Македонија влегува во енергетската игра на големите: Лабудовиќ со силна порака од Баку

Скопје. 04 април 2025 – Заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ, ја предводеше македонската делегација на 11-тата министерска средба на Советодавниот совет за Јужниот гасен коридор (SGC) и 3-тата министерска средба на Советодавниот совет за Зелена енергија, одржани во Баку, Азербејџан. Во присуство на високи претставници од Европската Унија, министри од регионот и лидери на енергетски компании, Лабудовиќ испрати јасна и моќна порака: Македонија е подготвена да стане стратешка транзитна точка за гас кон Европа.

„До крајот на годината започнуваме со изградба на интерконекторот кон Грција, што ќе ни обезбеди директен пристап до алтернативни извори на снабдување“, истакна Лабудовиќ во своето обраќање. Тој потенцираше дека овој проект не е само инфраструктурна инвестиција, туку и стратегиски потег со кој Северна Македонија се етаблира како доверлив партнер во европските енергетски планови.

Advertisement

На маргините на конференцијата, Лабудовиќ, заедно со Горан Николовски, раководител на секторот за нафта и гас во Министерството за енергетика, остварија низа средби со претставници од Азербејџан, ЕУ и делегации од 24 земји, 7 меѓународни финансиски институции и 42 енергетски компании. Главен фокус на разговорите беше зајакнувањето на соработката во областа на природниот гас, обновливите извори на енергија и мерките за намалување на метанските емисии.
Учеството на овие средби, заедно со претходните посети на претседателката Гордана Силјановска-Давкова и министерката Сања Божиновска, ја потврдува заложбата на Северна Македонија за активно учество во регионалните и европските иницијативи за енергетска безбедност и зелена транзиција.

„Гасната соработка со Азербејџан е директен придонес за намалување на зависноста од еден извор и обезбедување алтернативни патишта за снабдување, што ја зајакнува стабилноста на европскиот пазар. Северна Македонија е подготвена да биде дел од решението“, заклучи Лабудовиќ.

Инициран од Европската комисија во 2008 година, Јужниот гасен коридор е стратегиски проект вреден 35 милијарди долари, чија цел е диверзификација на енергетските извори и намалување на зависноста на Европа од рускиот гас. Коридорот, кој се протега од Азербејџан до Европа преку системите SCPX, TANAP и TAP, го користи гасното поле Шах Дениз во Каспиското Море како главен извор. Од првата министерска средба во 2015 година до денес, проектот постојано се развива, а на последната, 10-та средба во февруари 2024 година, учествуваше и Полска, сигнализирајќи интерес за проширување кон Централна Европа.

Со учеството во Баку, Северна Македонија не само што се вклучува во овој амбициозен проект, туку и испраќа порака дека е подготвена да игра активна улога во обликувањето на енергетската иднина на континентот.

Извор: Министерство за енергетика, рударство и минеарални суровини

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement