Македонија клучен транзитен центар за гас кон Европа: Азербејџан подготвен за соработка

Средбата Божиновска-Шахбазов во Баку отвора нови енергетски перспективи

Баку. 12 март 2025 г – Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која беше во придружба на претседателката Гордана Силјановска Давкова за време на нејзината официјалната посета на Азербејџан, оствари одвоена средба со министерот за енергетика на оваа земја, Парвиз Шахбазов. Средбата, одржана во Министерството за енергетика на Азербејџан, беше насочена кон унапредување на енергетската соработка меѓу двете држави, со посебен акцент на снабдувањето со гас и развојот на инфраструктурни проекти.

На тет-а-тет разговорите, двајцата министри ја потврдија заедничката заложба за зајакнување на партнерството. Дискутирано беше за можностите за склучување долгорочни договори за испорака на гас, како и за потенцијални инвестиции во гасната инфраструктура на Македонија. Министерот Шахбазов нагласи дека Македонија има потенцијал да стане регионален центар за транспорт на гас и изрази подготвеност на Азербејџан веднаш да започне соработка на конкретни проекти, нудејќи експертиза и заеднички иницијативи доколку постои интерес од македонска страна.

Министерката Божиновска, пак, истакна дека разговорите отвориле нови перспективи за Македонија. Таа посочи дека фокусот бил ставен на конкретни чекори за обезбедување стабилно снабдување со гас и модернизација на енергетската инфраструктура во земјата. Според неа, соработката со Азербејџан може да ја позиционира Македонија како стратешки играч во регионот.

Реклама

Особено внимание беше посветено на потенцијалното партнерство меѓу Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и азербејџанската државна нафтена компанија СОКАР. Оваа соработка беше оценета како клучна за енергетската трансформација на Македонија. Во таа насока, двајцата министри договорија нова средба за интензивирање на активностите од меморандумот за соработка, потпишан за време на КОП 29 самитот во Баку.

Шахбазов упати покана до Божиновска да учествува на претстојниот министерски состанок на Советодавниот совет за Јужниот гасен коридор, како и на Третиот министерски состанок на Советот за зелена енергија, што ја потврдува определбата на Азербејџан за продлабочување на односите. Од македонска страна беше изразена подготвеност за активно учество во проекти што ќе обезбедат енергетска сигурност и независност. Божиновска нагласи дека соработката со Азербејџан може да ја позиционира Македонија како сериозен транзитен центар за гас, што би имало стратешко значење за енергетската иднина, економијата и граѓаните на земјата.

Оваа посета се оценува како значаен чекор кон реализација на целите за енергетска стабилност и регионална интеграција, поставувајќи ја Македонија како важен играч во енергетската мапа на Европа.

Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement