Србија влегува во најкритичната недела за иднината на Нафтената индустрија на Србија (НИС), откако Соединетите Американски Држави испратија јасен сигнал: без трајна промена на сопственоста и без мнозинско руско присуство, нема укинување на санкциите. Претседателот Александар Вучиќ во текот на вчерашниот ден, за време на отворената седница на Владата порача дека решение мора да се најде во рок од седум дена, предупредувајќи дека национализацијата на НИС е „последна опција“.
„Во следните седум дена ќе разговараме и со руските и со американските партнери. Мора да имаме решение“, изјави Вучиќ, додавајќи дека Србија е подготвена да прифати „секој договор“ што ќе овозможи продолжување на работата на компанијата.
Според министерката за енергетика ирударство на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, Вашингтон наложил целосно повлекување на руските акционери и трајна промена на сопственоста на компанијата во рок од три месеца. Таа нагласи дека лиценцата за работа досега повеќепати била продолжувана, но дека САД недвосмислено ставиле до знаење дека НИС „не може да работи ниту еден ден повеќе“ под сегашната структура на сопственост.
„Немаме живот без рафинеријата. Подготвена сум да поднесам оставка бидејќи не гледам начин да ја надминеме ситуацијата“, изјави видливо загрижената Ѓедовиќ Хандановиќ.
Министерот за финансии Синиша Мали отиде уште подалеку истакнувајќи дека: „Ситуацијата со НИС загрозува буквално сè, растот, стабилноста, кредитниот рејтинг на Србија.“
Од друга страна, поради санкциите, протокот на сурова нафта кон Србија веќе е во прекин. Вучиќ увери дека земјата има значителни резерви, но предупреди дека тоа не може да трае бесконечно:
„Имаме 25.000 тони дизел во воени резерви. Ако биде потребно, војската ќе го даде горивото на народот.“
Паралелно, побара од Владата итно да подготви ребаланс на буџетот за да обезбеди дополнителни средства за НИС и снабдувањето со гориво. Претседателката на Парламентот Ана Брнабиќ гарантираше дека измените ќе бидат усвоени по итна постапка.
Во меѓувреме, Газпром и Газпромњефт, кои заедно држат 56% од акциите во НИС веќе доставиле барање до американскиот ОФАК, со кое ја изразуваат подготвеноста да продадат контролниот пакет на трета страна. Разговорите, според Вучиќ, се водат со „азиски и европски партнери“, а Србија ќе се согласи со секое решение што ќе го одобри американската администрација.
Сепак, министерката Ѓедовиќ Хандановиќ призна дека промена на сопственоста во рок од седум дена е „невозможна“, што ја отвора дилемата како државата ќе го премости периодот до конечен договор.
НИС, во мнозинска руска сопственост од 2008 година, е единствената рафинерија во Србија и клучна точка за националната енергетска безбедност. Санкциите на САД се дел од поширокиот пакет мерки против рускиот енергетски сектор, воведен по инвазијата врз Украина.
Иако Вучиќ во јануари ја отфрли можноста за национализација, денеска вели дека „сите опции се на маса“, но сепак сака да избегне запленување или конфискација.
Со блокиран увоз на сурова нафта, кус американски рок и недоволно време за трансфер на сопственоста, Србија се соочува со најсериозната енергетска криза во деценијата. Следните седум дена ќе бидат пресудни не само за НИС, туку можеби и за економската и политичката стабилност на земјата.
Дали ќе се најде купувач? Дали ќе дојде до национализација? Или пак ќе следи жесток дипломатски расплет?
Сите погледи се вперени кон Белград и кон часовникот што незапирливо одбројува.
Енергетика 24
