Њујорк. 25 март 2025 – Додека САД, Русија и Украина ги интензивираат преговорите за ставање крај на војната во Украина, енергетскиот свет е во исчекување: дали Вашингтон ќе попушти и ќе ги олабави санкциите врз руската индустрија за течен природен гас (ЛНГ)? Одговорот на ова прашање би можел да ги преобликува тековите на снабдување со гас како во блиска иднина, така и на долг рок.
Од почетокот на руската воена агресија врз Украина пред три години, САД мошне успешно ги таргетираа руските ЛНГ проекти со низа санцкии, ставајќи кочница на предвоените амбиции на Москва да го зголеми извозот на 100 милиони тони годишно до 2030 година, споредено со минатогодишните скромни 35 милиони тони.
Деновиве, рускиот министер за енергетика Сергеј Цивилев ја реафирмираше целта – 100 милиони тони до 2035 година. Но, дали оваа визија е достижна без укинување или олабавување на западните санкции?
Оттука се и очекувањата, Русија во наредниот период да инсистира ЛНГ секторот да биде на врвот на листата за ублажување на западните санкции, со оглед на фактот дека за Москва, ова е клучен столб во стратегијата за диверзификација на извозот на гас. Сепак, во овој домен се вкрстуваат различните интереси бидејќи администрацијата на Доналд Трамп во САД е решена да ја зацврсти „енергетската доминација“ преку извозот на сопствениот ЛНГ, што, од своја страна, може да го закочи секое олабавување на санкциите кон рускиот ЛНГ сектор.
Всушност, ако санкциите бидат ослабени, Русија би можела набрзина да ги раздвижи своите ЛНГ капацитети. Проектот „Арктик ЛНГ 2“, кој беше стопиран, би ја активирал својата прва линија, додека два помали проекти – „Портоваја“ и „Висоцк“ би можеле да бидат рестартирани по прекинот предизвикан од американските рестриктивни мерки. Заедно, овие три иницијативи би можеле да додат помеѓу 8,8 и 16,4 милиони тони годишно на руската понуда, што е значителено зголемување за кус временски рок.
Од друга страна, на подолг рок, олеснувањето би ги оживеало руските планови за враќање на глобалниот пазар, кој веќе се подготвува за бум на капацитетите во следните години. Експертите истакнуваат дека укинувањето на санкциите би ги ослободило руските компании од скапите и бавни инвестиции во независни синџири на снабдување – танкери и терминали во „пријателски“ земји надвор од западната финансиска орбита.

Но, приказната не е толку едноставна. Рускиот извоз на ЛНГ ќе продолжи да биде ограничен се додека не се укинат и европските санкции, како и рестриктивните мерки на САД и ЕУ, воведени кон цела флота танкери кои ги сервисираат потребите на рускиот ЛНГ сектор. Оттука, недостатокот на пловила претставува сериозен препрека што не може да се занемари.
Најголем адут на Русија на краток рок е проектот „Арктик ЛНГ 2“, кој е под водство на компанијата „Новатек“, и кој од ноември 2023 година е под американски санкции. Со две веќе изградени линии и капацитет од 13,2 милиони тони годишно, овој арктички титан е во комплетен застој – купувачи нема, а санкциите ги погодуваат и изведувачите и танкерите поврзани со него.
Првата линија од 6,6 милиони тони годишно, која беше ставена во погон во декември 2023 година, запре со работа, по нецела година, односно, во октомври 2024 поради технички проблеми и неуспех да се продадат осум испораки. Втората линија е завршена, но нејзиното пуштање во погон виси во неизвесност. Укинувањето на санкциите би можело да ја забрза изградбата на третата линија, зголемувајќи го капацитетот на планираните 19,8 милиони тони годишно. Сепак, дури и пред санкциите на САД, технолошките рестрикции воведени од страна на ЕУ од 2022 година го отежнуваа напредокот на овој проект. Третата линија, чиј старт е одложен за 2028 година, останува заложник на споменатите пречки.
Истовремено, вреди да се напомене дека танкерите се посебна главоболка. „Арктик ЛНГ 2“ има само девет конвенционални бродови, сите под санкции, што е далеку од потребното за двата активни погона. Според шефот на „Новатек“, Леонид Микелсон, за секој милион тони годишно е потребен еден танкер со ледокршна способност. За проектот беа нарачани 21 такви танкери од кои, петнаесет во Русија и шест во Јужна Кореја, со цел да го поврзат полуостровот Гидан со терминалите за претовар. Руското бродоградилиште „Звезда“ е пред завршување на три танкера оваа година, но тоа не е доволно за полн капацитет. Судбината на останатите дванаесет зависи од олабавувањето на санкциите и враќањето на странските технолошки партнери, а спорот меѓу „Звезда“ и „Самсунг Хеви Индастрис“, заедно со санкциите на Јужна Кореја и ЕУ, дополнително ја комплицираат трката со времето.
Краткорочен спас би можел да дојде од несанкционираните танкери на „Јамал ЛНГ“ или од трети страни, доколку секундарните санкции бидат избегнати. Укинувањето на рестрикциите врз терминалите во Мурманск и Камчатка, исто така, би го олеснило извозот.
Инаку, санкциите од јануари 2025 година ги замолкнаа и оперативните постројки – „Портоваја“ на „Газпром“ (1,5 милиони тони годишно) и „Криогас Висоцк“ на „Новатек“ (660.000 тони годишно). „Висоцк“ може да се рестартира набрзина ако санкциите паднат, благодарение на слободните танкери, со цел да ги врати испораките кон белгискиот Зебриж.
„Портоваја“, пак, е во потешка позиција. Нивните два клучни танкера, преименувани во „Перл“ и „Валера“, се под санкции поврзани со „Совкомфлот“. За да продолжат испораките кон Кина и Турција, овие рестрикции мора да се укинат. Алтернативно, несанкционираниот „Кул Ровер“, кој лани пренесуваше гас до Шпанија, би можел да ја поврзе „Портоваја“ со ЕУ – но само ако и европските санкции бидат укинати.
На крајот, олабавувањето на санкциите на САД би можело да ја размрда руската ЛНГ индустрија, но целосен пробив е малку веројатен без координирано укинување на европските и технолошките бариери. Во меѓувреме, танкерите остануваат клучот што може да ја отклучи – или заклучи – вратата кон глобалниот пазар. Додека Истокот и Западот продолжуваат да ги мерат силите, енергетската иднина останува неизвесна, но полна со можности.
Извор: Energy Intelligence