ЕУ удира по руската енергетска мрежа – гасоводи, танкери и пари под блокада

Брисел. 19 јули 2025 – Европската Унија го објави и официјално го стави во сила 18-тиот пакет санкции против Руската Федерација, кој беше усвоен од Советот на ЕУ и оценет како „најстрог досега“.

Пакетот вклучува серија нови мерки со кои Брисел се обидува да го засили притисокот врз енергетскиот сектор на Русија и нејзината способност да ги заобиколува претходно воведените ограничувања преку т.н. „флота од сенка“ и посреднички држави.

Клучна новина е воведувањето на забрана за увоз на нафтени деривати во ЕУ кои се произведени во трети земји од руска сурова нафта. Иако е предвиден преоден рок од шест месеци, забраната, која ќе стапи во целост на сила на 21 јануари 2026 година, ќе ги погоди компаниите што користат посреднички рафинерии за прикривање на потеклото на суровината. Исклучоци се предвидени само за земји што веќе вовеле сопствено ембарго кон руската нафта, како САД, Канада, Велика Британија, Норвешка и Швајцарија.

РЕКЛАМА

Во исто време, ЕУ значително го намалува и ревидира механизамот за ценовен плафон на руската сурова нафта, кој од 3 септември 2025 година ќе изнесува 47,6 долари за барел, наместо досегашните 60. Новиот систем е автоматизиран и динамичен, цената ќе се прилагодува на секои шест месеци и ќе биде поставена 15% под просечната пазарна цена на руската нафта Urals во изминатите шест месеци.

Целта, според Европската комисија, е да се осигура предвидливост за операторите, а истовремено да се намалат приходите на Русија од продажба на енергенси.

Паралелно со ова, ЕУ го прошири списокот на санкционирани бродови со дополнителни 105 пловила, со што вкупната бројка достигна 444. Станува збор за танкери и бродови за нафтени деривати, најчесто регистрирани под знамиња на Панама, Палау, Коморските Острови, Сент Китс и Невис, Гвинеја-Бисау и други мали јурисдикции, за кои ЕУ има докази дека се користат за транспортирање руска нафта со цел да се заобиколат санкциите и ценовниот таван. Меѓу нив се и неколку LNG-танкери, како и бродови што оперираат под руско знаме.

Дел од пловилата веќе имаат извршено промена на името и знамето за да се скријат од санкции. ЕУ оваа мерка ја надгради со санкции кон целиот синџир што го поддржува овој транспорт од сенка, вклучително и првпат против регистратори на бродови, како Intershipping Services од ОАЕ, кој управува со регистрите на Габон и Коморските Острови, каде се регистрирани голем број проблематични бродови.

Покрај ова, санкции добија и компании од Азербејџан, Сингапур и Маурициус, како и групацијата 2Rivers (поранешна Coral Energy), која, според ЕУ, игра централна улога во трговијата со руска нафта и управува со значителен дел од флотата во сенка.

Во удар без преседан, ЕУ воведе и целосна забрана за какви било трансакции поврзани со гасоводите Северен поток-1 и Северен поток-2, вклучително и за одржување, поправки, правни постапки или реструктурирање на операторите. Забраната не важи само во случаи на итни интервенции за заштита на животната средина, здравјето или безбедноста. Иако гасоводите не функционираат од 2022 година, ЕУ со оваа одлука ја блокира секоја можност за нивно активирање во иднина, дури и ако се реши судбината на операторот Nord Stream 2 AG. Одлуката следи по обидите за рестартирање на преостанатата линија на Северен поток-2 и најавите за можна купопродажба од страна на американски инвеститор.

Санкциите се проширени и кон рускиот банкарски сектор, каде се опфатени 22 нови институции, меѓу кои и Т-банк, Ozon Bank и Дом.РФ. Наместо исклучување од SWIFT, ЕУ применува забрана за вршење трансакции, што практично ги отсекува овие банки од европските финансиски текови. Меѓу новите целни објекти се и компании како Nayara Energy од Индија – еден од најголемите преработувачи на руска нафта во Азија, во кој Роснефт поседува речиси половина од сопственоста, како и ЈАТЕК од Јакутија, која развива амбициозен проект за извоз на течен природен гас кон Азија.

Севкупно, 18-тиот пакет санкции ја проширува листата со 14 нови физички и 41 правна лица. Брисел испраќа јасна порака дека ќе ги следи и санкционира сите форми на заобиколување на рестрикциите, а ударот врз сенковната логистика и преработка на енергенси сугерира дека фокусот на ЕУ е не само врз самата Русија, туку и врз глобалните мрежи што ја поддржуваат.

Извор: Европска Комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads