Политико: Меѓу царините и гасот – ЕУ и Трамп во енергетски судир


Брисел. 9 април 2025 – Бриселскиот магазин „Политико“, објавува дека Белата куќа врши притисок врз Европската Унија да потроши милијарди долари повеќе за увоз на природен гас од САД, констатирајќи дека тоа би можело да се покаже како невозможно доколку светската економија продолжи да се соочува со криза. Според „Политико“, ЕУ планира да ги намали целите за набавка на природен гас, и покрај инсистирањето на американскиот претседател Доналд Трамп дека зголеменото купување на гас е единствениот начин да се стави крај на неговата трговска војна со ЕУ.

Имено „Политико“ јавува дека во вторникот земјите-членки на ЕУ направиле чекор кон олабавување на задолжителните цели за полнење на складиштата пред зимата, со намера да ги намалат трошоците за набавка. Четири дипломати за „Политико“ потврдиле дека овој потег е директно спротивен на барањата на Белата куќа, која сака ЕУ да потроши неверојатни 350 милијарди долари повеќе за американски гас за да се реши трговскиот дисбаланс меѓу двете страни. Сепак, Трамп и порано изнесувал слични барања, за потоа да ги игнорира европските обиди за компромис и да воведе царини, кои сега ја зголемуваат економската неизвесност и ја принудуваат Европа да бара начини за заштеда на енергија.

Според „Политико“, седум земји – Франција, Германија, Италија, Австрија, Унгарија, Словачка и Холандија – ја предводат иницијативата за намалување на целите за складирање, предлагајќи целта од 90% од капацитетот да се намали на 80% во одредени случаи. Тие сметаат дека повисоката цел ја обврзува ЕУ да купува огромни количини гас, главно од САД, во период кога цените се на врвот.

Advertisement

„Во овие турбулентни времиња и среде борбата за конкурентност, поголемата флексибилност би била подобро решение отколку држењето до сегашните цели“, изјавил литванскиот министер за енергетика Жигимантас Вајчунас за „Политико“. Тој додал дека намалената индустриска побарувачка, како последица од царините на Трамп, дополнително го отежнува купувањето на американски LNG.

Меѓу останатото „Политико“ потсетува дека Европа почна да се потпира на американскиот течен природен гас пред три години, по руската инвазија на Украина и прекинот на испораките на гас кон континентот. Оваа енергетска врска се очекува да се продлабочи, бидејќи ЕУ работи на целосно исклучување на руските енергетски извори и треба да го замени гасот што до неодамна пристигнуваше преку Украина.

„ЕУ ќе мора да купува повеќе американски гас за да го надомести изгубеното руско снабдување“, вели Лора Пејџ, аналитичар во фирмата Kpler, цитирана од „Политико“. Таа додава дека намалувањето на целите за складирање ќе го намали притисокот врз европскиот увоз на гас ова лето, што би можело да доведе до пониски цени и подобра зделка за ЕУ. Според податоците на Kpler, објавени од „Политико“, при сегашната стапка на полнење, складиштата на ЕУ ќе достигнат само 78% од капацитетот до зимата, а за да се исполни целта од 90%, Унијата би морала да плаќа превисоки цени во наредните месеци.

„Политико“ известува и дека царините на Трамп, кои предвидуваат 20% давачка на европските производи извезени во САД, предизвикуваат страв од пад на индустриското производство. Помалата индустриска активност значи помала потреба од гориво, а анализата на фирмата ICIS, цитирана од „Политико“, предвидува пад на побарувачката за гас од 3,6% и на цените од 3,5% оваа година. „Новите американски царини би можеле да достигнат нивоа од Големата депресија“, предупредува Андреас Шредер од ICIS за „Политико“, додавајќи дека тоа ќе има долгорочни последици врз европските енергетски пазари.

Како што јавува „Политико“, европските официјални лица неодамна воделе разговори во Вашингтон за да постигнат договор за купување повеќе енергенси од САД, но тие не резултирале со успех. Дипломатите приватно изразиле фрустрација поради незаинтересираноста на САД за преговори, и покрај конкретните европски понуди. Барањето на Трамп од 350 милијарди долари, објавено во понеделникот, според „Политико“, е далеку од реалноста – таквата сума би значела купување на 16 милиони барели дневно, повеќе од целокупното дневно производство на САД од околу 13 милиони барели.

„Енергетските договори се базираат на побарувачка и цена, кои постојано се менуваат, па затоа е тешко да се коментира врз основа на една бројка од американската страна“, изјавила Ана-Каиса Итконен, портпарол на Европската комисија, за „Политико“.

Извор: Trump wants Europe to pay more for gas. The EU wants to spend less

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement