Белград. 26 април 2025 — Српската нафтена компанија НИС, која е во мнозинска сопственост на руските компании Гаспром Њефт и Гаспром, обезбеди трето ослободување од санкции од страна на Соединетите Американски Држави, соопшти денеска претседателот Александар Вучиќ.
Вучиќ на социјалната мрежа Инстаграм истакна дека Србија успеала да обезбеди ново ослободување од санкциите, овој пат во траење од два месеци, до 27 јуни, и изрази благодарност до американските партнери за разбирањето на српската позиција.
Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД воведе санкции за рускиот нафтен сектор на 10 јануари, давајќи ѝ на Газпром Њефт рок од 45 дена да го повлече своето учество во НИС.
НИС управува со единствената нафтена рафинерија во Србија, со годишен капацитет од 4,8 милиони тони, покривајќи најголем дел од потребите на земјата. Воведувањето санкции би го прекинало снабдувањето со сурова нафта. Досега, Србија и НИС успеаја да обезбедат две едномесечни ослободувања од санкции, при што второто истекува на 28 април. Ова е првпат да се добие двомесечно ослободување.
Во обид да избегне санкции, на 26 февруари Газпром Њефт пренесе околу 5,15% од својот удел во НИС на Газпром. Денес, Газпром Њефт поседува 44,85% од НИС, Газпром 11,3%, додека српската влада држи 29,87%, а останатите акции се во сопственост на мали акционери.
НИС увезува околу 80% од суровата нафта преку хрватскиот нафтовод ЈАНАФ, а остатокот го покрива со домашно производство.
Извор: Ројтерс