Вашингтон. 25 Мај 2025 — Претседателот на САД, Доналд Трамп, во петокот потпиша серија извршни наредби со кои се поставува амбициозна цел: четирикратно зголемување на домашното производство на нуклеарна енергија во следните 25 години. Овој потег доаѓа во услови на растечка побарувачка за електрична енергија, предизвикана од ширењето на вештачката интелигенција и дата-центрите.
Новите мерки ѝ доделуваат на администрацијата поголема контрола врз одобрувањето на напредни нуклеарни реактори. Министерот за енергетика на САД ќе добие овластување да одобрува одредени проекти, со што дел од ингеренциите ќе му се одземат на независниот нуклеарен регулатор (NRC), кој веќе пет децении ја надгледува индустријата.
„Ова е нова ера за американската енергија. Нуклеарната индустрија повторно е во фокусот. Ќе ја направиме оваа индустрија голема — многу голема“ изјави Трамп.
Според новите наредби, Комисијата за нуклеарна регулатива ќе треба да ги одобрува новите проекти во рок од 18 месеци. Предвидено е и пилот-програма за ставање во функција на три експериментални реактори до 4 јули 2026 година, како и користење на Законот за одбранбено производство за да се обезбеди доволно нуклеарно гориво.
Секретарот за внатрешни работи, Даг Бургум, кој го води новоформираниот Совет за енергетска доминација, оцени дека индустријата е задушена од прекумерна регулатива и дека е дојдено времето за пресврт. „Овој потег ќе ја одбележи новата фаза по повеќе од 50 години регулаторни бариери,“ рече тој.
Меѓу другото, наредбите вклучуваат и анализа за можноста за рестартирање на затворени нуклеарни централи и изградба на реактори на федерална земја и воени бази.
Иако Трамп и неговиот тим се оптимисти, експертите предупредуваат дека целта за четирикратно зголемување е тешко достижна. Во САД моментално нема комерцијално активни реактори од „новата генерација“, а единствените два нови реактори што беа изградени во изминатите децении беа завршени со огромни доцнења и трошоци над 17 милијарди долари.
САД денес добиваат околу 19% од својата електрична енергија од нуклеарни извори, споредено со 60% од фосилни горива и 21% од обновливи извори.
Извор: Associated Press