Пад на цените на авионското гориво по најавите за обновување на извозот од Персискиот Залив

Цените на авионското гориво бележат значителен пад на светските пазари откако трговците почнаа да се подготвуваат за обновување на енергетските испораки од Блискиот Исток, по постигнатиот договор за прекин на огнот меѓу САД и Иран.

Според најновите податоци од пазарните аналитичари, референтната цена на авионското гориво во северозападна Европа оваа недела се спуштила на 957 долари за тон, што претставува речиси 50% намалување во однос на рекордните нивоа забележани во почетокот на април.

Пазарот реагираше позитивно на очекувањата дека повторно ќе биде отворен Ормускиот Теснец. Неговото затворање по избувнувањето на конфликтот предизвика сериозни нарушувања во снабдувањето и нагло зголемување на цените на горивата.

РЕКЛАМА

Сличен тренд е забележан и во Азија, каде што цените на авионското гориво во Сингапур достигнаа најниско ниво од почетокот на конфликтот. Пад на цените е регистриран и на американскиот брег на Мексиканскиот Залив.

Во екот на кризата, цените на авионското гориво повеќе од двојно се зголемија, што ги натера авиокомпаниите да предупредуваат на можни откажувања на летови во текот на летната туристичка сезона. Некои европски и американски превозници дури најавуваа кратење на редовните линии и намалување на работните места доколку високите цени продолжат и во зимскиот период.

Сепак, ситуацијата почна да се стабилизира благодарение на зголеменото производство во рафинериите ширум светот. Соединетите Американски Држави и Нигерија значително го зголемија извозот на авионско гориво кон Европа и Азија, додека рафинериите работеа со зголемен капацитет за да ја надоместат загубата на испораките од Блискиот Исток.

Меѓународната агенција за енергија проценува дека околу 60% од недостигот на гориво за европскиот пазар бил компензираn преку дополнително производство од САД и Нигерија. Воедно, намалената побарувачка во Кина придонела за намалување на притисокот врз глобалните резерви.

Големите европски авиокомпании, меѓу кои „Бритиш Ервејс“ и „Ер Франс“, соопштија дека располагаат со доволни резерви за целата летна сезона, и покрај фактот што индустријата годинава се соочува со значително повисоки трошоци за гориво.

Аналитичарите предупредуваат дека и покрај актуелниот пад на цените, ризиците за снабдувањето не се целосно отстранети. Европските резерви и натаму се на релативно ниско ниво, а секое ново геополитичко нарушување би можело повторно да предизвика нестабилност на пазарот.

Експертите очекуваат во наредните недели на пазарот да пристигнат дополнителни количини гориво кои беа задржани поради конфликтот, што би можело привремено да создаде вишок на понуда и дополнително да ги намали цените.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил