Скандинавија доминира, Јужна Европа заостанува: Клучни трендови од Green Transition Index 2024

Со пет години до клучната климатска пресвртница од Парискиот договор, најновиот Индекс за зелена транзиција 2024 (Green Transition Index – GTI) открива дека Европската Унија поспоро се движи до целта за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55% до 2030 година. Според извештајот на консултантската куќа Оливер Вајман, моменталниот тренд укажува на намалување од само 49%.

Инаку, GTI ги анализира перформансите на 29 европски земји, вклучувајќи ги сите 27 членки на ЕУ, Обединетото Кралство и Норвешка, низ седум категории: економија, природа, индустрија, енергетика, транспорт, отпад и згради. Земјите се рангирани според 28 индикатори кои ја мерат нивната подготвеност и напредок во транзицијата кон одржлива економија.

Скандинавските земји, како по обичај се неприконсовени лидети во зелената транзиција. Данска се искачи на првото место во 2024 година, благодарение на силните резултати во обновливи извори на енергија, зелени индустриски технологии, и напредни проекти за водород и складирање на јаглерод (CCS). Иако има проблеми со зголемен отпад по жител и слаб напредок во зеленото градежништво, Данска сепак се издвојува како предводник на зелениот бран. Истовремено, Шведска се искачи на третото место, со особено силни резултати во категориите транспорт, економија и природа. Земјата инвестира сериозно во програми како „Климатски скок“, а буџетот за животна средина во 2024 беше зголемен на 820 милиони евра.

Advertisement

Норвешка (бр. 6) и Финска (бр. 8) ја заокружуваат скандинавската доминација. Клучот за нивниот успех лежи во ниската јаглеродна интензивност, високиот удел на електрични возила, квалитетот на воздухот и силната поддршка за еколошки иновации.

На спротивната страна од скалата, Јужна Европа – вклучувајќи ги Шпанија, Италија и Грција – заостанува поради високата зависност од фосилни горива, слабата заштита на природните ресурси и недоволната искористеност на обновливите извори во домаќинствата. Во категоријата отпад, Југот има висока стапка на депонии по жител, што го влошува целокупниот учинок.

Според извештајот, Франција го бележи најголемиот пад, губејќи шест позиции споредено со 2022 година, пред се, поради слабиот напредок во развојот на зелените технологии, особено батерии и водородни решенија. Сличен пад е забележан и кај Холандија, иако земјата сè уште е меѓу првите пет според GTI.

Од друга страна, Во Источна Европа, сликата е поделена бидејќи некои земји, како Литванија, покажуваат значителен напредок и ефикасно искористување на обновливи ресурси, додека други заостануваат во енергетска транзиција и иновации.

Иако постои корелација меѓу високиот БДП и високи GTI резултати, извештајот идентификува пет „надперформери“ со релативно низок БДП, но силна зеленa агенда: Литванија, Бугарија, Летонија, Кипар и Романија. Нивните резултати докажуваат дека целените инвестиции и политичка волја можат да направат разлика дури и со ограничени ресурси.

Во целина, Green Transition Index 2024 испраќа јасна порака: темпото на зелената транзиција во Европа мора драстично да се зголеми. Скандинавија покажува дека е можно, но остатокот од континентот треба да го фати чекорот – и тоа веднаш.

Извор: The Green Transition Index

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement