Енергетските пазари засега издржуваат многу поголем удар од очекуваното поради нарушувањата во транспортот низ Ормускиот Теснец, но вистинскиот притисок се префрла врз дизелот, бензинот и авионското гориво. Пазарот на рафинирани производи е сè позатегнат и засега нема јасен извор од кој би дошло дополнително снабдување, предупредува „Голдман Сакс“.
„Производите можеби се друга приказна. Имаме многу затегнат пазар на производи“, изјави Нитин Џиндал, раководител на глобалниот сектор за суровини во „Голдман Сакс“, во подкастот „The Markets“.
Според него, испораките на рафинирани производи од Персискиот Залив се намалуваат, додека дополнителен удар претставува падот на руските испораки по нападите врз рафинерии во Русија. Кина, пак, задржува повеќе производи за домашниот пазар наместо да ги извезува.
Тоа создава необична ситуација, суровата нафта сè уште може да се набави, но проблемот станува достапноста на производите што се добиваат од неа.
„Светот без Персискиот Залив, без Русија и без Кина има затегнат пазар на производи и нема непосреден излез од оваа ситуација“, оцени Џиндал.
Кај суровата нафта, пак, тој не очекува пазарот да дојде до критична точка во следните неколку месеци. Иако залихите се намалуваат, најголемиот сезонски бран на побарувачка, односно летото, поминал без поголем прекин во снабдувањето.
Кина успева да ја намали зависноста од нафтата
Еден од клучните фактори што го ублажуваат ударот врз глобалниот енергетски пазар е Кина. Земјата многу побрзо од очекуваното успева да ја намали зависноста од фосилните горива.
Кина годишно продава околу 34 милиони автомобили, но сè поголем дел од новите возила се електрични. Тоа ѝ овозможува релативно брзо да ја намали потрошувачката на бензин доколку снабдувањето со нафта стане проблем.
Паралелно со тоа, земјата масовно го зголемува производството на електрична енергија. Само минатата година инсталирала околу 500 GW нови капацитети, главно соларни, но и ветерни, батериски и гасни. За споредба, САД инсталирале околу 50 GW.
Токму затоа, според Џиндал, Кина има поголем простор од другите големи економии да го замени користењето на нафта и гас со електрична енергија.
Европа ја чека зимата
Најголемата неизвесност за Европа е природниот гас. Ако зимата биде потопла од просекот, помалата побарувачка би можела да го ублажи недостигот на гас. Но, доколку зимата биде нормална, европскиот пазар би можел да се најде во многу понепријатна ситуација.
Европа тогаш ќе мора да се натпреварува со Кина за ограничените количества гас, но и за јагленот – два енергенси од кои зависат електроенергетските системи и на двете економии.
Кина произведува околу 30 милијарди кубни стапки природен гас дневно и го зголемува домашното производство. Сепак, Џиндал смета дека дури и ако Пекинг го намали увозот на течен природен гас за 20%, тоа нема целосно да го надомести губењето на катарските испораки.
Затоа, доколку нарушувањата во Ормускиот Теснец продолжат и во зимските месеци, Европа би можела да се соочи со значително посилен притисок врз цените на гасот и електричната енергија.
Во поглед на пазарните позиции, Џиндал вели дека „Голдман Сакс“ и понатаму е наклонет кон рафинираните производи, особено преку таканаречените „crack spreads“, а позитивен став има и кон американскиот природен гас, азиските јаглеводороди и златото.
За американската електрична енергија, пак, очекува дополнителен раст на побарувачката поради брзото ширење на центрите за податоци и инфраструктурата поврзана со вештачката интелигенција.
Извор: GoldmanSachs.com
