WEF Давос: Македонија меѓу земјите со најголем напредок во чистата енергија

Додека глобалната енергетска транзиција забавува под притисок на геополитичките кризи, високите инвестициски трошоци и недоволно развиената инфраструктура, Македонија е меѓу државите што годинава бележат најголем напредок во развојот на чистата енергија.

Ова го покажува најновиот Индекс на енергетска транзиција 2026 (Energy Transition Index) на Светскиот економски форум, според кој Македонија е една од земјите со најголемо подобрување во сегментот „чиста енергија“, со раст од 14,5%. Покрај Македонија, во оваа група се само уште Парагвај, Колумбија, Сингапур и Словачка.

Земји со најголем напредок во чистата енергија

ЗемјаГодишен напредок
Македонија+14,5%
Колумбија+13,9%
Сингапур+13,6%
Парагвај+13,4%
Словачка+6,2%

Според методологијата на Energy Transition Index 2026, терминот „чиста енергија“ (Clean Energy) не се однесува само на обновливите извори на енергија, туку на уделот на нискојаглеродни извори во вкупната финална потрошувачка на енергија. Во оваа категорија спаѓаат:

РЕКЛАМА

  • сончева енергија,
  • ветерна енергија,
  • хидроенергија,
  • геотермална енергија,
  • биомаса,
  • нуклеарна енергија,
  • како и други извори со ниски емисии на јаглерод.

Важно е да се нагласи дека „чиста енергија“ во извештајот не значи само производство на електрична енергија. Се мери колкав е уделот на чистите извори во вкупната финална потрошувачка на енергија, односно енергијата што ја користат домаќинствата, индустријата, транспортот и другите крајни потрошувачи. Овој показател е само еден од индикаторите во пошироката категорија „одржливост“.

Инаку, во вкупното рангирање на 120 држави по ETI индексот, Македонија се наоѓа на 60. место, со што е трета најдобро пласирана земја во регионот, зад Хрватска и Албанија, а пред Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.

Извештајот доаѓа во период кога Светскиот економски форум предупредува дека глобалната енергетска транзиција влегува во значително потешка фаза. Иако инвестициите во енергетиката во 2025 година достигнале рекордни 3,3 трилиони долари, напредокот е сè понеизедначен. За првпат по повеќе од една деценија е забележан пад на подготвеноста на државите за понатамошна транзиција, пред сè поради неизвесните политики, поскапото финансирање, слабите електроенергетски мрежи и растечките геополитички ризици.

Во такви околности, резултатот на Македонија добива дополнителна тежина. Извештајот покажува дека земјата успева да го зголеми уделот на чистите извори на енергија и да оствари побрз напредок од повеќе земји во регионот.

Сепак, Светскиот економски форум предупредува дека следната фаза од енергетската транзиција нема да зависи само од изградбата на нови соларни и ветерни електрани. Клучно ќе биде колку државите ќе инвестираат во модернизација на електроенергетските мрежи, системите за складирање енергија, дигитализацијата и регулаторните реформи, бидејќи токму тие фактори ќе ја одредуваат способноста да се привлечат нови инвестиции и да се обезбеди сигурно снабдување со енергија.

Инаку, на светската листа повторно доминираат нордиските земји. Прва е Шведска, пред Финска и Данска, додека од регионот најдобро рангирана е Хрватска на 29. место, следена од Албанија на 41. позиција. Северна Македонија е 60-та, Црна Гора 71-ва, Србија 79-та, а Босна и Херцеговина 91-ва.

Топ 30 листа според Energy Transition Index 2026 на Светскиот економски форум.

РангЗемјаETI индекс
1Шведска75.3
2Финска74.1
3Данска72.6
4Естонија70.9
5Норвешка70.5
6Швајцарија70.2
7Латвија70.0
8Австрија69.7
9Германија69.6
10Франција68.3
11Обединето Кралство68.2
12Израел67.5
13Холандија67.4
14Кина66.9
15Португалија66.7
16Исланд66.6
17Бразил66.4
18Романија66.1
19САД65.9
20Чиле65.8
21Нов Зеланд65.7
22Шпанија65.6
23Литванија65.5
24Јапонија65.5
25Унгарија65.1
26Австралија65.0
27Грција64.9
28Словенија64.1
29Хрватска64.1
30Бугарија64.0

Извор: Weforum.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил