Лондон. 14 мај 2025 – Европа е на добар пат да ги обнови своите резерви на природен гас оваа година, и тоа, за првпат, речиси без користење руски гас преку гасовод. Но, плановите на Европската Унија за целосно напуштање на руските енергенси сè уште изгледаат како застрашувачка задача.
Иако увозот на руски гас преку гасоводите драстично опадна по руската инвазија врз Украина во февруари 2022, сепак околу 19% од вкупниот гас што го увезува ЕУ сè уште доаѓа од Русија, како течен природен гас (ЛНГ), или преку гасоводот „Турски тек“ кој влегува во Централна Европа.
Сепак, Унијата изгледа решена да го промени ова. Минатата недела, Брисел објави патоказ за целосно укинување на увозот на руска нафта и гас. Во јуни, Европската комисија ќе предложи и правни мерки со кои до крајот на 2027 година ќе се забранат сите преостанати договори за руски гас преку гасовод и ЛНГ, а до крајот на 2025 и сите нови договори и спот зделки.
На прв поглед, Европа изгледа подготвена за ваков пресврт. По една тешка зима, гасниот пазар сега е во релативно мирна фаза.
Ладното време, заедно со затворањето на последниот голем гасовод од Русија, доведе до брзо трошење на резервите. Истовремено, строгите правила на ЕУ кои наложуваат складиштата да бидат исполнети до 90% до ноември, создадоа дисбаланси во цените на гасот во регионот.
Но, големиот прилив на ЛНГ во последните месеци и потоплото време ѝ овозможија на Европа да почне со долгиот процес на повторно полнење на подземните складишта. До 11 мај, нивото на складишта достигна 43% од капацитетот, раст од сезонскиот минимум од 35% на крајот на март, според податоците на Gas Infrastructure Europe. Сепак, ова е за една третина помалку во споредба со истиот период од минатата година.
Ако продолжи досегашното темпо на полнење, резервите би можеле да стигнат до 90% веќе до крајот на септември, покажуваат пресметките на Ројтерс.
Со намалувањето на грижите околу европските резерви, зголеменото производство на ЛНГ и послабата побарувачка од Азија, и референтната цена на гасот TTF падна – од 58 евра за мегават-час на 10 февруари, на околу 35 евра деновиве.

Источниот фронт
Но, дали навистина е „завршена работа“ енергетската одвикнувачка терапија на Европа од Русија? За жал, не е сè тивко на источниот фронт на континентот.
Словачка и Унгарија, членки кои во голема мера зависат од руска нафта и гас, и чии лидери имаат блиски односи со Владимир Путин, веќе гласно се спротивставија на предлогот за забрана.
Точно е дека за усвојување на предлогот на Комисијата не е потребна едногласност, туку квалификувано мнозинство во Европскиот парламент. Но, нивното противење може да го искомплицира политичкиот процес.
Дополнителен предизвик би можел да дојде од другата страна на Атлантикот. Американскиот претседател, Доналд Трамп е голем поборник за постигнување мировен договор меѓу Украина и Русија, а во рамките на евентуалниот договор, Русија веројатно ќе инсистира да ги обнови, или барем да ги задржи продажбите на гас кон Европа, која историски е нејзиниот најважен пазар.
Таквото сценарио е сè уште далечно. Европскиот комесар за енергетика Дан Јоргесен веќе изјави дека ЕУ нема намера повторно да увезува руски гас, дури ни по постигнувањето на можен мировен договор. Но Трамп, би можел да ја принуди Европа да попушти.
Пазарна реалност
Целосното прекинување на руските испораки на ЛНГ исто така не е лесно, особено поради тоа што пазарот е силно концентриран. Во првите четири месеци од 2025 година, Русија обезбеди околу 15% од ЛНГ што го увезе Европа, втор најголем снабдувач по САД, кои држат над 55% од пазарот.
Забраната за руски ЛНГ би ја направила ЕУ уште позависна од американските испораки. Ако САД покријат и до 70% од европските потреби, секој прекин поради урагани или поплави на американскиот јужен брег, каде се концентрирани поголем дел од терминалите, би значел сериозен ризик за енергетската безбедност на Европа.
Во суштина, ЕУ би го заменила едниот вид зависност (од Русија) со друг (од САД) – во време кога трансатлантските односи се понапнати од било кога.
Сепак, олеснување може да донесе најавениот бран на нови ЛНГ проекти, особено во САД и Катар, кои ќе ја зголемат глобалната понуда во текот на следната деценија.
Покрај тоа, се очекува дека потрошувачката на гас во Европа ќе продолжи да опаѓа, благодарение на порастот на обновливите извори и слабеењето на енергоинтензивната индустрија, што ќе ја олесни транзицијата.
Европа можеби успешно ја скрати својата зависност од рускиот гас преку гасоводи, но целосното ослободување од руската енергија сè уште останува една од најтешките енергетски и геополитички битки што ѝ претстојат на Унијата.


Рон Бусо, колумнист за енергетика на Ројтерс
Извор: Ројтерс