Соларната енергија е на пат да стане најголемиот извор на производство на електрична енергија во светот, а прашањето повеќе не е дали тоа ќе се случи, туку кога. Ова го оценува еден од водечките европски експерти за фотоволтаици, професорот Рутгер Шлатман, директор на Одделот за соларна енергија во истражувачкиот центар Helmholtz-Zentrum Berlin и претседател на Европската технолошка и иновативна платформа за фотоволтаици (ETIP-PV).
Во разговор за словечкиот портал Nas-Stik одржан за време на Словенечката конференција за фотоволтаици, Шлатман посочува дека прогнозите на SolarPower Europe покажуваат оти до крајот на оваа деценија во светот секоја година ќе се инсталираат околу еден терават нови соларни капацитети.
„Повеќе не зборуваме за тоа дали ќе се случи оваа трансформација. Зборуваме само кога“, истакна Шлатман.
Според него, клучната причина за експанзијата на соларната енергија е драстичното намалување на трошоците за производство. Денес, фотоволтаиците веќе седум години по ред претставуваат најголем извор на новоинсталирани производствени капацитети во светот, а бројни анализи покажуваат дека тие наскоро ќе станат и најевтиниот извор на електрична енергија.
„Растот на фотоволтаиците е практично незапирлив поради нивната економска исплатливост“, нагласи тој.
Побарувачката за струја ќе продолжи да расте
Шлатман предупредува дека во наредните децении светот ќе има потреба од значително поголемо количество електрична енергија поради електрификацијата на транспортот, греењето, индустријата и дигиталната инфраструктура.
За да се обезбеди стабилно снабдување, покрај новите соларни електрани ќе бидат неопходни и поголеми инвестиции во електроенергетските мрежи, како и во батериски системи за складирање енергија, кои ќе овозможат поефикасно искористување на производството од сонце.
Енергетската безбедност станува стратешко прашање
Според европскиот експерт, развојот на соларната енергија повеќе не е само прашање на климатските политики, туку и на економската отпорност и технолошката независност на Европа.
Тој смета дека Европската Унија мора да ги зачува знаењето, истражувањата и дел од производството на соларни технологии за да ја намали зависноста од увоз.
Иако европските соларни панели се нешто поскапи од кинеските, Шлатман оценува дека тоа нема значително да влијае врз цената на произведената електрична енергија, бидејќи модулите сочинуваат само околу една четвртина од вкупната цена на еден фотоволтаичен систем. Поголемиот дел од инвестицијата отпаѓа на проектирање, инсталација, инвертори, градежни работи и друга опрема.
Воедно, тој посочува дека најголемиот предизвик за европските производители е силната конкуренција од Кина, каде што поради огромните производствени капацитети цените на соларните модули се значително намалени, што им го отежнува работењето и инвестирањето на европските компании.
Новите технологии носат поголема ефикасност
Шлатман големи очекувања гледа и во развојот на перовскитно-силициумските тандемски соларни ќелии, кои можат да постигнат значително повисока ефикасност од денешните технологии.
Според него, првите комерцијални производи би можеле да се појават во следните неколку години, иако класичните силициумски панели уште долго ќе останат основа на глобалната соларна индустрија.
Во наредниот период сè поважно ќе стане и рециклирањето на старите соларни панели, бидејќи првите генерации фотоволтаични системи постепено ќе стигнуваат до крајот на својот работен век, што ќе создаде големи количини материјали за повторна употреба.
„Прашањето повеќе не е дали соларната енергија ќе стане доминантен извор на електрична енергија, туку колку брзо ќе се случи таа енергетска трансформација“, заклучува Шлатман.
Извор: Nas-stik.si
