ЕУ под притисок на Трамп размислува за повеќе американски гас, но останува посветена на зелените цели

Брисел. 11 април 2025 – Европската унија размислува да го зголеми увозот на американски течен природен гас (ЛНГ) како одговор на трговските закани од американскиот претседател Доналд Трамп, но секој договор ќе мора да се усогласи со зелената агенда на блокот, Фајненшл Тајмс го цитира европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен.

Трамп, кој во понеделникот побара од ЕУ да купува американски енергенси во вредност од 350 милијарди долари со цел да се намали американскиот трговски дефицит, ги отфрли предлозите на Брисел за договор за нулта царинска стапка на индустриски производи и автомобили. Во средата, по воведувањето на највисоките стапки, во последните 100 години, тој објави 90-дневна пауза и соодветно намалување на дел од нив.

Реклама

Фајненшл Тајмс ја пренесува изјавата на европскиот комесар Јергенсен според која, ЕУ може да купува повеќе американски ЛНГ, но само ако тоа е во согласност со европската транзиција кон одржливост. Комесарот потврдил дека за ваквата намера веќе разговарал со американскиот секретар за енергетика Крис Рајт. Сепак, Јоргенсен признава дека Европската комисија има ограничена моќ, не може да им наложи на компаниите, туку може само да ги поттикнува да склучуваат договори. САД веќе обезбедуваат околу 45% од ЛНГ увозот на ЕУ, во конкретна вредност од околу 13 милијарди долари во 2024 година.

Паралелно, ЕУ се подготвува за значителен скок во обновливите извори на енергија, со прогноза за рекордни 89 гигавати (GW) нови капацитети во 2025 година, вклучувајќи 19 GW ветерна и 70 GW соларна енергија. Но, индустријата се соочува со пречки, вклучувајќи долги рокови за дозволи и слаба поврзаност со мрежата. „Високите цени на енергијата не се одржливи за нашата конкурентност“, предупредува Јергенсен, истакнувајќи дека од 2022 година ЕУ потрошила повеќе за руски фосилни горива отколку за помош на Украина.

Инаку, царините на Трамп предизвикаа загриженост во европската индустрија за обновлива енергија. Расмус Ербое, шеф на „Ørsted“, најголемиот светски развивач на офшор ветерници, нагласува дека секторот е загрозен од „надолен тренд“ поради високите трошоци и нарушувањата во синџирот на снабдување. Царините на челик и алуминиум ќе ги погодат компаниите како „Ørsted“, чии проекти во САД зависат од европски компоненти. Според SolarPower Europe, извозот на соларни компоненти во САД е мал, но последиците за одредени компании може да бидат значителни.

И покрај економската турбуленција, Јоргенсен гледа можност. „Кризата може да ја направи ЕУ сигурно засолниште за бизнисите“, рече тој, ветувајќи поедноставување на регулативите за да се намали времето за дозволи од пет до седум години на шест месеци. Тој во четвртокот веќе ги презентираше ваквите планови на конференција во Копенхаген, со цек да ги охрабри инвеститорите во офшор ветерници, кои се вознемирени од фокусот на американскиот претседател Трамп на фосилни горива.

Извор: Фајненшл Тајмс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement