Побарувачката за електрична енергија во Европа повторно расте по повеќе години опаѓање, поттикната од ширењето на електричните возила, климатизацијата и изградбата на центри за податоци, а овој тренд се очекува да се засили со преминот од фосилни горива кон електрична енергија, објави „Блумберг“, повикувајќи се на анализи на „БлумбергНЕФ“.
По долгогодишниот пад на потрошувачката, дел од најголемите европски економии во изминатата година бележат раст на побарувачката за струја. Податоците на „БлумбергНЕФ“, приспособени за влијанието на временските услови, покажуваат зголемување во голем број месеци во Германија, Италија и Шпанија. Истовремено, податоците на истражувачкиот центар „Ембер“ укажуваат на поширок тренд на раст на потрошувачката во Европската Унија.

Според податоците на „БлумбергНЕФ“, побарувачката за електрична енергија во ЕУ се намалила за околу 9% во 15-годишниот период до 2023 година. Сега тој тренд почнува да се менува. Септември бил 13-тиот последователен месец во кој потрошувачката во Унијата била повисока отколку во истиот месец претходната година, што е најдолг таков период најмалку од 2018 година, покажуваат податоците на „Ембер“.
„Сè поголем дел од енергијата се користи во форма на електрична енергија, па дури и кога вкупната потрошувачка на енергија се намалува, побарувачката за струја расте. Тоа е незапирлив процес што ќе продолжи со децении“, изјави Пер Лекандер, извршен директор на лондонскиот инвестициски фонд „Clean Energy Transition“.
Еден од факторите што ќе придонесат за растот се центрите за податоци, чија потрошувачка се очекува значително да се зголеми со ширењето на дигиталните услуги и вештачката интелигенција. Според проценките на „БлумбергНЕФ“, вкупниот електричен капацитет на европските центри за податоци би можел да се удвои и да надмине 30 гигавати до 2032 година, а до 2035 година да достигне околу 39 гигавати.
Земјите што располагаат со релативно евтина електрична енергија со ниски емисии, како Финска и Шпанија, се очекува да привлечат поголем дел од новите инвестиции во центри за податоци.
„Се појавуваат нови извори на побарувачка. Растот засега не е особено изразен, но нашата генерална проценка е дека побарувачката ќе се зголемува“, изјави аналитичарот на „БлумбергНЕФ“, Арнју Тан.
Иако растот на потрошувачката може да поттикне инвестиции во нови ветерни и соларни електрани, истовремено се зголемува притисокот врз електроенергетската инфраструктура. Европските мрежи веќе се соочуваат со тешкотии да го следат темпото на изградба на нови капацитети од обновливи извори, а дополнителната побарувачка ќе ја зголеми потребата од нивно проширување и модернизација.
Предизвикот е особено изразен во периодите кога производството од ветерните и соларните електрани е недоволно за да ги задоволи потребите. Без соодветна инфраструктура за пренос и дистрибуција, дополнителните капацитети за производство не секогаш можат да обезбедат електрична енергија таму каде што е потребна.
Сепак, вкупната потрошувачка на електрична енергија во Европа и натаму е значително под историските нивоа, пред сè поради ослабената индустриска активност во големите економии, меѓу кои и Германија. На движењето на побарувачката може да влијаат и високите цени на гасот, кои ги зголемуваат трошоците за производство на електрична енергија.
Дополнителен ризик претставува нарушеното снабдување од Персискиот Залив поради војната со Иран. Извозот од регионот, кој минатата година обезбедувал околу една петтина од светската понуда на гас, е нарушен, а европските залихи на гас пред зимата се на сезонски ниско ниво. Тоа ја зголемува изложеноста на пазарот на нови ценовни скокови со растот на побарувачката за греење.
Енергетската неизвесност дополнително ја засилува дебатата за намалување на зависноста од увоз на нафта и гас и за побрза електрификација на транспортот, индустријата и другите сектори.
„Поголемиот дел од светот нема значителни сопствени резерви на нафта и гас. Луѓето сè повеќе се загрижени поради нестабилноста“, изјави енергетскиот стратег на „Ембер“, Кингсмил Бонд.
Растот на побарувачката така отвора нови можности за инвестиции во обновливи извори и складирање енергија, но истовремено ја нагласува потребата од побрзо зајакнување на електроенергетските мрежи, за тие да можат сигурно да ги задоволат идните потреби.
Извор: Finance.yahoo.com
