ТЕЦ „Неготино“ се подготвува за рестарт, ЕСМ обезбедува мазут и јаглен

ТЕЦ „Неготино“ би можела повторно да биде вклучена во производството на електрична енергија, со проценета производна цена од 170 до 175 евра за мегават-час, додека паралелно се подготвува и почетокот на транспортот на три милиони тони јаглен од Косово во наредните три години за потребите на домашните термоелектрани.

Премиерот Христијан Мицкоски во текот на викендот во Делчево соопшти дека Владата и раководството на АД ЕСМ подготвиле финансиски модел за оптимално користење на домашните производствени капацитети, кој ги опфаќа ТЕЦ „Неготино“, РЕК „Битола“, РЕК „Осломеј“ и хидроелектраните.

Според пресметките што ги презентираше премиерот, производството во ТЕЦ „Неготино“, која користи мазут, би чинело меѓу 170 и 175 евра за мегават-час. Мицкоски посочи дека во одредени периоди берзанските цени на електричната енергија достигнуваат од 400 до 500 евра за мегават-час, што, според него, остава простор за економски оправдано активирање на централата.

РЕКЛАМА

Финансискиот модел предвидува ЕСМ да ги искористи периодите со повисоки пазарни цени за остварување приходи, со кои би се компензирале евентуалните загуби во текот на декември и јануари. Во планирањето се вклучени и очекувањата за поволни хидролошки услови, кои би овозможиле дополнително производство од хидроцентралите и подобрување на финансискиот резултат во наредните месеци.

За обезбедување гориво за ТЕЦ „Неготино“, ЕСМ веќе објави јавен повик за набавка на околу 45.000 тони мазут, со проценета вредност од 42,6 милиони евра со ДДВ. Отворањето на понудите е предвидено за 24 ноември. Планирано е мазутот да се транспортира од пристаништето во Солун до електраната со железница, за што се подготвува и оспособување на железничкиот крак.

Паралелно со подготовките за Неготино, се интензивираат и активностите за обезбедување јаглен од Косово за потребите на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“. Договорот меѓу АД ЕСМ и косовската енергетска корпорација КЕК, потпишан во август, предвидува во период од три години да бидат обезбедени вкупно три милиони тони јаглен од рудникот во Обилиќ, по фиксна цена од 24,4 евра за тон. Основната вредност на договорот изнесува 73,2 милиони евра, без трошоците за ископување и транспорт.

Мицкоски најави дека транспортот треба да започне наскоро, оценувајќи дека договорената цена е поповолна во споредба со цените по кои јагленот во моментов се набавува од други соседни земји.

За реализација на договорените количини се планира и зголемување на транспортните капацитети на граничните премини. Претходните најави на ЕСМ беа дека дневно би се транспортирале повеќе од 6.000 тони јаглен, со ангажирање дополнителен граничен премин и околу 200 камиони дневно, покрај транспортот преку постојниот премин Блаце. Според проценките на компанијата, користењето на косовскиот јаглен би можело да обезбеди дополнително годишно производство од околу 800 гигават-часови електрична енергија.

Повторното активирање на ТЕЦ „Неготино“ и обезбедувањето дополнителни количества јаглен се дел од пошироките подготовки на ЕСМ за зголемување на домашното производство и поефикасно управување со производственото портфолио во текот на годината. Засега, меѓутоа, не се соопштени конкретни датуми за повторното вклучување на Неготино и пристигнувањето на првите пратки јаглен од Косово.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил