ИНТЕРВЈУ. Сања Божиновска: Американскиот ЛНГ е стратешка можност која не смееме да ја пропуштиме

Кога пред една година беше формирано новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, малкумина очекуваа дека за толку кратко време ќе се направат крупни системски поместувања во доменот – енергетика.  На чело на овој нов стратешки ресор застана Сања Божиновска, успешна деловна жена, која во македонската политика влегува, пред се, како експерт, и чија една година на функцијата е обележана со конкретни резултати: нов Закон за енергетика, реактивирани проекти, инвестиции во зелени капацитети, нови гасни интерконектори и активна вклученост во регионалните и европските енергетски процеси.

Во ова интервју, министерката Божиновска зборува отворено и прецизно за приоритетите на Владата во енергетиката, визијата за зелена транзиција, европската регулатива за прекин на увозот на руски гас, потенцијалот за ЛНГ снабдување од САД, улогата на енергетската дипломатија, како и за она што најмногу ги интересира граѓаните – дали ќе поскапи струјата.

Ставајќи го граѓанинот во центарот на реформите, Божиновска јасно порачува: реформите ќе бидат темелни и одржливи – но никогаш по цена на системски хаос.

РЕКЛАМА

1. Министерке, дозволете најнапред да изразиме благодарност што прифативте првото интервју кое го објавува нашиот портал, да биде токму со вас. 

Една година од формирањето на Министерството веќе ги гледаме првите сериозни резултати во доменот на енергетиката – од усвојувањето на Законот за енергетика, па сè до реактивирањето на проектите кои беа заглавени со години и новите инвестиции. Во овој контекст, би сакале да ве прашаме: какви се плановите за следниот период и што сметате дека треба да биде приоритет?

Сања Божиновска: Навистина, измина само една година, но енергијата со која започнавме да го градиме новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини веќе носи резултати.

Усвојувањето на новиот Закон за енергетика претставува темел на новата енергетска архитектура на државата. Со него обезбедуваме подобра регулација, транспарентност, конкурентност и, најважно, брза интеграција во европскиот енергетски пазар. Паралелно со тоа, веќе е во подготовка нов Закон за обновливи извори на енергија, со кој се отвораат вратите за инвестиции во соларна, ветерна, хидро и енергија од биомаса.

Горда сум што успеавме да реактивираме неколку стари проекти и да поттикнеме нови инвестиции во зелена енергија, особено во соларни електрани, ветропаркови и нови капацитети за складирање енергија – што е суштински чекор за зголемување на сигурноста и флексибилноста на системот.

Во следниот период, приоритет број еден ќе биде:

  • спроведување на пазарно поврзување (market coupling) со соседните држави, со што ќе обезбедиме поефикасно и поевтино снабдување;
  • декарбонизација на производството, односно постепено намалување на зависноста од јаглен и насочување кон чисти извори;
  • јакнење на рударскиот сектор, но врз основа на одржливост, контрола и социјална одговорност.

Нашата визија не е само техничка, туку системска, европска и одржлива. Ги поставуваме темелите за енергетска иднина што ќе биде стабилна, чиста и фер за сите граѓани.

2. Изминатиов период имавте значајни меѓународни активности и билатерални посети, а Скопје ќе биде домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој кој ќе се одржи од 28 до 30 октомври 2025 година. За првпат гледаме како во македонската надворешна политика се вклучува компонента која е популарно наречена „енергетска дипломатија“. Како го оценувате интересот на нашите меѓународни партнери за соработка со државата во енергетиката?

Сања Божиновска: Изминатиот период навистина беше исполнет со значајни меѓународни активности и билатерални посети, кои го потврдуваат сè поголемиот интерес на меѓународните партнери за соработка со нашата држава во областа на енергетиката. За првпат, како дел од македонската надворешна политика, активно се вклучува и компонентата на енергетска дипломатија – како суштински инструмент за градење на нови сојузништва, привлекување инвестиции и поттикнување на енергетската трансформација.

Во изминатиот период имав официјални средби и учествував на настани во Вашингтон, Брисел, Женева, Виена, Казахстан и Азербејџан, како и во рамките на активностите на Енергетската заедница. Како панелист сум редовен учесник на бројни меѓународни конференции кои ги третираат прашањата за енергетска безбедност, транзиција и климатска одржливост. Тоа ни овозможува да ја промовираме нашата агенда, да ги презентираме реформите и да градиме конкретни партнерства.

Особено важна е нашата секојдневна комуникација и тесна соработка со меѓународните финансиски институции, како Европската инвестициска банка (EIB), Европската банка за обнова и развој (EBRD), Светска банка (World Bank), германската KfW и Climate Investment Funds. Со нив работиме на финансирање на стратешки енергетски проекти, развој на обновливи извори, енергетска ефикасност, модернизација на мрежите и зајакнување на отпорноста на системот.

Скопје во октомври ќе биде и домаќин на значаен меѓународен енергетски настан – претстојниот 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој, кој ќе се одржи од 28 до 30 октомври 2025 година, под мотото: „Од цели до акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“. Настанот е организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на ОН. Со реализацијата на овој настан дополнително ја зацврстуваме позицијата на Македонија како активен чинител во регионалните и европските енергетски процеси.

Како држава имаме сериозен интерес, а јас лично сметам дека што поскоро треба да се отпочне дијалог со нашите американски сојузници, за снабдување со ЛНГ. Македонија мора да размислува во таа насока, ако сакаме сигурен, стабилен и безбеден извор на природен гас за своите потреби“.

3. Многу се пишуваше за изградбата на гасниот интерконектор со Грција – проект кој несомнено ќе ја засили стратешката позиција на Македонија. Во овој контекст, а имајќи ја предвид сè поголемата решителност на ЕУ да стави крај на снабдувањето со руски енергенси, дали сметате дека во догледен период Македонија може да се ослободи од зависноста од рускиот гас? Дали државата планира да започне дијалог со САД во однос на снабдување со ЛНГ преку терминалите во Грција?

Сања Божиновска: Главната цел на изградбата на гасоводната интерконекција Северна Македонија – Грција произлегува од стратешката заложба на двете држави да постигнат повисоко ниво на целокупна функционалност на енергетскиот систем, како и да обезбедат услови за значително поголема инфраструктурна и економска интеграција со соседните и останатите европски земји, притоа обезбедувајќи диверзификација на енергетските извори.

Како што знаете, на 17 јуни годинава, Европскиот парламент предложи Регулатива за постепено укинување на увозот на руски природен гас, подобрување на следењето на потенцијалните енергетски зависности и изменување на Регулативата (ЕУ) 2017/1938. Ова следеше по усвоениот Патоказ на Европската комисија од 6 мај 2025 година за целосно прекинување на увозот на руска енергија.

Според предложената Регулатива, од 1 јануари 2026 година ќе се забрани увоз на гас по сите договори склучени по 17 јуни 2025 година, а до крајот на 2027 година се предвидува целосно прекинување на увозот и по сите постојни договори. Во проценката на влијанијата се наведува дека преостанатите количини на гас можат постепено да се укинат без значително економско влијание или ризици за сигурноста на снабдувањето, имајќи ја предвид достапноста на алтернативни снабдувачи на светскиот пазар и постоечката инфраструктура на Унијата.

Во моментот, Македонија има само една гасна интерконекција – со Бугарија, преку која приближно 85% од гасот доаѓа од Русија. Без новата интерконекција со Грција, која се очекува да биде функционална во 2027 година, земјата нема техничка можност за алтернативно снабдување со ЛНГ од САД.

Сепак, тоа не ја исклучува можноста ова прашање да биде отворено во билатералната агенда. Како држава имаме сериозен интерес, а јас лично сметам дека што поскоро треба да се отпочне дијалог со нашите американски сојузници. САД се најголемиот извозник на ЛНГ во светот, а голем број европски држави веќе потпишуваат долгорочни договори за снабдување. Македонија мора да размислува во таа насока, ако сакаме сигурен, стабилен и безбеден извор на природен гас за своите потреби.

Тврдењата дека државата изгубила средства од Планот за раст во делот на енергетиката се целосно неточни и немаат основа во реалната состојба на процесите. Според официјалната документација усогласена со Европската комисија, средствата за нашата земја се обезбедени и остануваат достапни.

4. Во јавноста се тврди дека државата изгубила финансиски средства од Планот за раст во доменот на енергетиката поради ненавремено реализирани обврски. Дали е тоа навистина така? Може ли подетално да се осврнете на ова прашање?

Сања Божиновска: Тврдењата дека државата изгубила средства од Планот за раст во делот на енергетиката се целосно неточни и немаат основа во реалната состојба на процесите. Според официјалната документација усогласена со Европската комисија, средствата за нашата земја се обезбедени и остануваат достапни. Финалното одобрување на тие средства е со рок до јуни 2026 година – што значи дека институциите имаат доволно време да ги исполнат сите реформски чекори и да го искористат расположливото финансирање.

Сите активности поврзани со Планот за раст се спроведуваат транспарентно, во тесна координација со Европската комисија и Енергетската заедница. Министерството за енергетика е активно ангажирано во имплементација на клучните обврски, а секој чекор е документиран и подложен на редовна евалуација, согласно усогласените механизми.

Веќе постигнавме конкретни и суштински резултати:

  • Усвоен е новиот Закон за енергетика, кој е еден од клучните столбови на реформскиот процес и ги усогласува нашите политики со европското енергетско законодавство;
  • Назначен е национален оператор за пазарот на електрична енергија – голем чекор напред кон регионална интеграција;
  • Во делот на постепено укинување на државната интервенција во цената на струјата и реновирање на зградите на централната власт, пристапуваме со крајна внимателност – имајќи ја предвид економската реалност, социјалната состојба и куповната моќ на граѓаните.

Целта ни е реформите да бидат реални, одржливи и со позитивен ефект врз животниот стандард – а не да се спроведуваат набрзина и по секоја цена.

Да бидам децидна: граѓаните се и ќе останат приоритет. Нема да се дозволи зголемување на цената на електричната енергија, дури и ако тоа значи привремено пролонгирање на одредени точки од реформската агенда. Реформите мора да бидат издржани, темелни и во интерес на државата и граѓаните. Министерството ќе постапува одговорно и посветено.

Дали ќе има промена во цената ќе зависи од анализите што ги прави Регулаторната комисија во пресрет на новата тарифна година. Но, можам да ветам дека ќе направиме сè што е во наша надлежност за граѓаните да имаат сигурно и пристапно снабдување со електрична енергија.

5. Со донесувањето на новиот Закон за енергетика, јасно се дефинираа улогите и надлежностите на секој чинител во овој домен. Сепак, за обичниот граѓанин сè што е поврзано со енергетиката на некој начин се сведува на работењето само на Министерството за енергетика. Дали е тоа навистина така?

Сања Божиновска: Точна е перцепцијата дека за голем дел од граѓаните, сè што е поврзано со енергетиката се гледа низ призмата на Министерството за енергетика. Тоа е разбирливо, бидејќи ние сме институцијата што поставува стратегии, иницира политики и ја носи законската рамка. Но, енергетиката е сложен систем кој функционира преку усогласена работа на повеќе институции, компании и регулатори.

Со новиот Закон за енергетика, за првпат јасно се утврдени улогите на сите актери во системот:

  • Министерството е надлежно за креирање политики и спроведување на стратегиските цели;
  • Регулаторната комисија за енергетика носи независни одлуки за лиценцирање, цени и пазарни правила;
  • АД МЕПСО, како оператор на преносниот систем, е ставен под надлежност на Министерството, што овозможува подобра координација и управување со преносната инфраструктура;
  • АД ЕСМ, пак, согласно законот, не е под ингеренции на Министерството. Ние не смееме ниту директно ниту индиректно да учествуваме во нејзиното управување;
  • MEMO, како номиниран оператор на организираниот пазар, има посебна улога во развојот на конкурентен електричен пазар.

Така што, Министерството не е единствениот чинител, но е стратешки координатор кој обезбедува функционален, транспарентен и европски усогласен систем. Клучот за успех е институционалната, регулаторната и техничката соработка. Исто така, граѓаните мора да бидат информирани и вклучени – само така ќе изградиме систем што служи на јавниот интерес.

6. Последното прашање, но не помалку важно: дали очекувате зголемување на цената на струјата пред почетокот на зимската сезона? Што според Вас најмногу влијае на определувањето на цените на електричната енергија?

Сања Божиновска: Ви благодарам за прашањето. Сосема е разбирливо што оваа тема ги интересира сите граѓани.

Најпрво, сакам да појаснам дека Министерството за енергетика не одлучува за цените на струјата. Тоа е надлежност на Регулаторната комисија за енергетика, која работи како независно тело и врз основа на јавно утврдени методологии ги анализира реалните трошоци на компаниите во енергетскиот ланец.

Најголемо влијание врз цената на електричната енергија имаат:

  • цената на набавената енергија на слободниот пазар, особено кога домашното производство не е доволно и мора да се увезува;
  • трошоците на регулираните компании – како МЕПСО, дистрибутерот и универзалниот снабдувач;
  • глобалните енергетски движења, како што се цените на гасот и јагленот.

Во моментов, нашата задача е да обезбедиме стабилно домашно производство, навремена подготовка на енергетските капацитети и максимално искористување на обновливите извори, со цел да го намалиме увозот и притисокот врз цената.

Дали ќе има промена во цената ќе зависи од анализите што ги прави Регулаторната комисија во пресрет на новата тарифна година. Но, можам да ветам дека ќе направиме сè што е во наша надлежност за граѓаните да имаат сигурно и пристапно снабдување со електрична енергија. Затоа ја засилуваме домашната понуда и работиме на долгорочни и одржливи решенија.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads