Брисел. 28 март 2025 година – Европската комисија на 26 март 2025 година ги претстави резултатите од вториот среднорочен круг за заедничка набавка на гас преку платформата AggregateEU, а бројките се повеќе од охрабрувачки. Во овој циклус, европските компании агрегираа побарувачка од 29 милијарди кубни метри (bcm) природен гас, додека добавувачи од Европа и светот понудија речиси 31 bcm. Од нив, околу 20 bcm успешно се усогласени, отворајќи пат за билатерални преговори меѓу учесниците.
Од април 2023 година, Комисијата организираше седум вакви рунди, собирајќи побарувачка од над 119 bcm од европските компании, додека добавувачите од светот понудија дури 191 bcm. Барајќи ги најдобрите и најконкурентни понуди, AggregateEU успеа да покрие близу 100 bcm од европските потреби.
Според комесарот за енергетика и домување на ЕУ, Дан Јоргенсен, за европските купувачи е од суштинска важност да добијат конкурентни понуди од сигурни меѓународни партнери, а успехот на вторриот среднорочен круг покажува колку пазарот го цени овој пристап и колку е значајна транспарентноста за корисниците и купувачите на гас во Европа.

Што носи овој круг?
Во овој среднорочен круг, фирмите можеа да пријават колку гас им треба за повеќе шестмесечни периоди, сè до октомври 2030 година, почнувајќи од јули 2025. Ова е дел од услугата на AggregateEU за да се обезбеди стабилност и сигурност во снабдувањето, надоврзувајќи се на кризниот механизам од 2023 година. Уште поважно, овој потег ја зацврстува заложбата на Комисијата да ја оддалечи ЕУ од рускиот гас и да ги диверзифицира изворите на енергија.
AggregateEU: Европски енергетски адут
AggregateEU е главната алатка на Комисијата за собирање на побарувачката и координирана набавка на гас, дел од ЕУ Енергетската платформа што започне да се применува во април 2023. Идејата е едноставна, но моќна: да се направи снабдувањето поразновидно, побезбедно и подобро организирано.
Следејќи го пакетот за водород и декарбонизирани гасови, Европската Комисија веќе работи на постојан механизам за заедничка набавка на гас, но и на слични системи за водород и клучни суровини.
Извор: Европска Комисија