COP31 заврши без голем климатски договор поради поделбите околу фосилните горива и финансирањето

Светските лидери и преговарачите на климатската конференција на Обединетите нации COP31 во Турција не успеаја да постигнат нов значаен договор за справување со климатските промени, поради длабоките несогласувања околу иднината на фосилните горива и финансиската поддршка за земјите во развој.

Преговорите, кои требаше да завршат во петокот, продолжија до недела, што ја направи COP31 најдолгата климатска конференција во историјата на ОН. Сепак, конечниот предлог не доби поддршка од Европската Унија, пацифичките островски држави и други земји, бидејќи во текстот немаше директно споменување на фосилните горива – јагленот, нафтата и природниот гас, кои се главен извор на емисиите што го предизвикуваат глобалното затоплување.

Претставникот на ЕУ, ирскиот министер за енергетика Дара О’Брајан, оцени дека договорот е далеку од потребното ниво на амбиција за справување со климатската криза. Тој истакна дека е неприфатливо климатскиот договор да не содржи ниту едно директно споменување на фосилните горива.

РЕКЛАМА

Од друга страна, повеќе земји во развој го оспорија изостанувањето конкретни финансиски обврски од побогатите држави за поддршка на адаптацијата кон климатските промени, вклучително и справувањето со сè поинтензивните топлотни бранови и суши.

На минатогодишната конференција COP30 во Бразил беше постигнат договор за тројно зголемување на средствата наменети за адаптација, но во завршниот текст од овогодишната конференција не беа наведени конкретни финансиски износи ниту основа според која би се мерел напредокот во исполнувањето на обврската.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази длабоко разочарување од исходот на преговорите, предупредувајќи на влијанието на моќните интереси поврзани со фосилните горива врз климатските политики.

И покрај неуспехот да се постигне главниот политички договор, на конференцијата беше остварен напредок во неколку области. Меѓу нив е механизмот за праведна транзиција, кој треба да обезбеди поддршка за работниците и заедниците во процесот на премин кон почиста енергија.

Претседателот на преговорите, австралискиот министер Крис Боуен, соопшти и дека повеќе од 80 земји ја поддржале целта на Турција до 2035 година уделот на електричната енергија во глобалната потрошувачка на енергија да достигне 35 отсто.

Конференцијата се одржа во период кога климатските последици стануваат сè поизразени, а целта од Парискиот договор за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 Целзиусови степени станува сè потешко остварлива. Според Обединетите нации, со сегашните политики на владите, светот се движи кон затоплување од околу 2,8 степени до крајот на векот.

Се очекува светот во следните неколку години да ја надмине границата од 1,5 степени, што отвора прашања за можноста таа цел подоцна повторно да се достигне преку отстранување на јаглеродниот диоксид од атмосферата.

Неуспехот во постигнувањето консензус повторно ја отвори и дебатата за ефикасноста на процесот на климатски преговори на ОН, кој се потпира на едногласна поддршка од земјите учеснички.

Шефот на климатската агенда на ОН, Сајмон Стил, најави дека ќе побара мислења за можни реформи на преговарачкиот процес, но нагласи дека и покрај денешниот неуспех, меѓународната соработка за климатските промени мора да продолжи.

Следната климатска конференција COP32 е планирана за ноември 2027 година во Етиопија.

Извор: BBC.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил