Последните неколку години регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) се позиционираше како важен јазол во контекст на глобалната енергетска транзиција. Денес, во услови на мноштво геополитички предизвици и структурни промени во енергетските системи, развојот на интерконекторната инфраструктура за природен гас се јавува како стратешки приоритет, со потенцијал да ги модифицира моделите на енергетска безбедност, економскиот развој и регионалната интеграција. Всушност три месеци по критичниот прекин на транзитот на руски гас преку Украина (јануари 2025), регионалните интерконектори за природен гас во ЈИЕ преминаа од пасивна инфраструктура во активен стратешки инструмент за адаптација кон новата енергетска парадигма.
Според тоа, неопходно е да се резимираат клучните податоци, да се анализира тековната состојба и да се презентираат прогнозите за идниот развој на гасната мрежа во ЈИЕ, со посебен осврт на потенцијалните можности и предизвици со кои се соочува
Тековната инфраструктура и инвестициски планови
Според најновите анализи на Европската мрежа на оператори на преносни системи за гас (ENTSOG), ЈИЕ располага со релативно ограничена, но динамично развивачка инфраструктура за гасни преноси. Во 2024 година, регионот оствари капацитет за увоз на течен природен гас (ЛНГ) од 12 милијарди кубни метри годишно, преку мрежата на постоечките терминали во Грција и Хрватска. Конкретно, терминалот во Александрополис, чиј капацитет изнесува 5,5 милијарди м³ годишно, беше пуштен во комерцијална употреба во октомври 2024 година. Паралелно, проширувањето на терминалот на Крк (Хрватска), завршено во 2023 година, го зголеми неговиот капацитет на 6,1 милијарди м³ годишно. Дополнително, интерконекторот Грција-Бугарија (IGB), кој е во функција од 2022 година, моментално обезбедува транспортен капацитет од 3 милијарди м³ годишно, со можност за зголемување до 5 милијарди м³ во следната фаза на развој.
Перспективните инфраструктурни проекти укажуваат на можноста за дополнително зголемување на постоечките капацитети. Впрочем, во моментов се во фаза на имплементација интерконекторот Грција-Македонија, со проектиран капацитет од 1,5 милијарди м³ годишно, чие завршување, според информациите од Министерството за енергетика на Македонија е предвидено до крајот на 2027 година. Вкупната инвестиција за овој проект се проценува на 120 милиони евра, при што 50% од средствата се обезбедени преку европски фондови. Паралелно, започната е иницијатива за поврзување на Македонија и Србија со интерконектор, кој би имал капацитет од околу 2 милијарди м³ годишно, додека Бугарија и Романија се во процес на планирање проширување на постојните интерконекции за дополнителни 4 милијарди м³ до 2030 година. Овие стратешки иницијативи имаат потенцијал да го трансформираат регионот на ЈИЕ од маргинализиран енергетски играч во мошне значаен транзитен коридор.
Зошто интерконекторите се приоритет?
Енергетската криза во 2022 година, предизвикана од руската воена агресија врз Украина, несомнено, претставува клучен момент во трансформацијата на европскиот енергетски сектор. Податоците на Европската Комисија укажуваат на драстично намалување на учеството на рускиот гас во европскиот пазар — од 40% во 2021 година на 11% до 2024 година. Во контекст на ЈИЕ, земјите со историска зависност од руските извори, како нашата држава, Србија (преку инфраструктурата на „Турски тек“) и Бугарија (преку украинските транзитни правци) се соочија со структурни предизвици. Суспензијата на гасните испораки преку Украина во јануари 2025 година дополнително ги влоши условите, принудувајќи ги актерите во регионот да бараат алтернативни решенија за снабдување.
Оттука, интерконекторите претставуваат мошне важен елемент во енергетската инфраструктура на регионот, овозможувајќи пристап до диверзифицирани извори на природен гас и подобрување на енергетската безбедност. Илустративен пример за ова е терминалот за течен природен гас во Александрополис, кој, според податоците на операторот Gastrade, обезбедува значителна диверсификација на снабдувањето: 40% од увозот потекнува од Соединетите Американски Држави, 30% од Катар и 20% од Норвешка. Ваквата распределба не само што ја намалува зависноста од единствен добавувач, туку и придонесува за стабилизација на цените. Во 2024 година, просечната цена на ЛНГ на Јадранско-Јонскиот пазар изнесувала 350 евра по мегаватчас (MWh), што претставува намалување од 15% во однос на 2023 година.
Покрај економските придобивки, интерконекторите играат клучна улога во зајакнувањето на регионалната енергетска солидарност, што е од особено значење за земји со ограничени домашни резерви, како што е Македонија, чија годишна потрошувачка на природен гас изнесува релативно скромни 0,4 милијарди кубни метри.

Предизвици: Финансиски и еколошки пречки
Иако развојот на енергетските интерконектори носи значителни економски и стратешки придобивки, нивната реализација се соочува со бројни пречки. Според проценки на Европската инвестициска банка (ЕИБ), за комплетирање на планираната мрежа на интерконектори до 2030 година би биле потребни инвестиции во вредност од 2,5 милијарди евра. Во моментов, Европската унија, преку Инструментот за поврзување на Европа (Connecting Europe Facility, CEF), обезбедува финансиска поддршка која ги покрива приближно 40% од вкупните трошоци. Сепак, останатите средства мора да бидат обезбедени преку националните буџети на земјите-учеснички и приватни инвестиции, што претставува значителен предизвик, особено за земји со ограничени фискални капацитети.
Дополнително, постојaните политички тензии во регионот претставуваат дополнителна бариера, што ги зголемува ризиците и го комплицира процесот на имплементација на проекитите.
Од друга страна, еколошките дилеми се уште покритични. Иако природниот гас претставува релативно помалку емисивна алтернатива во споредба со јагленот, со приближно 50% помали емисии на CO₂, неговата употреба во енергетскиот сектор останува проблематична во контекст на долгорочните климатски цели. Во Јадранско-Јонскиот регион, јагленот сè уште доминира со удел од 60% во енергетскиот микс, што ја нагласува потребата од забрзана транзиција кон нискојаглеродни технологии. Меѓутоа, Европската Унија, во склоп со своите амбициозни цели за декарбонизација до 2050 година, инсистира на постепено напуштање на сите фосилни горива, вклучувајќи го и природниот гас.
Овој предизвик поставува дилема за регионалните инвестиции во гасоводна инфраструктура. За да бидат економски и еколошки одржливи, новите интерконекторни проекти мора да бидат дизајнирани со можност за идна конверзија за транспорт на зелен водород или мешавини водород-гас. Сепак, според студија на PricewaterhouseCoopers (PwC, 2024), ваквата адаптација може да ги зголеми почетните трошоци за изградба за 20-30%, што ги прави проектите економски помалку конкурентни во краткорочна перспектива.
Всушност, ситуацијата покренува фундаментално прашање: дали инвестициите во гасоводни мрежи во ЈИЕ претставуваат вистински чекор кон енергетската транзиција или едноставно го продолжуваат зависноста од фосилни горива, одложувајќи ја неопходната трансформација кон обновливи извори на енергија?
Патот кон 2030 и понатаму
До 2030 година, ЈИЕ има потенцијал да го удвои капацитетот на интерконекторите за природен гас, зголемувајќи го од сегашните 12 милијарди м³ на 20 милијарди м³ годишно. Според проценките на Меѓународната агенција за енергија (IEA), побарувачката за гас во регионот се очекува да порасне за 25% до 2035 година, што е последица на интензивиран индустриски развој, забрзана урбанизација и ширење на гасификацијата на домаќинствата. Интерконекторната мрежа не само што ќе ги задоволи зголемените енергетски потреби, туку и ќе го намали ризикот од недостаток на енергенси, со што ќе се осигура поголема отпорност на регионот во случај на идни енергетски кризи.
Во долгорочна перспектива, значајна улога се предвидува за водородната технологија. Се проценува дека доколку се имплеменитаат плановите за хидрогенизација, до 2040 година околу 30% од капацитетот на интерконекторите во регионот ќе може да се користи за пренос на зелен водород. Овој водород ќе се произведува преку обновливи извори на енергија, како што се соларните и ветерните централи во земјите од регионот, пред сè во Грција и Романија. Ваквиот развој би можело да доведе до намалување на јаглеродниот отпечаток на ЈИЕ за 15% во споредба со нивото од 2020 година, што би го позиционирало регионот како еден од клучните играчи во процесот на енергетска транзиција.
Енергетика 24