САД и Босна и Херцеговина прават чекор напред кон забрзување на проектот за јужната гасна интерконекција со Хрватска, стратешки важна инфраструктура која треба да ја намали целосната зависност на БиХ од руски гас. На серија состаноци во Сараево, американски дипломати предложија проектот да го преземе приватна американска компанија, што би овозможило побрзо, поефикасно и транспарентно реализирање на гасоводот.
Вршителот на должност амбасадор на САД во Сараево, Џон Гинкел, им го презентирал предлогот на лидерите на петте најголеми партии во Федерацијата БиХ, кои, според Амбасадата на САД, принципиелно се согласиле и се обврзале да продолжат со подетални разговори. Вашингтон смета дека американските инвеститори можат да обезбедат брзо завршување на проектот и стабилно снабдување со американски ЛНГ преку терминалот на Крк.
Проектот за Јужната интерконекција беше одобрен пред три години во долниот дом на парламентот на Федерацијата БиХ, но беше блокиран во Домот на народите од хрватскиот клуб, кој бараше формирање нов оператор со седиште во Мостар. Законот, сепак, предвидува дека носител на проектот е постојната компанија „БХ-Гас“ од Сараево. На последните разговори, и хрватските партии во Федерацијата изразиле согласност проектот да се придвижи напред.
Според планот, гасоводот од хрватска страна би се приклучил во регионот на Имотски, по што би се разгранувал кон централна Босна и кон Мостар. Со ова, БиХ би добила алтернатива на рускиот гас што во моментов пристигнува исклучиво преку Србија и „Турски тек“.
Американскиот секретар за енергетика Крис Рајт рече дека вложувањето во модерна инфраструктура – меѓу која и јужната интерконекција – е клучно за долгорочна енергетска безбедност, особено во региони целосно зависни од руски енергенси.
Покрај јужната рута, БиХ планира и западни и северни интерконекции со хрватската мрежа, со што би се зајакнала диверзификацијата и би се намалила енергетската ранливост на земјата.
Енергетика 24
