Брисел. 27 март 2025 – Москва и Вашингтон водат разговори за повторно активирање на гасоводите „Северен тек 1и 2“, откри рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во интервју руската телевизија „Канал Еден“.
Според бриселскиот онлајн магазин Политико кои известува на оваа тема, преговорите меѓу Вашингтон и Москва кои се одвиваат во сенка на потенцијалниот прекин на огнот во Украина, го пробудуја интересот на Русија за враќање на своето некогаш силно енергетско влијание врз Европа, додека САД, предводени од претседателот Доналд Трамп, гледаат шанса за „огромни економски договори“.
Гасоводите „Северен тек 1 и 2“, кои до крајот на 2022 година испорачуваа руски гас до Германија користејќи ги подводните линии во Балтичкото Море, беа уништени во серија мистериозни експлозии, за кои се верува дека се дело на саботажа. Иако истрагата сè уште трае, а прстот често се вперува кон украински државјани, Москва ги отфрла обвинувањата и ги вперува кон Украина, Велика Британија и администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден.
Во изјава за руската државна телевизија „Канал Еден“ министерот Лавров потврди дека во тек се разговори за „Северен тек“, додавајќи дека „би било интересно ако Американците го искористат своето влијание врз Европа и ја натераат да не го одбива рускиот гас“.

Инаку, пред руската инвазија на Украина во 2022 година, Русија обезбедуваше околу 40% од гасот за Европската Унија, што ѝ даваше огромна моќ над енергетските пазари на континентот. Денес, и покрај намалувањето на зависноста за околу две третини, прашањето останува трн во очите на Киев, бидејќи се смета дека приходите од гас и нафта ја одржуваат руската воена машинерија.
Иако Германија досега се спротивставува на идејата за враќање на „Северен тек“, ставовите во Берлин би можеле да се променат. Актуелниот министер за економија Роберт Хабек минатата недела во Брисел изјави дека „разговорите за потенцијалот на „Северен тек 2“ се сосема погрешна насока“. Сепак, клучни официјални лица од партиите, кои во моментов преговараат за новата германска коалиција, навестуваат дека земјата би можела да се сврти кон рускиот гас по воспоставувањето мир во Украина. Лавров, од своја страна, подвлече дека „постои интерес за нормализирање на енергетското снабдување на Европа“.
Политико пренесува дека сепак, во ЕУ нема консензус околу овој оптимизам. Анонимен европски дипломат кој е цитиран од страна на бриселското издание, предупредува дека дека ваквиот развој на настаните е лош за Европа, потенцирајќи дека ако ЕУ сака да ја поддржи Украина, зошто би имала потреба повторно да се врзува за рускиот гас?“ Според истиот извор, „лудост“ претставува фактот што преговорите меѓу Вашингтон и Москва се водат без учество на Европа. Друг дипломат кој исто така говори анонимно за Политико, вели деја преговорите за рускиот гас се „строго европско прашање“, изразувајќи загриженост дека САД сакаат да ја стават ЕУ во подредена позиција, нарекувајќи го потегот „економски империјализам“.
Извор: Политико, Канел Еден