Вашингтон. 24 март 2025 – Претседателот Доналд Трамп минатата среда во Белата куќа остварил средба со повеќемина извршени директори на компании од нафтената и гасната индустрија, во време кога овие индустрии вршат притисок врз американската администрацијата за максимална дерегулација на секторот.
Според информациите на CNBC, на средбата присуствувале секретарот за внатрешни работи Даг Бургум и секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Бургум го предводи Националниот совет за енергетска доминација на Трамп, додека Рајт е заменик-претседател на меѓуагенциското тело.
Се претпоставува дека на состанокот присуствувале околу 15 до 20 извршни директори, а разговорот со американскиот претседател бил фокусиран на дозволите и регулативите, но не и на цените на нафатата.
„Навистина не се разговараше за цените“, изјави Бургум пред новинарите по состанокот. „Цената ја одредуваат понудата и побарувачката. Ништо што би можеле да кажеме во таа соба не би можело да го промени тоа ни за малку, па затоа не беше тема на разговор.“
Директорите присутни на средбата се поврзани со индустриската лоби-група Американски институт за нафта (API). Портпаролот на API изјави дека учесниците се членови на извршниот комитет на групата, без да ги открие нивните имиња.
Според јавно достапните биографии, меѓу членовите на комитетот се извршниот директор на Chevron, Мајк Вирт, извршниот директор на ConocoPhillips, Рајан Ленс, извршниот директор на Marathon Petroleum, Мериен Манен, и извршниот директор на Phillips 66, Марк Лашиер. Според даночните пријави на API, комитетот има до 15 членови.
Инаку, претседателот Трамп ја постави енергетиката во центарот на својата агенда, со фокус на зголемување на производството на фосилни горива, отфрлајќи ги заложбите на администрацијата на Бајден за борба против климатските промени.
Бо овој контекст, API бара од администрацијата на Трамп да ги зголеми закупите за ископување нафта и гас на федерални земјишта и води, да го олесни издавањето дозволи за гасоводи и да ги забрза одобренијата за извоз на нов течен природен гас, согласно планот објавен од лоби-групата.
Бургум, кој е поранешен гувернер на Северна Дакота, минатата недела на енергетска конференција во Хјустон им порача на директорите од нафтената и гасната индустрија дека администрацијата на Трамп има намера да го олесни ископувањето колку што е можно повеќе.
Инаку, цените на суровата нафта во САД паднаа за околу 13% откако Трамп стапи на должност, а ова се должи пред се, на стравувањата дека политиката на воведување царини би можела да предизвика рецесија и да ја намали побарувачката на енергенси.
Извор: CNBC