ENTSO-E со нова стратегија за посигурен, поконкурентен и декарбонизиран европски електроенергетски систем

Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија (ENTSO-E) објави нова стратегија со која се утврдуваат приоритетите за развој на европскиот електроенергетски систем, со фокус на енергетската сигурност, конкурентноста, достапноста на електричната енергија и декарбонизацијата.

Стратегијата доаѓа во услови на големи промени во европскиот енергетски сектор, поттикнати од декарбонизацијата, растечката електрификација и потребата од зајакнување на енергетската безбедност. Зголемената побарувачка за електрична енергија, екстремните временски услови, како и ризиците од физички и сајбер-напади, бараат посилна координација меѓу европските оператори на преносните системи.

Претседателот на ENTSO-E, Збинек Болдиш, нагласи дека сигурниот, отпорен и меѓусебно поврзан електроенергетски систем, поддржан од соработка меѓу земјите, е поважен од кога било.

РЕКЛАМА

Претседателот на Управниот одбор на организацијата, Демијан Кортинас, посочи дека стратегијата воспоставува заедничка насока за европските оператори и ги насочува кон областите во кои координацијата на европско ниво може да донесе најголема корист за економијата и општеството.

Стратегијата се заснова на три главни цели: сигурност на снабдувањето, конкурентност и достапност на електричната енергија, како и декарбонизација.

За нивно остварување се утврдени пет приоритетни области. Тие опфаќаат зајакнување на сигурноста на електроенергетскиот систем, вклучително и сигурноста на снабдувањето и заштитата од физички и сајбер-закани; развој на мрежата и приклучување на нови капацитети; обезбедување доволно производствени капацитети и флексибилност; управување со идниот електроенергетски систем; како и интеграција и транспарентност на пазарите.

Од ENTSO-E наведуваат дека досегашното поврзување на европските електроенергетски системи веќе ги покажува придобивките од прекуграничната соработка. Од објавувањето на првиот Десетгодишен план за развој на мрежата во 2010 година, во 25 земји членки на ЕУ е воспоставена најмалку една дополнителна интерконекција со соседна земја.

„Електроенергетскиот систем на Европа веќе ја потврдува вредноста на прекуграничната соработка“, изјави генералната секретарка на ENTSO-E, Соња Тухиг.

Новата стратегија ќе служи како рамка за заедничката работа на ENTSO-E и нејзините членки во справувањето со можностите и предизвиците што ги носи трансформацијата на европскиот електроенергетски систем.

ENTSO-E е здружение за соработка на европските оператори на преносните системи за електрична енергија. Нејзините 40 членки, кои претставуваат 36 земји, се одговорни за сигурното и координирано функционирање на најголемата меѓусебно поврзана електроенергетска мрежа во светот.

Целосната стратегија и нејзините приоритети се достапни на веб-страницата на ENTSO-E.

Извор: Entsoe.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Add a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *