценовната поддршка како средство за поттикнување инвестиции во нови обновливи извори. Двата модели имаат исти цели, но различна филозофија и неизвесни долгорочни ефекти.
Поуката од 2025 година
Анализите на авторите на Монтел покажуваат дека 2025 година беше пресвртна за европските енергетски пазари. Техничките ограничувања, пазарниот дизајн и политичките одлуки сè почесто се судираат, а стабилноста на системот ќе зависи од тоа колку брзо Европа ќе успее да ги усогласи овие три димензии.
Извор: Montelnews.com
