Франческо Ла Камера, генерален директор на ИРЕНА
Светот сè повеќе се карактеризира со нестабилност и непредвидливост, а енергетскиот сектор не претставува исклучок. Царинските давачки, санкциите, вооружените конфликти и нарушувањата во синџирите на снабдување имаат значајно влијание врз глобалната трговија со енергија, предизвикувајќи зголемен протекционизам во одредени држави и водeјќи до раст на цените на суровините и енергетската нееднаквост. Сепак, секоја криза покрај ризици носи и нови можности.
Глобалните геополитички и геоекономски промени нè поттикнаа повторно да го разгледаме концептот на енергетска безбедност. Историски гледано, енергетската безбедност се мереше преку стабилноста на снабдувањето со фосилни горива. Меѓутоа, според Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA), оваа дефиниција треба да се ревидира.
Современиот пристап кон енергетската безбедност мора да ја вклучува и способноста на државите за генерирање енергија од обновливи извори. Со тоа, освен што се обезбедува диверзификација на снабдувањето, се создаваат и услови за економски развој и заштита на критичната инфраструктура од економски влијанија и притисоци.
Обновливите извори на енергија, предводени од соларната фотоволтаика, ветерната енергија и други технологии напредуваат со огромна динамика, сè повеќе добивајќи централна улога во глобалниот енергетски систем. Во 2024 година беше регистриран рекорден пораст од 585 гигавати нов капацитет од обновливи извори на енергија, најголем досега. Според сценариото на IRENA за ограничување на глобалното затоплување на 1,5°C, до 2050 година над 90% од глобалната електрична енергија треба да се генерира од обновливи извори, со значително намалување на употребата на фосилни горива.
Во овој контекст, неопходно е да се признае дека геополитиката игра суштинска улога. Станува збор не само за технолошка трансформација, туку и за управување со политичките и економските фактори што ќе ја одредат праведноста, безбедноста и успешноста на енергетската транзиција.
Предизвиците вклучуваат усогласување на националните индустриски стратегии со постојните глобални трговски рамки, справување со ризиците од технолошко раздвојување, обезбедување правичен пристап до технологии за сите земји и управување со потенцијалот за нови геополитички влијанија кои може да произлезат од зависноста од чиста енергија.
Финансирањето и меѓународната соработка се од суштинско значење. Дополнителен предизвик претставуваат нерамномерната дистрибуција на обновливи капацитети, недоволното ниво на инвестиции и заканите поврзани со обезбедувањето на технолошки ресурси за енергетската транзиција.
Во извештајот на IRENA „Геополитика на енергетската транзиција: Енергетска безбедност“, се нагласува дека креаторите на политики не треба да ги пренесуваат старите парадигми од ерата на фосилни горива во енергетски системи засновани на обновливи извори. IRENA идентификуваше повеќе клучни аспекти кои треба систематски да се земат предвид при носењето на национални одлуки врз основа на природните ресурси и компаративните предности. Ова е особено значајно во време кога владите вложуваат значителни средства во инфраструктури кои стануваат сè повеќе електрифицирани, дигитализирани и децентрализирани.

Во сржта на оваа транзиција се наоѓа и геополитиката на критичните суровини. Експлоатацијата на минерали како литиум, кобалт, никел и ретки земји е високо концентрирана во неколку држави. Оваа концентрација создава сериозни ранливости за глобалната енергетска транзиција и ја загрозува енергетската безбедност.
Геополитичките ризици се зголемуваат и поради концентрацијата на капацитети за обработка и рафинирање на овие минерали, како и поради прашањата за фер пристап и сигурна логистика. Конкуренцијата за овие ресурси може да доведе до трговски конфликти, извозни ограничувања и манипулации со пазарите, со што транзицијата не само што ќе се забави, туку ќе стане и поскапа – како што покажува извештајот на IRENA „Геополитика на енергетската транзиција: Критични суровини“.

Сепак, според анализите на IRENA, нема недостаток од резерви на критични материјали. На пример, глобалните резерви на литиум се проценуваат на 560 милиони тони, додека очекуваната годишна побарувачка до 2030 година е помеѓу 1,7 и 2,3 милиони тони.
Бидејќи ниту една земја не ги контролира сите аспекти на технологиите за чиста енергија, од суштинско значење е националните политики да се разгледуваат во поширок контекст на меѓузависност и соработка при управувањето со енергетската транзиција.
Во таа насока, потребно е:
- Зголемени инвестиции во истражување и експлоатација, особено во слабо истражени региони како што е Африка, каде што постојат значајни неискористени ресурси. Меѓународната соработка ќе биде клучна за привлекување инвестиции и развој на диверзифицирани и отпорни синџири на снабдување.
- Поттикнување на иновации во чистите технологии, особено во производството на батерии. Технолошкиот напредок кој овозможува ефикасност и замена на критичните материјали ќе ја намали зависноста од нив и ќе ги намали геополитичките тензии.
- Диверзификација и зајакнување на синџирите на снабдување. Ова не подразбира само обезбедување на суровини, туку и праведна распределба на бенефициите, особено за земјите во развој. Прозрачните пазари ќе бидат клучни за обезбедување универзална енергетска безбедност.
Програмата за работа на IRENA во 2025 година за геополитика ги поставува овие теми како приоритетни. Нашата работа на ова поле е унапредена и ја одразува нашата фокусираност на геополитичките динамики кои влијаат врз енергетскиот сектор.
Во 2018 година, по иницијатива на IRENA, беше формирана Глобална комисија за геополитика на енергетската трансформација. Тогашната одлука да се анализираат геополитичките импликации од трансформацијата кон обновливи извори на енергија беше визионерска, резултирајќи со извештај кој служи како значаен извор за разбирање на тековните глобални процеси.
Сметаме дека е дојдено време за нова проценка на геополитичките импликации од глобалната енергетска транзиција, каде доминираат обновливите извори. Затоа, сакаме повторно да свикаме Глобална комисија за геополитика на енергетската транзиција и да ги повикаме политичките и бизнис-лидерите, академиците и креаторите на политики да ги разгледаат начините на кои политиката, енергетиката, економијата, трговијата, животната средина и развојот се и ќе бидат засегнати од растечката улога на обновливата енергија.
Конечно, решението лежи во иновативни модели на управување кои ја ставаат инклузивноста и одржливоста во прв план.
Во заклучок, енергетската транзиција претставува и предизвик и исклучителна можност. Преку меѓународна соработка, иновативни модели на управување и стратешки инвестиции во истражување, рециклирање и технологии, можеме да обезбедиме дека придобивките од транзицијата кон чиста енергија ќе бидат праведно распределени на глобално ниво.
Франческо Ла Камера е генерален директор на Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA), од 4 април 2019 година со повеќе од три децении искуство во областа на климатските промени, одржливиот развој и меѓународната соработка. Во својата улога, Ла Камера е одговорен за реализацијата на програмата за работа и стратегијата на IRENA, во соработка со земјите-членки на Агенцијата. Под негово раководство, Агенцијата воспостави нови стратешки партнерства со организации на Обединетите нации, вклучително и со Програмата за развој на ОН (UNDP), Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC) и Зелен фонд за клима (Green Climate Fund), меѓу другите. Еден од клучните приоритети на неговиот мандат е имплементација на поактивен и резултатски ориентиран пристап во работата на Агенцијата.
Извор: ИРЕНА