Бугарија го претстави „Вертикалниот гасен коридор“ како алтернатива на рускиот гас

Новиот проект ветува енергетска стабилност за Европа по прекинот на транзитот преку Украина

Софија, 28 март 2025 – Бугарија го најави стартот на амбициозниот проект „Вертикален гасен коридор“, кој треба да стане клучна алтернатива на испораките на руски гас во Европа. Ова доаѓа откако во јануари 2025 година истече петгодишниот договор за транзит на гас од Русија кон Европската Унија преку Украина. Според министерот за енергетика Жечо Станков, земјата веќе во наредните недели ќе ги преземе првите чекори за реализација на иницијативата, која ќе овозможи транспорт на течен природен гас (СПГ) од грчките пристаништа до Украина, објави Bloomberg.

Бугарските власти веруваат дека овој коридор ќе прерасне во главен енергетски пат по прекинот на рускиот транзит преку Украина. Проектот, зад кој стојат операторите на гасните мрежи од Бугарија, Грција, Романија, Унгарија, Словачка, Украина и Молдавија, има за цел да ги замени традиционалните цевководни испораки на руски гас.

Со предвиден капацитет од 10 милијарди кубни метри гас годишно, „Вертикалниот гасен коридор“ добива силна поддршка од Бугарија, која обезбеди 625 милиони лева (345 милиони долари) преку државни гаранции за кредити. Изградбата на бугарскиот дел од маршрутaта се очекува да заврши до крајот на 2026 година, ветувајќи долгорочна енергетска сигурност за регионот.

Advertisement

Во разговор со Bloomberg, Станков откри дека Бугарија веќе ги започнала преговорите со Унгарија, Молдавија и Украина за заеднички тендери за набавка на LNG. „Време е да дејствуваме брзо и да обезбедиме долгорочни договори кои ќе ги намалат ризиците и ќе гарантираат стабилни цени“, истакна министерот.

Русија, пак, од почетокот на 2025 година остана без можност да испорачува гас преку Украина поради одлуката на Киев да не го продолжи договорот со „Гаспром“. Оваа маршрута досега беше витална за снабдување на Молдавија и Словачка, од каде гасот продолжуваше кон Австрија, Чешка, па делумно и до Унгарија и Италија.

По прекинот на украинскиот транзит, гасоводот „Балкански тек“, кој се протега од Турција преку Бугарија и Србија до Унгарија како продолжение на „Турски тек“, се наметна како главна артерија за снабдување на ЕУ. Според податоците на Европската мрежа на оператори на гасни системи, цитирани од Euractiv, во 2024 година преку овој цевковод биле испорачани околу 15 милијарди кубни метри гас.

„Вертикалниот гасен коридор“ не само што ветува диверзификација на изворите на енергија, туку и ја зацврстува позицијата на Бугарија како важен играч во енергетската мапа на Европа. Овој проект може да донесе нова надеж за земјите зависни од гас, нудејќи им стабилност во време на неизвесност.

Извор: Bloomberg

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement