Наместо избор на еден енергетски извор наспроти друг, САД мора итно да создадат услови за комбинација која ќе ја задоволи побарувачката.
Хенри Полосн
Еден од најитните и недоволно согледани енергетски предизвици со кои се соочуваат Соединетите Американски Држави е трката за вештачка интелигенција со Кина. Америка засега води, но Пекинг инвестира огромни ресурси за да ја намали разликата. Прашањето за Вашингтон е: може ли САД да ја задржат предноста без сеопфатна национална енергетска стратегија што ќе ја поткрепи оваа трка?
Енергетскиот пејзаж доживеа драматични промени во последните години. Инвазијата на Русија врз Украина го прекрои преку ноќ: цените експлодираа, а владите се натпреваруваа да ја намалат зависноста од рускиот гас. Енергетската безбедност стана највисок приоритет. Додека Европа и останатите региони кои не се енергетски независни се обидуваат да ги надминат своите слабости, сè повеќе се свртуваат кон соларната енергија и енергијата од ветерот за да ја намалат зависноста од фосилните горива.
Кина е во офанзива, комбинирајќи долгорочна индустриска стратегија со масовни инвестиции како во инфраструктурата за вештачка интелигенција, така и во енергијата што е неопходна за нејзина поддршка. Се очекува пазарот на дата-центри во Кина да порасне за речиси 275 милијарди долари во периодот од 2025 до 2029 година. Само во 2024 година, Кина инвестираше повеќе во обновливи извори на енергија отколку САД, Европската Унија и Обединетото Кралство заедно. Амбицијата на Пекинг е јасна: да доминира со технологиите на иднината, со целосно разбирање дека токму енергетската политика ќе биде клучот за тоа.
Во исто време, во САД, како што моделите на вештачка интелигенција стануваат сè покомплексни и се применуваат на поголем обем, а побарувачката за моќ на клауд расте, побарувачката за електрична енергија се зголемува побрзо отколку што снабдувачите можат да изградат нови капацитети. Одделни дата-центри веќе трошат исто онолку струја колку средно големи градови. Во Вирџинија, дата-центрите во 2023 година консумираа околу една четвртина од вкупната потрошувачка на електрична енергија на државата. Ова предизвика зголемена загриженост за оптоварувањето на системот и порастот на сметките за домаќинствата, што доведе до нови регулативи и ефективен мораториум за изградба на нови дата-центри во државата.
САД мора да развијат и применат јасна национална енергетска стратегија што ќе даде приоритет на брзината, флексибилноста и економичноста. Бидејќи побарувачката за електрична енергија далеку ја надминува понудата, разумно е чистата електрична енергија да се гледа како „дополнување“ на постоечките извори. Всушност, речиси целокупното зголемување на производството на електрична енергија во САД минатата година дојде од соларни и ветерни извори – традиционалните извори повеќе не можат сами да ја задоволат побарувачката.
Гасот не може да ја пополни празнината на краток или среден рок поради недостигот на турбини. Јагленот не е решение бидејќи затворените термоцентрали не можат доволно брзо да се реактивираат за да ги покријат итните потреби (покрај тоа што загадувањето сериозно го загрозува здравјето). Проширувањето на нуклеарната енергија е суштински дел од решението, но САД заостануваат со години зад Кина, која е далеку напред во развојот на најсовремени нуклеарни технологии.
Иако САД располагаат со изобилство од природен гас, многу дата-центри и натаму ќе зависат од него, но се појавуваат паметни, побрзи модели. На пример, хибридниот модел што комбинира соларна енергија и батериско складирање со резервно снабдување од гас за време на врвна побарувачка е многу побрз за поставување, бидејќи временските рамки за нарачка на опрема, добивање дозволи за воздух и приклучување се пократки. Исто така, овие модели бараат помали почетни инвестиции, а вкупните трошоци се споредливи со традиционалните гасни капацитети.
Сепак, овој модел носи ризици. Ако на краток рок се случи шок во синџирот на снабдување со соларни панели или системи за складирање енергија, би се појавила сериозна празнина токму кога енергетските потреби на вештачката интелигенција експоненцијално растат. Дополнително, без постојните поттикнувачки мерки за соларната индустрија – кои беа клучни за создавање фер услови на пазарот во конкуренција со Кина – како и поради тарифните режими на американската администрација, трошоците на хибридниот модел би се зголемиле. Но, држењето исклучиво до гасот би значело жртвување на брзината на развој и обложување против забрзаното намалување на цените на соларната енергија и батериското складирање, кои само минатата година паднаа за околу 20 отсто, а за повеќе од 80 отсто во изминатата деценија.
Правилниот пристап не е избор на еден енергетски извор наспроти друг, туку итно создавање услови за брзо зголемување на оние решенија кои функционираат. Тоа подразбира ниски даноци и блага регулатива, како што беше случајот за време на првата администрација на претседателот Трамп, кога започна американскиот бум на обновливи извори. Исто така, треба да се ослободат од увозните давачки клучните технологии како што се батериите со долготрајно складирање, а паралелно со тоа, да се засили поддршката за решенијата за складирање енергија во големи размери, базирани во САД. Кога станува збор за начинот на кој енергетските компании ги враќаат своите инвестиции, мора да се поттикнува вложување во технологии што ќе ги намалат трошоците за сите потрошувачи.
Вештачката интелигенција е главен двигател на зголемената побарувачка за електрична енергија. Но истовремено, таа има потенцијал да овозможи значително зголемување на понудата. Нема простор за губење време. Поголемите капацитети, пониските трошоци и поголемата енергетска безбедност ни се на дофат.
САД сè уште располагаат со значајна предност во енергетската независност. Испитот е дали ќе успееме да ги задоволиме енергетските потреби на новата ера на иновации. Ако успееме, нашата водечка позиција во областа на вештачката интелигенција ќе биде обезбедена со децении нанапред.
Хенри Полсон. Авторот е поранешен секретар за финансии на САД и претседател на Институтот Полсон.
Извор: Financial Times