Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска во Виена го започна учеството во меѓународната програма „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“, во рамки на која учествуваше на сесија посветена на оперативното управување со кризи и оствари средби со високи претставници на австриски институции.
Во фокусот на првиот ден беше и унапредувањето на односите меѓу Македонија и Австрија во областа на енергетиката. Божиновска оствари работна средба со Северин Грубер, генерален секретар на Сојузното министерство за економија, енергетика и туризам на Австрија.

На средбата беа разменети мислења за билатералните и економските односи, актуелните прашања во енергетиката и процесите на енергетска транзиција, како и за можностите за продлабочување на контактите и размена на искуства во енергетскиот сектор.
Како дел од програмата, Божиновска оствари и работен ручек со директорот на Дипломатската академија на Виена, амбасадорот Мартин Ајхтингер. Во фокусот на разговорот беа лидерството, јавната служба и значењето на меѓународната размена на искуства.
„Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“ е извршна програма на Дипломатската академија на Виена, која ги поврзува жените на лидерски позиции од регионот и е насочена кон зајакнување на лидерските капацитети и размена на искуства за современите предизвици во јавниот сектор.
Во продолжение на престојот во Виена, министерката Божиновска ќе има обраќање пред студентите на Дипломатската академија на Виена и ќе одржи предавање посветено на енергетската транзиција и актуелните состојби во енергетскиот сектор во Македонија. Пред студентите ќе бидат презентирани клучните процеси во енергетиката, развојот на обновливите извори на енергија, модернизацијата на инфраструктурата, енергетската сигурност и регионалното поврзување.
Со учеството во програмата и работната агенда во Виена, Министерството продолжува со активно меѓународно позиционирање на македонските енергетски приоритети и отворање простор за нови партнерства и размена на искуства.
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
