Зависноста од фосилни горива претставува глобална безбедносна закана – Нов извештај предлага „електротехничка“ стратегија што може да заштеди 1,3 трилиони долари
Лондон. 01 мај 2025 – Независниот енергетски тинк-тенк Ember во својот најнов извештај насловен како „Енергетска безбедност во небезбеден свет“ испраќа остро предупредување дека глобалната зависност од увоз на фосилни горива не е само економски товар, туку е темпирана бомба за националната безбедност, економската стабилност и самиот опстанок на државите. Решението, според авторите на Извештајот, лежи во итна и радикална трансформација, односно, масовно локално производство на обновлива енергија и електрификација на секојдневието, стратегија што ја нарекуваат електротехника (Electrotech). Според нив, ваквиот пристап не претставува само енергетска визија, туку тоа е геополитичка, економска и индустриска шанса за иднината.
Извештајот на Ember открива застрашувачка статистика: од 1960 година, глобалниот увоз на фосилни горива – нафта, гас и јаглен пораснал 12 пати, обезбедувајќи денес над една третина од светската примарна енергија. Повеќе од 75% од светската популација живее во земји кои се нето увозници на фосилни горива, вклучувајќи ја цела Европа, Кина, Јужна и Југоисточна Азија, како и поголемиот дел од Африка и Латинска Америка. Оваа зависност создава кршлива мрежа на снабдување, подложна на војни, санкции и економски шокови.
„Ако утре увозот на фосилни горива запре, светот ќе колабира. Транспортот застанува, фабриките се затвораат, светилките се гасат“, вели Кингсмил Бонд, водечки автор на извештајот. „Ова не е само енергетско прашање – тоа е прашање на опстанок“ , според него.
Фосилниот пазар е сè понестабилен, со цени што се менуваат преку ноќ поради конфликти, како оние во Украина или Блискиот Исток. Земјите увознички трошат трилиони долари годишно за да ја одржат оваа зависност, пари што можат да се пренасочат кон домашни инвестиции. Ember предупредува: продолжувањето на овој пат води кон „енергетски колапс“. За да се избегне катастрофа, Ember предлага електротехничка стратегија базирана на два столба:
- Масовно локализирано производство на обновлива енергија – сонце и ветер, достапни речиси секаде.
- Електрификација на крајната потрошувачка – од електрични возила и топлински пумпи до електрифицирани индустрии.
Покрај ова, Извештајот идентификува три технологии што можат да го намалат глобалниот увоз на фосилни горива за неверојатни 70%:
- Електрични возила (EV): Со замена на возилата на фосилни горива, увозот на нафта за транспорт може да се намали за една третина.
- Топлински пумпи: Овие уреди можат да го заменат увозниот гас за греење и ладење, кратејќи уште 14% од зависноста.
- Сонце и ветер: Со забрзано проширување на обновливите извори, фосилните горива во производството на електрична енергија може да се намалат за дополнителни 23%.
Овие промени не само што ја зголемуваат енергетската безбедност, туку и носат економски бенефит: земјите увознички би можеле да заштедат околу 1,3 трилиони долари годишно, пари што можат да се реинвестираат во локални економии, инфраструктура и иновации.
За разлика од фосилните горива, кои бараат постојан увоз и сложени синџири на снабдување, обновливите извори се локални и отпорни на глобални шокови. Извештајот открива дека 92% од светската популација живее во земји со обновлив енергетски потенцијал што е најмалку 10 пати поголем од нивната вкупна енергетска побарувачка. Од пустините во Африка до ветровитите брегови на Европа, сонцето и ветерот се достапни речиси насекаде.
„Фосилните горива бараат секојдневна набавка. Обновливите технологии, еднаш инсталирани, обезбедуваат енергија 20 до 30 години“, се вели во извештајот. Ова не само што ја намалува зависноста од надворешни пазари, туку и го штити светот од ценовни скокови и геополитички уцени.
Според авторите на Извештајот, еден од највпечатливите примери за електротехнички успех е Кина. Земјата агресивно вложува во домашни капацитети за соларна и ветерна енергија, намалувајќи ја својата зависност од увоз. Кина денес е глобален лидер во производството и извозот на соларни панели, батерии и електрични возила. Во 2024 година, нејзиниот извоз на „зелена“ технологија достигна над 60 милијарди долари, со фокус на земјите од Глобалниот Југ. Ова не само што ја зајакнува економијата на Кина, туку и ја позиционира како геополитички лидер во енергетската транзиција.
Извештајот јасно ги исцртува двете можни сценарија и избор за светот:
- Пат 1: Диверзификација на фосилниот увоз – стратегија заснована на дипломатски договори, воена заштита на рутите за снабдување и скапи складишта за гориво. Ова е скап, ризичен и неодржлив пат.
- Пат 2: Електротехничко забрзување – вложување во домашна индустрија, електрификација и циркуларна економија. Ова е пат кон енергетска независност, економски раст и геополитичка стабилност.
„Ова не е само енергетска стратегија. Тоа е економска политика, индустриска визија и геополитичка шанса“, вели Дан Волтер, коавтор на извештајот. Земјите што ќе го изберат вториот пат не само што ќе се заштитат од енергетски кризи, туку и ќе изградат конкурентна предност во новата глобална економија.
Извор: ember-energy.org