Во јуни 2023 година, Владимир Путин се качи на јахта во Финскиот Залив за да присуствува на церемонијата на подигнување на знамето над новото седиште на компанијата Гаспром, државниот енергетски гигант кој е камен-темелник на неговиот империјален проект.
„Убаво“, се обрати тој кон својата домаќинка, Елена Иљухина, која беше задолжена да ја надгледува изградбата на облакодерот, на брегот на Финскиот залив. Иако малку позната за јавноста, елегантно облечената жена е мошне влијателна фигура во рускиот енергетски сектор и извршен директор во успешна нафтена подружница на Гаспром.
Очигледно опуштена во друштво со рускиот претседател, Иљухина продолжи да разговара додека започна интонирањето на руската химна и беа подигнати трите најважни знамиња на земјата: руското тробојно знаме, советскиот срп и чекан и империјалниот стандард на императорот Петар Велики, кои го одразуваат историското наследства врз кое Путин се повика во предвечерјето на неговата инвазија врз Украина.
Со мала насмевка, Путин стави прст на усните со цел да ја замолчи Иљухина. Видливо засрамена, Иљухина брзо почна да зборува забрзано.
Сепак, во март следната година, Елена Иљухина беше унапредена во заменик-генерален директор на Гаспром, одговорна за амбициозната реструктуризација на најголемата руска компанија, која се соочува со својата најголема криза во последните години.
По долги години на енормни профити како резултат на монополот врз извозот на руски гас преку цевководи, Гаспром сега се бори да се опорави од рекордните загуби, откако инвазијата на Путин врз Украина го уништи бизнис моделот на компанијата.

Подемот на Иљухина е извонреден подем за жена која се приклучи на компанијата Гаспром пред повеќе од 15 години, која е сојузник на главниот извршен директор Алексеј Милер и блиска пријателка со неговата долгогодишна партнерка Марина Енталцева. „Иљухина е полна со енергија и вешта во корпоративната политика. Таа е како Серсеи Ланистер [немилосрдно амбициозниот лик од Игра на тронови]. Но, се сомневам дека дури и таа може да го растресе ова мочуриште“, вели лице кое порано работело со неа.
Ваква голема реорганизација на компанијата би била незамислива само пред неколку години. Сепак, без реформи, иднината на Гаспром изгледа мрачна.
Според презентација на Гаспром од 42 страници подготвена минатата година и во која увид имаше Фајненшл Тајмс, во 2025 година, вкупните испораки кон Европа и Турција се очекува да се намалат за повеќе од петпати споредно со испораките остварени во 2019 година, паѓајќи на 47 милијарди кубни метри, а испораките до 2034 година до 34 милијарди кубни метри. Паричните текови ќе останат негативни достигнувајќи дефицит од 15 трилиони рубљи до 2034 година.
Документот, насловен како Трансформација на Гаспром, ги истакнува клучните предизвици од прекинатите синџири на снабдување и ослабените договори до ограничениот пристап на европскиот пазар, на кој Гаспром имаше доминантна позиција се додека не го искористи својот квази-монопол за да ја предизвика најлошата енергетска криза во Европа во последните половина век.
Интенцијата на Иљухина е да ги обедини расцепканите компании на Гаспром во „една, вертикално интегрирана компанија“. Тоа вклучува зајакнување на контролата врз Гаспром Нефт, динамичната и добро управувана нафтена компанија каде што таа помина повеќе од една деценија и, всушност најпрофитабилната компанија во портфолиото на Гаспром. Гаспром и Гаспром Нефт не одговорија на барањата за коментар во врска со овие тврдења.
Презентацијата исто така предлага намалување на трошоците — од патувања и закуп на канцеларии до односи со владата, како и продажба на несуштински средства, вклучително и продажба на дел или целата мрежа за полнење со метан на Гаспром. Во февруари годинава, Гаспром јавно стави неколку згради на продажба.
Признанието на Гаспром дека има потреба од реструктуризација на компанијата покажува колку сериозно паднал еден од столбовите на руската економија.
„Целата бизнис структура беше изградена во средина на постојан раст“, вели лице блиско до Гаспром. „Но сега сè се промени.“ Како дел од планот, Иљухина предложи најголемо намалување на персоналот во седиштето на компанијата, досега. По две децении на проширување, треба да бидат укинати 1.600 работни места, што претставува нешто под 40 проценти, објасни таа во писмо до Алексеј Милер.
На почетокот на 2025 година, Иљухина исто така презентираше детален план за намалување, во кој Фајненшл Тајмс имаше увид. Тој план предвидува затворање на најмалку три одделенија на компанијата, вклучително и едно, основано во 2022 година со цел да се изнајде начин да се замени западната технологија со руски алтернативи.
Уште осум департмани, вклучително департманот за надворешно-економски работи и капитални поправки, беа предвидени да се спојат, додека правните, даночните и благајничките функции ќе бидат консолидирани во еден центар. „Тоа беше неизбежно, но и задоцнето“, вели Татјана Митрова, истражувач во Центарот за глобална енергетска политика на Универзитетот Колумбија. „Ова е Гаспром — бирократски и хиерархиски гигант. Не е за изненадување што е меѓу последните руски државни компании што прифаќаат реформи.“
Путин почна да ја зајакнува контролата врз Гаспром набргу откако дојде на власт во раните 2000-ти години сред високите цени на енергијата, поставувајќи го Милер, неговиот поранешен заменик во градоначалничката канцеларија на Санкт Петербург, за главен извршен директор на компанијата.
Огромните профити на Гаспром помогнаа во финансирањето на една империја што оди далеку надвор од границите на енергетиката и вклучува од големи телевизиски канали како НТВ до третата по големина банка во Русија и голем дел од спортскиот сектор на земјата, а вработува и околу 500.000 луѓе.
Гаспром не само што помогна да се зацврсти власта на Путин дома, делумно поради неговата силна контрола врз телевизиските мрежи, туку и му помогна да изврши притисок врз Европа, неговиот главен клиент за гас, и врз Украина, главната транзитна точка кон Европа.
На маргините на единствената средба на Путин со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Париз во 2019 година, делегацијата од Киев влезе во она што очекуваа да бидат тешки преговори со Гаспром. Наместо тоа, открија дека Путин лично ќе ги води високо техничките преговори, знак колку е суштински важен Гаспром за целите на Русија.
Додека Путин се расправаше со Украинците околу таксите за транзит на гас и арбитражните спорови, Милер, главниот извршен директор на Гаспром, молчешкум разгледуваше куп документи, се сеќава Јуриј Витренко, кој тогаш беше извршен директор во украинската државна енергетска компанија Нафтогаз.
„Во основа, сè е геополитика. Тоа е потребно за да се преговара со Русија околу снабдувањето со гас“, вели Витренко.
Важноста на Гаспром за власта на Путин значеше дека нормалните корпоративни принципи беа ставени во втор план. Компанијата изгради репутација дека е целосно затворена и неефикасна, дури и според стандардите на руските државни енергетски компании, и се соочува со постојани обвинувања за корупција.
Еден руски инвеститор се сеќава на тркалезна маса за корпоративно управување одржана во средината на 2010-тите, каде економистот Владимир Мау, тогашен член на бордот на Гаспром, побарал да го види тогаш потпишаниот договор за испораки на гас во Кина. Владините претставници кои присуствувале на дискусијата, предводени од тогашниот премиер Дмитриј Медведев, ја исмевале идејата.
Сепак, и покрај недостатоците, Гаспром успеа да се одбрани од обидите на реформаторите кои се залагаа за продуктивност и истовремено од тврдокорните структури во Кремљ кои ги посакуваа неговите извозни рути.
Тајната на преживувањето на компанијата лежи во нејзината природа. Монополот на Гаспром е изграден околу едноставна премиса: испорачува евтин гас по висока цена во Европа и ги насочува профитите кон домашните и геополитичките амбиции на Кремљ.

„Тие прават важни работи за државата на сигурен и доверлив начин“, вели поранешен висок функционер. „Претседателот го познава раководството на компанијата, тие луѓе имаат авторитет и тој им верува.“
Во еден пример за влијанието на компанијата, државната банка Сбербанк го отпушти својот шеф на истражувања и главен аналитичар за нафта и гас во 2018 година откако беше објавен извештај во кој се тврдеше дека Гаспром дава приоритет на збогатувањето на своите изведувачи — вклучително и компании во сопственост на пријатели на Путин — пред своите акционери и профитот.
„Гаспром не е шампион во профитабилност“, вели висок функционер од Кремљ. „Но, си ја врши работата многу ефикасно.“
Во 2005 година, Гаспром ја купи нафтената компанија Газпром Нефт, тогаш наречена Сибнефт, од поранешниот сопственик на Челси, Роман Абрамович, за многу повеќе од она што тој го плати во 1990-тите, што несомнено се сметаше за награда за неговата лојалност.
Политички, потегот имаше смисла бидејќи Путин го враќаше енергетскиот сектор под државна контрола. Но, бизнисот, кој функционира повеќе како компанија водена од пазарните услови, не се вклопуваше добро во Гаспром.
„Путин сакаше да ја врати контролата врз природните ресурси на Русија по хаосот од постсоветските години, но… апсорбирањето на нафтена компанија никогаш не беше целосно природно вклопување“, вели Ади Имсировиќ од Surrey Clean Energy, кој некогаш го водеше бизнисот за трговија со нафта на Гаспром во Лондон.
Една година по преземањето, во 2006 година, Александар Дјуков стана претседател на Газпром Нефт, а две години подоцна и негов извршен директор. Како и Милер, Путин го познаваше Дјуков од годините поминати во Санкт Петербург, по распадот на СССР, но двајцата мажи имаа спротивни пристапи во управувањето со нивните компании.
„Тешко е да се најдат две руски компании што се повеќе различни. Изгледаат како да се од различни планети“, вели Митрова од Колумбија. Според неколкумина сегашни и поранешни високи руски енергетски раководители, под водство на Дјуков, Газпром Нефт заработи репутација на модерна пазарна компанија со западен стил на управување.
Во рамките на Гаспром Нефт, одделенијата како upstream и downstream, одговорни за различни делови од синџирот на снабдување, имаа свои финансиски и правни тимови, носејќи свои одлуки, вклучително и за кои инвестициски проекти да трошат пари.
Друг поранешен висок руски енергетски раководител, вели дека обвинувањата за корупција околу компанијата биле „само мал дел“ споредено со корупцијата во „целата структура на Гаспром“.
Откако Газпром Нефт презеде проекти што претходно ги водеше нејзината матична компанија, изведувачите бараа превисоки цени кои беа далеку над она што компанијата го плаќаше на друго место. Кога побараа објаснување, изведувачите тврдеа: „Има начин за нафтените компании и има начин за Гаспром“, се сеќава лице блиско до Газпром Нефт.
Како и бизнисите што ги водат, Милер и Дјуков се исто така целоснo различни. Слично на другите високи руски технократи и корпоративни раководители, Дјуков беше шокиран кога почна војната со Украона и тажен што е отсечен од Западот, иако тивко продолжи со работата.
Милер, пак, беше толку ревносен поддржувач на инвазијата што бараше од своите раководители во компанијата да носат значка со буквата Z — симболот кој е насликан на руските тенкови. Гаспром дури распореди најмалку два баталјони во Украина со луѓе регрутирани од сопствените безбедносни чувари и им обезбеди бенефиции, бонус плати и опрема.
„Можам да го замислам Дјуков во било која западна компанија — BP, Shell“, вели лице што ги познава двајцата. „Но, не можам да го замислам Милер таму. Неговите главни квалитети се фотографската меморија, што Путин високо ја цени, и лојалноста.“
Како што тврдат повеќе извори, Иљухина често дејствуваше како мост меѓу Газпром Нефт и Газпром, лице од кое Дјуков можеше да побара да покрене деликатно прашање со Милер.
Првично, извори блиски до Газпром Нефт мислеа дека таа го должи своето влијание во Газпром на Енталцева, блиска пријателка која беше асистент на Путин во 1990-тите, а подоцна го водеше одделот за протокол во Кремљ. „Од самиот почеток, таа беше испратена во Газпром Нефт како човек на Милер, да надгледува“, вели лице блиско до компанијата.
Луѓето што ја познаваат ја опишуваат Иљухина како многу неконвенционална фигура. „За разлика од многумина во Гаспром, таа не се држи до шаблони и формалниот опис на нејзината улога. Знае како да оди надвор од своите формални должности“, вели еден од нив.
Во Газпром Нефт, многумина од нејзиниот тим беа жени, невообичаено во енергетскиот сектор во Русија, кој е доминиран од мажи. Ставовите понекогаш можеа да бидат шовинистички. Едно лице блиско до Гаспром ја опиша нејзината канцеларија како „мешавина меѓу цвеќарница, парфимерија и продавница за плишани играчки“.

Додека беше таму, ѝ беа доверени големи проекти, вклучително и Центарот Лахта од 1,7 милијарди долари, кула висока 462 метри — кулата што Путин ја виде од јахтата тој ден заедно со Иљухина. Во раните 2010-ти, таа го надгледуваше градењето на „Алтајското Седиште“, официјално одморалиште на Гаспром, но широко се известуваше дека е една од куќите за одмор на Путин. Сите градежни проекти беа финансирани од Гаспром Нефт, чии раководители „би претпочитале да ги распределат на друго место“, вели лице блиско до компанијата.
Кога нејзиниот претходник во Гаспром беше сменет, наводно поради корупција, „Иљухина беше најдобриот избор и поради нејзината лојалност кон Милер, но и поради нејзиниот профил“, вели лице блиско до Гаспром Нефт за нејзиното назначување за заменик главен извршен директор на одделот за управување со имот и корпоративни односи.
Гаспром во голема мера не се вознемируваше од автономијата на својата подружница — сè додека неговите сопствени парични текови не пресушија.
Во пресрет на инвазијата во 2022 година, Гаспром започна да ги намалува испораките во Европа, собирајќи ги профитите додека цените на гасот достигнаа рекордни нивоа.
Откако почна, Гаспром продолжи да ги намалува испораките во Европа под изговор дека се доцнат редовните поправки на опремата. Но, зависноста на земјите од ЕУ од рускиот гас значеше дека Гаспром првично ги избегна големите санкции, а истовремено, свесни за таквата ситуација во Кремљ ги користеа испораките на гас за политичко влијание.
Ситуацијата се промени во септември 2022 година кога саботери го разнесоа гасоводот Норд Стрим, главната цевководна рута на Русија до Европа, под Балтичкото Море. Експлозијата ги забрза напорите на Европа да ја прекине зависноста од рускиот гас, при што уделот на нејзините увози преку цевководите од Русија падна на 11,2 проценти во 2024 година од 40 проценти пред војната, оставајќи го бизнис моделот на Гаспром во урнатини.
Од друга страна, Гаспром Нефт, се прилагоди на ценовниот лимит на Г7 за извоз на нафта и профитираше од високите цени. Во 2023 година, објави профит од 641 милијарда рубли, додека Гаспром пријави речиси ист износ (629 милијарди рубли) во загуби што е најлошата година во модерната историја. Како резултат, уделот на Газпром Нефт во заработката пред исплатата на камати, даноци, амортизација и амортизација (EBITDA) на групата речиси се удвои на 75 проценти.
Ова предизвика една од првите големи внатрешни борби за моќ во секторот од почетокот на инвазијата, според сегашни и поранешни високи руски енергетски раководители. Оттука, Гаспром се започна да ја запира децениската оперативна независност на Газпром Нефт преку процес на реструктуирање чија цел беше да го поткопа Дјуков и да ја зајакне контролата врз нејзините парични текови, велат тие. Во 2024 година, Газпром Нефт ја зголеми дивидендата од 50 на 75 проценти од профитот, зголемувајќи ги исплатите на својата матична компанија погодена од кризата и која поседува 90 проценти од неа.
Некои одделенија беа укинати, додека други, како буџет, благајна и човечки ресурси, сега се под директна контрола на Гаспром.
Корпоративните промени предизвикаа егзодус меѓу врвните соработници на Дјуков, вклучително и Вадим Јаковлев, кој го удвои производството на нафта на компанијата како шеф на нејзиниот upstream департман. Јаковлев се приклучи на главниот конкурент на Газпром во производството на ЛНГ, независниот производител Новатек.
Губењето на Јаковлев, кој оттогаш е заменет со менаџер од Газпром, беше удар за Дјуков, кој се дистанцираше од секојдневната работа, вели поранешниот висок руски енергетски раководител. Дјуков „е одличен човек со легендарно досие, но со години не се занимава со оперативно управување“, вели тој. „Одеше на состаноци на одборот и во Кремљ, ако мораше, додека Јаковлев ја вршеше валканата работа.“

„Upstream историски беше приоритет за инвестиции на Гаспром Нефт, а Гаспром сега сака контрола над сите инвестиции“, вели лице блиско до Гаспром. Сега кога клучните фигури се отстранети од под Дјуков, конфликтот стивна. Но, се додека Гаспром Нефт продолжува да ја надминува својата матична компанија, тензијата е далеку од завршена.
Целта на трансформацијата на Гаспром, според презентацијата на Иљухина, е да се премине од моделот „силни подружници контролираат слаб центар“ на моделот „силен центар, послушни подружници“.
Гаспром сега напорно работи да си го врати статусот.
Единствениот можен начин да се замени изгубениот основен пазар е со пренасочување на гасот од полињата што некогаш ја снабдуваа Европа кон Кина преку предложениот цевковод Сила на Сибир-2. Но, кога Путин го посети Пекинг минатиот мај, Милер беше забележително отсутен среде непопустливите барања од Кина околу цената и нивоата на испораки.
Наместо тоа, тој отпатува за Техеран, барајќи алтернативни извори на приход. По патувањето на Милер, Гаспром обезбеди договор за цевковод од 2 милијарди кубни метри годишно со Иран, каде застарената инфраструктура предизвикува прекини во снабдувањето иако Иран е третиот најголем производител на природен гас во светот.
Во 2024 година, Гаспром го зголеми извозот во Централна Азија, главно Узбекистан, и го прошири снабдувањето преку цевководи преку постоечките рути за 15 проценти вкупно, иако обемите остануваат далеку под нивоата пред инвазијата.
Според два извори, Гаспром дури презентираше и невообичаени идеи за зголемување на приходите, како префрлање на руските возови на долги релации да работат на гас.
Државата исто така интервенираше за да го одржи Гаспром на површина. Минатата година, го укина годишниот данок од 600 милијарди рубли на Гаспром што го воведе кон крајот на 2022 година, наведувајќи ја потребата да се „поддржат инвестициите“.
Гаспром исто така профитираше од консолидирањето на контролата врз проектот Сахалин Енерџи за развој на нафтени и гасни полиња во Охотското Море во рускиот Далечен Исток, заеднички потфат со Shell чиј удел беше национализиран откако компанијата објави планови за напуштање на проектот. Откако го купи уделот на Shell во 2024 година по драстично намалена цена, Гаспром пријави сметководствен профит од 167,4 милијарди рубли.
Овие мерки, од кои некои се само префрлање пари меѓу различни државни џебови не беа доволни за да ги надоместат сите проблеми на Гаспром. На 17 март, компанијата пријави загуба од 1,08 трилиони рубли за 2024 година според руските сметководствени стандарди, кои го покриваат само неговиот основен гасен бизнис, што е всушност најлошиот резултат во неговата модерна историја. Компанијата сè уште го нема објавено меѓународниот финансиски извештај, кој ги вклучува резултатите на подружниците.
За целосно враќање на финансиската стабилност, на Гаспром му треба голема промена во западната политика — сценарио што изгледа поприфатливо додека Доналд Трамп се обидува да стави крај на војната.
Поранешениот офицер на Штази во Источна Германија и близок пријател на Путин, Матијас Варниг, исто така се залага за рестартирање на преживеаниот цевковод Норд Стрим 2 со поддршка од страна на американски инвеститори.
Некои официјални лица од ЕУ исто така водат разговори за повторно започнување на продажбата на руски гас преку цевководи, што предизвика реакција од други официјални лица во Брисел и источноевропски дипломати. Лице блиско до Гаспром вели дека буџетот на компанијата за следните три години не го предвидува оживувањето на Норд Стрим.
„Ако се врати, тоа ќе биде бонус“, додаваат тие. Но, засега, позицијата на Гаспром останува несигурна. Во јануари годинава, компанијата побара од руската влада да го заштити својот монопол на извоз на гас преку цевководи до 2050 година и да „исклучи конкуренција“ меѓу руските играчи на светскиот пазар на ЛНГ, каде што Гаспром губи терен од Новатек.
Исто така компанијата, се обидува да издејствува повисоки домашни цени на гасот, тврдејќи дека сегашните контроли на цените не генерираат доволно средства за инвестиции во инфраструктурата.
Според реформите на Иљухина, бизнис моделот на Гаспром би се фокусирал на домашниот пазар, нудејќи сè од гас до електрична енергија и финансиски услуги. Но, во последните неколку години, Гаспром изгуби клучни домашни клиенти, особено богати бизниси, од Роснефт, воден од друг долгогодишен сојузник на Путин, Игор Сечин.
Обидот за свртување кон домашниот пазар би бил „голем потрес“, според Митрова од Колумбија, споредувајќи го потенцијален меѓу руските компании судир со сцена од научно-фантастичниот хорор филм Алиен против Предатор.
Но, Митрова не е целосно убедена дека Гаспром, кој е навикнат да прави работи на свој начин, е подготвен да прифати таква промена. „Надежите за оживување на Норд Стрим 2 може да бидат кочницата што го спречува [неопходната трансформација на] Гаспром кој сè уште копнее за враќање во минатото.“
Анастасија Стогнеј и Макс Седон за Фајненшл Тајмс
Извор: Inside Russia’s Gazprom: can the ailing energy giant be revived?
Comments are closed.