Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, очекува евентуалното поскапување на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари да биде симболично и да се движи од 2 до 3%, додека цената на парното греење би можела да се зголеми за 6 до 8%. Тој најави дека РКЕ нема да одобри зголемување на цената за пренос на електрична енергија што го бара МЕПСО, оценувајќи дека предложеното поскапување од 97% е неоправдано.
Во гостувањето во емисијата „Тема на денот“, Ристов посочи дека сите компании од енергетскиот сектор ги доставиле своите финансиски и технички барања до РКЕ, а регулаторот ги анализира пресметките и до крајот на годината треба да ги донесе одлуките за цените и тарифите што ќе важат од 1 јануари, во рамки на новиот тригодишен регулаторен период.
„Сите бараат зголемување поради случувањата во енергетскиот сектор, растот на цените на енергенсите и ресурсите. Но, ние сме тука да направиме компромис меѓу барањата на компаниите и интересот на граѓаните“, рече Ристов.
Во однос на барањето на МЕПСО за зголемување на цената за пренос за 97%, тој беше дециден дека такво поскапување нема да биде одобрено. Објасни дека очекуваното намалување на транзитот на електрична енергија низ земјава во 2027 година не значи и соодветно намалување на вкупната потрошувачка, па затоа не гледа оправданост за зголемување на тарифата за пренос.
Ристов нагласи дека РКЕ ги оценува оправданите трошоци, загубите, инвестициите и енергетските текови на компаниите, но не навлегува во нивното внатрешно управување.
Можно поскапување на струјата од 2 до 3%
Во однос на крајната цена на електричната енергија за домаќинствата, Ристов појасни дека таа зависи од три компоненти – преносот преку МЕПСО, дистрибуцијата и снабдувањето со електрична енергија од универзалниот снабдувач.
Откако најави дека кај МЕПСО нема да има зголемување, тој посочи дека клучни за конечната одлука остануваат трошоците на дистрибутивната мрежа, особено набавката на електрична енергија за покривање на загубите.
Според Ристов, оваа година 70% од потребната електрична енергија за покривање на загубите се обезбедува преку ЕСМ по договорена цена, додека преостанатите 30% дистрибутерот треба да ги набави на слободниот пазар.
Како можност за ограничување на трошоците, тој го посочи моделот што го разгледуваат Владата, РКЕ и МЕМО, со кој дистрибутерот би можел да ја набавува електричната енергија од домашните обновливи извори за покривање на загубите.
Ристов информираше дека на пробната аукција за набавка на електрична енергија за оваа намена била постигната цена од 380 евра за мегават-час, поради што постапката била поништена.
„Најверојатно ќе има поскапување од рангот од 2 до 3%, но како регулатор бараме начин и овие евентуални мали проценти да ги прераспределиме во тарифните модели за да бидат поправични“, рече Ристов.
Нов модел за мрежарината – поголема поврзаност со потрошувачката
РКЕ работи и на промена на моделот за пресметување на мрежарината, која беше воведена како паушален надомест во периодот на енергетската криза.
Според најавите на Ристов, новиот модел ќе предвидува фиксен дел, кој би бил значително понизок од сегашниот, и варијабилен дел што ќе зависи од количината на потрошена електрична енергија.
Целта е трошокот за користење на електродистрибутивната мрежа да биде поправично распределен меѓу потрошувачите, наместо сите да плаќаат ист износ без оглед на потрошувачката.
Тој најави дека во првите два тарифни блока би имало намалување на надоместокот, додека кај потрошувачите со поголема потрошувачка, особено во третиот и четвртиот блок, би имало зголемување.
„Не е правично сите да плаќаме исто, а да не трошиме исто од мрежата. Оние што се во категоријата на енергетска сиромаштија треба навистина да почувствуваат намалување, додека оние што трошат 3.000, 4.000 или 5.000 киловат-часови треба да плаќаат повеќе“, истакна Ристов.
Парното може да поскапи до 8%, наместо бараните 450%
РКЕ во понеделник ќе ја разгледува и цената на топлинската енергија, откако компаниите побарале зголемување од дури 450%.
Ристов оцени дека ваквото барање е апсолутно неприфатливо, иако повисоките цени на природниот гас имаат влијание врз трошоците за производство на топлинска енергија.
Тој објасни дека актуелната цена на парното е пресметана врз основа на цена на гасот од околу 40 евра за мегават-час, додека последните набавки се реализираат по цени од 89 до 90 евра.
Според него, тоа мора да има одредено влијание врз цената, но не во обемот што го бараат компаниите. По усогласувањето меѓу Владата и ЕСМ, се очекува поскапувањето да биде во рамки од 6 до 8%, при што разликата во однос на доставените барања би се ублажила со субвенционирање.
РКЕ најавува регулирање на цените на полначите за електрични возила
Говорејќи за електромобилноста, Ристов оцени дека Македонија значително доцни со развојот на инфраструктурата за полнење електрични возила, што го забавува и ширењето на овој вид транспорт.
Со новиот Закон за обновливи извори на енергија за првпат се уредува поставувањето, работењето и управувањето со јавно достапните полначи. Тој најави дека наскоро ќе бидат објавени аукции за избор на оператори кои ќе поставуваат и ќе управуваат со полначи на однапред утврдени локации.
РКЕ, пак, размислува да воведе регулирање на максималната цена за полнење електрични возила, по примерот на регулирањето на максималните цени на нафтените деривати.
Ристов предупреди дека во моментов постојат полначи кои работат надвор од соодветниот регулаторен систем, без јасно утврдени услови за нивното поставување и формирање на цените.
Тој оцени дека за развој на електромобилноста не е доволно само воспоставување инфраструктура, туку е потребна и државна стратегија со конкретни цели за учеството на електричните возила, како и соодветни субвенции.
Регионализација на водоснабдувањето и дигитализација
Осврнувајќи се на водоснабдувањето, Ристов предупреди дека јавните претпријатија се соочуваат со сериозни проблеми, особено поради високите загуби на вода, кои кај одредени претпријатија достигнуваат и до 90%.
Како едно од можните решенија тој ја посочи регионализацијата на водоснабдителните системи, односно формирање регионални јавни претпријатија со обединети ресурси и управување.
Според него, неопходно е државата да одлучи дали водоснабдувањето ќе остане во надлежност на локалната самоуправа или ќе се организира на регионално ниво, но во секој случај се потребни суштински промени во работењето на претпријатијата.
Ристов најави и дека РКЕ доставила до Владата барање за дигитализација на енергетскиот сектор, со план за воведување паметни броила во следните десет години, што треба да придонесе за намалување на загубите и модернизација на тарифните модели.
На крајот од гостувањето, тој порача дека проектот „Чебрен“ и хидроенергетскиот потенцијал на земјава имаат иднина, но дека Македонија веќе изгубила многу време.
„Јас би рекол дека требаше да почнеме пред десет години. Веќе е доцна. Кога ние зборуваме по 20 години за еден проект, а другите го градат за три години, не одиме никаде. Или почнуваме да градиме веднаш, или другите ќе изградат енергетски објекти, а ние ќе останеме зависни од увоз на електрична енергија“, порача Ристов.
Енергетика 24
