Во 2024 година, енергетската сцена во Европа е под власт на три гиганти – Шел, ТоталЕнерџис и Енел – чии операции не само што го одржуваат континентот осветлен и загреан, туку и ја движат економијата низ лавиринт од климатски цели, геополитички притисоци и пазарни промени. Ги разгледуваме причините за нивната доминација, нивното економско влијание и предизвиците што ги чекаат додека Европа се стреми кон почиста иднина.
На врвот на енергетската карта на Европа стои компанијата Шел, британскиот енергетски колос со пазарна капитализација од 225 милијарди долари. Во 2024 година, Шел произведуваше 1,7 милиони барели еквивалент на нафта дневно (BOE/d), додека истовремено вложи 3 милијарди долари за да обезбеди 3 гигавати (GW) ветерна и соларна енергија во Европа. По преселбата од Хаг во Лондон во 2021 година, Шел се позиционираше како хибриден играч – цврсто вкоренет во фосилните горива, но со растечки зелен отпечаток.
Од друга страна, францускиот гигант ТоталЕнерџис, чија пазарна вредност изнесува околу 170 милијарди долари, го надминува Шел во производство со 2,5 милиони BOE/d и приходи од 203 милијарди долари во 2024 година. Стратегијата на компанијата е навистина смела: 5 милијарди долари инвестиции во 2024 година донесоа 5 GW обновлив капацитет во Европа, што е дел од амбицијата за 100 GW ширум светот до 2030 година. „Ние градиме иднина надвор од нафтата“, изјави извршниот директор Патрик Пујане, сигнализирајќи трансформација што привлекува инвеститори.
Додека Шел и ТоталЕнерџис доминираат во сферата на фосилните горива, италијанскиот Енел, со пазарна капитализација од 110 милијарди долари, е ѕвездата во обновливите извори. Преку Енел Грин Пауер, компанијата управува со 25 GW капацитет во Европа – дел од глобалните 60 GW – и оствари приходи од 85.8 милијарди долари. Со 44% удел во италијанскиот пазар на електрична енергија и инвестиции од 7 милијарди долари во 2023 година, Енел всушност е моторот на зелената револуција во ЕУ.
Зошто овие компании доминираат?
Нивната позиција е резултат, пред се, на прагматичната адаптација. Шел и ТоталЕнерџис ја одржуваат енергетската стабилност на Европа, пополнувајќи го јазот откако испораките на рускиот гас за Европа преку системот на гасоводи паднаа од 40% во 2021 на 8% во 2023 година, според, податоците на Европската Комисија. Нивните мрежи за рафинирање и дистрибуција, заедно со инвестициите во течен природен гас (LNG), ја зајакнаа енергетската независност на континентот. Спротивно на тоа, Енел го предводи бумот на обновливите извори, поттикнувајќи го рекордниот удел од 52% чиста електрична енергија во ЕУ во вториот квартал од 2024 година.
Од друга страна, инвестициите го цементираат нивниот статус. Во 2023 година, Шел инвестираше околу 3 милијарди долари, ТоталЕнерџис околу 5 милијарди, а Енел 7 милијарди во проекти со низок јаглероден отпечаток – значителен дел од вкупните 110 милијарди долари на ЕУ за обновливи извори. Овие суми не се само финансиски потези, туки тие се стратешки влог за иднината на енергијата.
Нема сомнеж дека овие три компании се всушност економски џинови, со оглед на фактот дека вработуваат вкупно 255.000 луѓе – 90.000 во Шел, 100.000 во ТоталЕнерџис и 65.000 во Енел – поддржувајќи работни места од нафтени полиња во Северното Море до соларни фарми во Андалузија. Ако се земе предвид дека енергетскиот сектор сочинува 5-7% од БДП на ЕУ, тогаш лесно може да се констатира дека нивниот удел е огромен: ТоталЕнерџис придонесува околу 1% кон францускиот БДП, додека Шел го поткрепува британскиот извоз со 30 милијарди долари годишно.
Трите компании имаат и сериозно влијание врз цените на енергетските пазари, па така, во вториот квартал од 2024 година, цените на електричната енергија на големо паднаа на 60 евра за мегават-час, 33% помалку од 2023 година, благодарение на обновливите извори на Енел и разновидното снабдување на Шел и ТоталЕнерџис.
Меѓу другото, зелената трансформација на ЕУ делумно е резултат на операциите на овие компании. Уделот на обновливите извори на енергија во ЕУ достигна 24,5% во 2023 година што е пораст извод околу 24,5%, во споредба со 2023 година, а Енел ги намали емисиите во енергетскиот сектор за 19%. Производството на LNG од страна на ТоталЕнерџис значително ја намали зависноста од руските цевководи, потег што аналитичарите го нарекоа „геополитички спас“ за Европа.
Сепак, и покрај ваквите вонредни економски перформанси во последниве неколку години, трите компании продолжуваат да бидат на удар на еколошките активисти кои упатуваат критики поради бавното напуштање на фосилните горива, кои сочинуваат 70% од портфолијата на Шел и ТоталЕнерџис во 2024 година. „Тие профитираат од минатото додека ja одложуваат иднината“, велат активистите на Гринпис. Во овој контекст, Енел се соочува со локален отпор поради хидроелектричните проекти кои според екологистите значително ги оштетуваат реките во Шпанија и Италија.
Што се однесува на пазарните ризици со кои овие три компании се соочуваат, дел од инвеститорите покажуваат своевидна претпазливост во однос на високите вредности на компаниите, за кои се смета дека може да се срушат ако побарувачката за нафта падне побрзо од предвиденото, особено со напредокот во електрификацијата и водородот, но и заради непредвидливоста на геополитичките ризици.
Енергетика 24