КОЛУМНА: Сакате да го намлите трговскиот суфицит со Трамп? Суровата нафта, течниот природен гас и јагленот можат да помогнат – малку


Клајд Расел, колумнист

ЛОНСЕСТОН, Австралија, 10 април 2025 – Среде хаосот на пазарот и турбуленциите предизвикани од непредвидливото воведување и повлекување на глобалните царини од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, веројатно ќе се појават одредени јасни трендови.
Еден од тие трендови е дека земјите кои сакаат да склучат договор со Трамп ќе се обидат да купуваат повеќе американски производи за да го намалат својот трговски суфицит со Соединетите Американски Држави.
Проблемот се состои во тоа што, многу земји од САД бараат релативно мал број индустриски производи, а дури и успешните примери на производи како на пример авионите на „Боинг“, само ја истакнуваат ограничената конкурентност на американските стоки.

Сепак, постои една област каде земјите можат да се обидат да го зголемат увозот од САД, а тоа се енергетските суровини како суровата нафта, течниот природен гас (LNG) и јагленот.
Но, во овој случај очигледниот проблем е дека ако секоја земја која сака да склучи договор со Трамп се обврзе да купува повеќе американски енергенси, САД многу брзо ќе останат без капацитет да ја задоволат побарувачката.
Ова значи дека оние што ќе дејствуваат први, можеби ќе успеат да обезбедат енергетски производи од САД, а со тоа и да добијат одредена предност во преговорите со администрацијата на Трамп.
Јапонија и Јужна Кореја се две земји кои би можеле да се обидат да купат повеќе американска енергија. Двете земји се големи увозници на сурова нафта, LNG и јаглен, имаат голем трговски суфицит со САД, а патем и двете се традиционални сојузници на САД. Останува нејасно дали ако се одлучат на таков чекор, тоа би значело нешто за претседателот Трамп.
Од друга страна, прашање е дали ако Јапонија и Јужна Кореја се префрлат на купување американски енергенси, тоа значително ќе влијае на нивниот трговски биланс со САД?

Advertisement

Според податоците обработени од страна на аналитичарите за суровини Kpler, Јапонија во 2024 година увезла 12,44 милиони барели американска сурова нафта, што е околу 1,6% од вкупниот увоз од 794,9 милиони барели.
Претпоставувајќи просечна цена од 70 долари за барел за увозот, излегува дека Јапонија потрошила 870,8 милиони долари за набавка на американска нафта во 2024 година.
Колкав би бил најголемиот можен удел на американската нафта што Јапонија би можела да го купи, со оглед на фактот дека земјата веќе има активни долгорочни договори со своите главни добавувачи како Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати?
Јапонија, исто така, мора да се погрижи видовите нафта што ги купува да бидат соодветни за преработка во нејзините рафинерии, што исто така ќе биде ограничувачки фактор за увозот од САД.
Ако Јапонија успее да го зголеми процентот на увоз на американска нафта на 10% од вкупниот увоз, тоа би изнесувало околу 80 милиони барели годишно, што по сегашната цена од околу 60 долари за американската West Texas Intermediate би чинело околу 4,8 милијарди долари.
Трговскиот суфицит на Јапонија со САД во 2024 година изнесувал 68 милијарди долари, па дури и огромното зголемување на увозот на американска нафта би имало само мало влијание.

LNG и јаглен
Според податоците на Kpler, Јапонија во 2024 година увезла 6,5 милиони тони американски LNG, или околу 9,6% од вкупно 67,43 милиони тони за таа година.
Со оглед на веќе прилично големиот удел на американскиот LNG во увозот на Јапонија, дополнителните колични тешко би можеле значително да го зголемат ваквиот процент. Сепак, доколку тоа се случи, се претпоставува дека Јапонија би можела да го зголеми уделот на американски LNG во својот увоз на 30%, или околу 13,5 милиони тони.
По сегашната моментална цена на азискиот LNG од 13 долари за милион британски термални единици, тоа би вредело околу 9,13 милијарди долари, во споредба со претпоставената вредност од околу 4,39 милијарди долари во 2024 година. Повторно, ова би помогнало да се намали трговскиот суфицит со САД, но тоа би било незначително.

Јагленот, како енергенс, нуди уште една можност, имајќи предвид дека Јапонија во 2024 година увезла 4,37 милиони тони од САД, или околу 2,8% од вкупно 153,73 милиони тони.
Но, увозот на јаглен од САД носи повисоки трошоци во споредба со сегашните главни добавувачи на Јапонија, земјите како Австралија и Индонезија, пред се, поради подолгите растојанија за транспорт од источниот брег на САД.
Исто така, постојат ограничувања во капацитетот за извоз на јаглен од САД, па затоа се поставува прашање колкава дополнителна количина би можело реално да се испорача.
Инаку, Јапонија главно купува металуршки јаглен од САД, а од аспект на снабдувањето би било предизвик да се зголеми увозот на овој вид, што значи дека секое зголемување на увозот претежно би се однесувало на термалниот јаглен.
Изразено во конкретни бројки, доколку Јапонија успее да го зголеми уделот на американскиот јаглен на 10% од својот увоз, тоа би вредело околу 1,5 милијарди долари, врз основа на цената на термалниот јаглен од 100 долари за тон, односно, со други зборови, многу мал дел од вкупниот трговски суфицит со САД.

Генерално, дури и ако земјите како Јапонија го зголемат увозот на американски енергетски суровини, тоа би направило само мала разлика во нивниот трговски суфицит со САД. Од друга страна, и американските извозници на енергија исто така, брзо би останале без капацитет ако повеќе големи увозници истовремено ја применат истата тактика.


Клајд Расел е колумнист за суровини и енергетски прашања во Азија. Тој е новинар и уредник скоро четири децении, а покривал од војни во Африка до бумот на суровините на светските берзи. Роден е во Глазгов, живеел во Јоханесбург, Сиднеј, Сингапур, а сега го дели времето меѓу Тасманија и Азија. Пишува за трендовите на пазарите на суровини и енергија, со посебен фокус на Кина. Пред да стане новинар кој разработува теми од областа на финансиите, Клајд известувал за граѓанските војни во Ангола, Мозамбик и други африкански жаришта.

Извор: Want to cut your trade surplus with Trump? Crude, LNG and coal can help – a bit

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement