Лондон. 23 април 2025 – Светот ја забрза трката кон чиста енергија во 2024 година, инсталирајќи рекордни 117 GW нови ветерни капацитети, надминувајќи го рекордот од 2023 година, објави Глобалниот совет за енергија од ветер (GWEC) во својот најнов годишен извештај.
Овој раст, поттикнат од Кина и неколку останати клучни пазари, го зголеми глобалниот ветерен капацитет на 1,14 TW, зацврстувајќи ја позицијата на ветерната енергија како столб на енергетската транзиција. Всушнсот, Кина уште еднаш ја докажа својата доминација, инсталирајќи 79,8 GW или 68% од новите капацитети, достигнувајќи 520,6 GW вкупен капацитет. САД (4,1 GW), Германија (4 GW), Индија (3,4 GW) и Бразил (3,3 GW) го заокружуваат врвот, при што Бразил ја надмина Шпанија во вкупни инсталации. Европа додаде 13,8 GW, предводена од Германија, додека регионите како Африка и Блискиот Исток забележаа експлозивен раст од 107%, благодарение на Египет (794 MW) и Саудиска Арабија (390 MW).
Офшор ветерните електрани, иако со пад од 10,8 GW во 2023 на 8 GW во 2024 година, покажаа потенцијал со рекордни 56,3 GW доделени преку аукции, од кои 23,2 GW во Европа и 17,4 GW во Кина. „Офшор ветерот е иднината, но бара стабилни политики за да го достигне својот потенцијал,“ вели Бен Блеквел, извршен директор на GWEC.
Сепак, и покрај рекордите, GWEC алармира за растечката политичка нестабилност. „Идеолошките напади врз обновливите извори и прекинувањето на проекти во изградба ја нарушуваат довербата на инвеститорите,“ предупредува Блеквел. Царинските војни, особено оние за челик и други суровини, додаваат неизвесност во глобалните синџири на снабдување. „Цената на овие трговски бариери сè уште не е целосно пресметана,“ додава тој.
Индустријата се соочува и со бирократски пречки – бавното издавање дозволи и застарените преносни мрежи го попречуваат напредокот. GWEC повикува на подобрени аукциски механизми и стабилни пазарни рамки за да се оствари глобалната цел за тројно зголемување на обновливите извори до 2030 година.
Истовремено, GWEC предвидува стабилен раст, со 138 GW нови капацитети во 2025 година, односно, 194 GW во 2030 година, што би додало околу 981 GW до крајот на деценијата. Офшор ветерот се очекува да порасне од 16 GW во 2025 на 34 GW во 2030 година, сочинувајќи 17,5% од новите капацитети.
„Ветерната енергија е меѓу најевтините извори на енергија и клучна за климатските цели,“ вели Гириш Танти, заменик-извршен директор на Suzlon Group и потпретседател на GWEC. „Таа нуди економска одржливост и енергетска стабилност, но мора да дејствуваме сега. Немаме резервна планета.“
Всушност, ветерната енергија не е само технологија, туку таа е економски двигател, кој создава работни места и ја намалува зависноста од нестабилните фосилни горива. Со инсталации во 55 земји во 2024 година, индустријата се шири во нови региони, но нерамномерниот напредок останува предизвик. „Политичарите мора да останат фокусирани на стабилни пазари и слободна трговија,“ нагласува Блеквел.
Како што светот се соочува со климатски и економски предизвици, ветерната енергија ветува сигурност и просперитет. Но, за да го искористи овој ветар на промени, светот мора да ги надмине политичките бури и да инвестира во иднината.
Извор: GWEC