Љубљана тестира батериски трамвај без шини, ќе превезува до 250 патници

Јавното сообраќајно претпријатие во Љубљана (ЛПП) вчера започна со тестирање на батериско возило налик на трамвај, кое се движи по патиштата без шини и има капацитет за превоз на 250 патници.

Возилото, долго 30 метри, произведено од кинеската компанија ЦРРЦ, ќе сообраќа на релацијата од Барјанска цеста, преку Словенска и Дуњајска цеста и Линхартова, до гробиштата Жале.

Во првата фаза тестирањето ќе се одвива без патници, а целта е да се проверат маневрирањето и движењето на возилото низ градските улици. Пробните возења ќе се организираат надвор од периодите на најголема сообраќајна оптовареност, соопштија од Градската управа на Љубљана.

РЕКЛАМА

Директорот на ЛПП, Рок Вихар, објасни дека маршрутата е избрана поради можноста за користење подолги непрекинати делници од жолтите ленти наменети за јавниот превоз.

Возилото се движи на гумени тркала, а опремено е со камери, сензори, ласерски систем Лидар и сателитска навигација, кои овозможуваат автоматско следење на однапред означена траса, односно таканаречена виртуелна шина. Оваа функција нема да се користи во текот на пробниот период.

Тестирањето е дел од подготовките за воведување систем на брз автобуски превоз (БРТ), со кој градските власти сакаат да го зголемат капацитетот на јавниот превоз и да го скратат времето на патување.

Сепак, проектот предизвика реакции кај Љубљанската иницијатива за трамвај, од каде што сметаат дека возилото не треба да се нарекува трамвај, бидејќи нема шини и во суштина претставува автобус.

Според иницијативата, ваквиот проект не ги обезбедува клучните предности на вистинскиот трамвајски систем, додека најавеното проширување на жолтите ленти не е доволно за воспоставување ефикасен систем на брз автобуски превоз.

Оттаму посочуваат дека лентите поставени покрај работ на коловозот често се прекинуваат, особено пред раскрсниците, а во нив влегуваат и возила што свртуваат надесно. Тоа може да ја ограничи предноста на јавниот превоз и да создаде дополнителни проблеми за долгото батериско возило при престројување, вклучување во сообраќајот и минување низ сложени раскрсници.

Извор: Nas-stik.si

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил