Белград. 28 февруари 2025 г. – Американските санкции кон Нафтната индустрија на Србија (НИС), кои требаше да стапат на сила на 27 февруари, се одложени за дополнителни 30 дена, односно до 28 март, објави спрскиот портал, Нова.рс. Оваа одлука доаѓа по барањето на Србија упатено до Одделот за контрола на странски имоти при Министерството за финансии на САД за одложување од најмалку 90 дена, со цел да се реши прашањето со сопственичката структура на компанијата, во која руската фирма „Гаспром њефт“ има значителен удел.
Според претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој ја објави веста на Инстаграм, одложувањето е „добра вест за граѓаните на Србија“. Тој сподели документ од американското Министерство за финансии, во кој се наведува дека санкциите се одложени до 28 март или додека не се заврши одобрената трансакција за рускиот удел во НИС. Претходно, на 26 февруари, Белградската берза објави дека „Гаспром њефт“ го намалил својот удел од 50% на 44,85%, пренесувајќи 5,15% на „Гаспром“, со што уделот на „Гаспром“ пораснал од 6,15% на 11,30%. Оваа промена се толкува како обид да се ублажат ефектите од санкциите, иако останува нејасно дали е доволна за целосно избегнување на мерките.
Експертите сметаат дека овие 30 дена се клучни за Србија да изнајде долгорочно решение. Професорот Горан Радосављевиќ за Нова.рс изјави дека одложувањето не значи укинување на санкциите, туку дава простор за преговори. „Ако санкциите стапат на сила, НИС би можел да се соочи со финансиски блокади, а банките и партнерите би прекинале соработка поради ризикот од секундарни санкции“, предупреди тој. Од друга страна, министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, уверува дека снабдувањето со гориво останува стабилно и дека граѓаните нема да почувствуваат промени.
Ова одложување доаѓа во контекст на пошироки геополитички притисоци, каде САД ги санкционираат руските енергетски компании за да го ограничат финансирањето на војната во Украина. НИС, како единствена компанија во Србија што се занимава со истражување, производство и преработка на нафта, е од стратешко значење за регионот.
Извор: Нова ТВ Србија