Бугарија ги разгледува можностите за изградба на мали модуларни нуклеарни реактори БВРX-300

Државната електроенергетска компанија на Бугарија, Национална електрическа компанија (НЕК), потпиша меморандум за разбирање со полската компанија СГЕ и бугарската Блу Бирд Енерџи за разгледување на можностите за изградба на мали модуларни нуклеарни реактори од типот БВРX-300 во земјата.

Договорот беше потпишан во присуство на бугарската министерка за енергетика Ива Петрова, а предвидува заедничка процена на потенцијалните локации, моделите за финансирање и реализација на проектите, како и условите за лиценцирање и регулаторната рамка потребна за воведување на оваа технологија.

Со меморандумот се проширува соработката меѓу СГЕ, поранешна Синтос Грин Енерџи, и Блу Бирд Енерџи, која започна со писмо за намери потпишано минатата година. СГЕ има улога на ексклузивен регионален партнер на ЏЕ Вернова Хитачи Нуклеар Енерџи за технологијата БВРX-300 во голем дел од Централна и Источна Европа, со проекти што се развиваат, меѓу другото, во Полска и Велика Британија.

РЕКЛАМА

Извршниот директор на НЕК, Георги Добрев, изјави дека соработката треба да овозможи процена на техничкиот, економскиот и комерцијалниот потенцијал на малите модуларни реактори, како и нивниот можен придонес во идниот енергетски микс на Бугарија.

Според него, разгледувањето на новите нуклеарни технологии е дел од напорите за зајакнување на енергетската сигурност, зголемување на конкурентноста на индустријата и задржување на позицијата на Бугарија како значаен производител на електрична енергија во Југоисточна Европа.

Нуклеарната енергија останува важен столб на бугарското производство

Бугарија во моментов има една нуклеарна централа – Козлодуј, со два реактори во функција, со вкупна инсталирана моќност од 1.760 мегавати. Реакторите од петтиот и шестиот блок, од типот ВВЕР-1000, беа приклучени на мрежата во 1987 и 1991 година и по програмите за модернизација и продолжување на работниот век се предвидени да работат до 60 години. Нуклеарната енергија обезбедува околу една третина од вкупното производство на електрична енергија во земјата.

Покрај малите модуларни реактори, Бугарија планира и изградба на два нови нуклеарни блока со американската технологија АП1000 на Вестингхаус. Се очекува седмиот блок на Козлодуј да биде пуштен во употреба во 2035 година, а осмиот во 2037 година. Нивната заедничка моќност ќе изнесува 2.300 мегавати.

Бугарските власти најавија и потреба од дополнителни нуклеарни капацитети до 2050 година, со цел да се обезбеди замена за постојните петти и шести блокови.

Првиот реактор БВРX-300 се гради во Канада

БВРX-300 е мал модуларен нуклеарен реактор со електрична моќност од 300 мегавати, кој користи вода за ладење и природна циркулација, како и пасивни безбедносни системи.

Технологијата е развиена од ЏЕ Вернова Хитачи Нуклеар Енерџи и се потпира на решенија од нивниот реактор со врела вода ЕССБВР, чиј дизајн е сертифициран од американската Нуклеарна регулаторна комисија.

Првиот реактор од овој тип е во изградба во нуклеарната централа Дарлингтон во Канада, а неговото завршување се очекува кон крајот на оваа деценија.

Меморандумот со НЕК засега не претставува конечна одлука за изградба на вакви реактори во Бугарија, туку почеток на процена на можностите за нивно идно воведување во националниот енергетски систем.

Извор: World-nuclear-news.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил