Закон за енергетика: Европски правила, домашни шанси


Скопје. 05 Мај 2025 – Собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика на денешната седница усвои 61 од вкупно 71 поднесен амандман на Предлог-законот за енергетика, кој се разгледува во второ читање. Законот сега продолжува во натамошна собраниска процедура, каде ќе се гласа по скратена постапка.

Во текот на расправата, два амандмана беа повлечени од нивните предлагачи, а осум беа одбиени, при што мнозинството од нив беа поднесени од партијата Левица.

Во образложението на Предлог-законот за енергетика, министерката Сања Божиновска нагласи дека новото законско решение не претставува само формално усогласување со европското законодавство, туку суштинска реформа насочена кон обезбедување модернизација, стабилност и одржлив развој на енергетскиот сектор. Законот ги транспонира клучните европски директиви и регулативи, меѓу кои Директивата (ЕУ) 2019/944 и Регулативата (ЕУ) 2019/943, како и правилата за пазарна интеграција и транспарентност (CACM и REMIT), со цел исполнување на обврските од Пакетот за чиста енергија. Божиновска посочи дека доцнењето во неговото усвојување резултираше со отворање на два случаи против Македонија во рамките на Енергетската заедница, за струја и гас.

Реклама

Законот отвора можности за повлекување преку 21 милион евра грантови, распределени во три фази и врзани со усогласување со европското законодавство, пазарна интеграција и справување со енергетската сиромаштија. Меѓу клучните новини се воведување на активни потрошувачи и граѓански енергетски заедници, стимулирање инвестиции во обновливи извори, воведување паметни мерни системи, планирање на преносната мрежа преку десетгодишни стратегии и усогласување со други сектори преку координација со законот за градење, јавни набавки и ДДВ. Новина во законот е и условот секој нов инвеститор во обновливи извори да има и минимум 20% капацитет за складирање преку батерски системи.

Меѓу прифатените амандмани се издвојува амандманот со кој гаранцијата за добивање лиценца за енергетска дејност се зголемува од 5.000 на 100.000 евра. Исто така, идните членови на Регулаторната комисија за енергетика ќе мора да имаат најмалку 15 години работно искуство, од кои 10 години во релевантни сектори.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement