Сараево. 10 април 2025 – Гасоводот Јужна интерконекција, кој треба да пренесува американски течен гас (LNG) од терминалот на Крк во Босна и Херцеговина, е преголем и нереален проект што најверојатно никогаш нема да се реализира, покажува новата анализа објавена на 7 април 2025 година од страна на Центарот Аархус во БиХ и мрежата CEE Bankwatch.
Во последно време медиумите во БиХ зборуваат дека овој проект, доколку се реализира, би можел да послужи како замена за рускиот гас во БиХ. Сепак, според досегашните изјави на политичарите од БиХ, властите на Република Српска ќе се согласат на проектот Јужна интерконекција само доколку Федерацијата БиХ прифати нова источна интерконекција преку Република Српска, што само би го продолжило увозот на руски гас во земјата.
Анализата открива дека капацитетот на планираната Јужна гасна интерконекција меѓу БиХ и Хрватска би бил до шест пати поголем од сегашната потрошувачка на гас во БиХ. Очекувањето дека потрошувачката на скапиот увозен фосилен гас би пораснала толку многу се смета за нереално. Во реалноста, гасот сочинува само околу три проценти од енергетското снабдување во БиХ, при што најголемиот дел од потрошувачката се користи за греење во Сараево, за што постојат подобри долгорочно одржливи алтернативи.
Да потсетиме, претходниот гасовод финансиран од Европската банка за обнова и развој (EBRD) во Кантонот Средна Босна беше изграден пред повеќе од десет години, но никогаш не беше користен поради економска неодржливост. Слична судбина најверојатно го чека и Јужниот гасовод, доколку воопшто биде изграден.
Финансирањето на овој скап и сложен проект е исто така неизвесно. Авторите на анализата тврдат дека е малку веројатно проектот да се реализира за помалку од десет години. Европската комисија и EBRD неодамна потврдија дека нема да го финансираат овој гасовод, додека Европската инвестициска банка (EIB) веќе неколку години не поддржува проекти поврзани со фосилни горива.
Според еден од авторите на анализита, Денис Жишко од Центарот Аархус: „Владата на Федерацијата БиХ неодамна започнала уште една кампања за заведување на јавноста, упорно промовирајќи ја гасификацијата на Федерацијата БиХ и користењето на гасот како евтин и стабилен извор на енергија, заборавајќи дека неодамнешната енергетска криза била предизвикана токму од екстремно високите цени на гасот и неговата улога во геополитичките игри на диктаторските режими. Жишко потсетува дека: БиХ се обврзала на декарбонизација до 2050 година, па користењето на гасот, како фосилно гориво, мора да се намали, а не да се зголеми и затоа не постои логика да се инвестираат огромни суми пари од граѓаните во нова инфраструктура за фосилни горива, која ќе се гради со години, а потоа ќе престане да се користи веднаш по завршувањето.“
Покрај ова, Пипа Галоп од мрежата CEE Bankwatch смета дека: „БиХ има сериозна задача постепено да ја намали потрошувачката на јаглен, а постои голем ризик Јужната интерконекција и другите најавени гасни проекти да одвлечат значителни суми пари и време од поисплатливи и почисти решенија. ЕУ мора да ѝ помогне на БиХ во потрагата по одржливи и брзо применливи решенија, како топлинските пумпи или геотермалната енергија.“
Извор: Аархус.ба