Мицкоски: Македонија е енергетски стабилна, следната недела се очекува поевтинување на горивата

Премиерот Христијан Мицкоски очекува следната недела да има ново намалување на цените на дизелот и бензинот, а Владата паралелно преговара со „Окта“ за дополнителен попуст. Тој денеска порача дека државата е енергетски стабилна и подготвена за претстојната грејна сезона, додека до крајот на октомври најави и нов ребаланс на Буџетот поради намалените приходи од акцизите и ДДВ за горивата.

„Очекувам, според анализата на берзите како се движеа минатата недела, да имаме поевтинување на дизелот и бензинот следна недела, бидејќи тоа во Владата го анализираме и го следиме, но тоа ќе си го каже Регулаторна комисија за енергетика“, изјави Мицкоски.

Премиерот информираше дека Владата разговара и со најголемиот снабдувач со нафта и нафтени деривати, „Окта“, за дополнително намалување на цените.

РЕКЛАМА

„Преговараме со најголемиот снабдувач на нафта и нафтени деривати, пред сè мислам дизел гориво и безоловни горива, Oкта, за дополнителен попуст, со што ќе бидеме убедливо држава со најниска цена на горивото во регионот, а можеби и најниска и во Европа“, рече премиерот Мицкоски.

Во однос на снабдувањето со енергенси, Мицкоски оцени дека земјата ја дочекува зимата со обезбедени количини и договори со снабдувачите најмалку до Нова година. Според него, ремонтите на термоблоковите во РЕК „Битола“ и „Осломеј“ се во завршна фаза или ќе бидат завршени до крајот на месецот.

„Државата енергетски е стабилна и апсолутно подготвена за претстојната грејна сезона“, порача Мицкоски.

Хидропотенцијалот во моментов е околу 40% од капацитетот, а премиерот очекува со есенските и зимските врнежи акумулациите да достигнат меѓу 80 и 85% за следната сезона за наводнување. Како предизвик во текот на зимата го посочи аерозагадувањето поради употребата на нееколошки горива за затоплување.

Во Скопје, пак, по летните санации на топловодната мрежа се очекува значително намалување на загубите на вода, односно нивно преполовување.

Мицкоски се осврна и на можноста за промена на моделот на дневната евтина тарифа за електрична енергија, во услови на зголемено производство од фотоволтаици во текот на денот. Тој оцени дека евтината тарифа во одредени периоди би можела да се прошири во дневните часови, но нагласи дека конечната одлука е во надлежност на РКЕ.

„Ако ме прашате лично, како човек од фелата, мислам дека во одредени периоди од годината проширувањето на дневната евтина тарифа можеби ќе биде попродуктивно за граѓаните отколку сегашниот модел. Сепак, тоа ќе го каже Регулаторната комисија по нивните анализи“, порача премиерот.

Оваа идеја претходно ја образложи и претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, според кого промените во производството на електрична енергија, особено зголеменото производство од фотоволтаици во дневните часови, отвораат простор за преиспитување на сегашниот распоред на евтината тарифа.

Во однос на горивата, Мицкоски најави и нов ребаланс на Буџетот во текот на октомври. Причината се очекуваните помали приходи од акцизите и ДДВ поради мерките за намалување на товарот врз цените на горивата.

„Само по основ на акциза проценките се дека ќе недостигаат околу пет милијарди денари. Ако на тоа се додаде и стапката на данокот на додадена вредност, посебно за дизел горивото којашто е намалена, доаѓаме до бројка од 7–8 милијарди денари, којашто не може да биде покриена со прераспределба, ќе мора формално да се направи таков ребаланс“, објасни тој.

Според Мицкоски, приоритет останува заштитата на стандардот на граѓаните, додека со новиот ребаланс ќе се усогласат приходната и расходната страна на Буџетот.

Најавата за можно поевтинување на горивата доаѓа во услови кога РКЕ ги следи движењата на светските берзи и ги утврдува максималните малопродажни цени на нафтените деривати. Конечната одлука за цените за следниот период, како што нагласи и самиот премиер, ќе ја донесе регулаторот.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил