На 6 мај започнува мандатот на новата германска влада, а Катарина Рајхе, поранешна пратеничка од ЦДУ и актуелна извршна директорка на мрежниот оператор Westenergie, ќе ја преземе функцијата министерка за енергетика. Таа ќе има пред себе полн распоред со итни задачи, меѓу кои намалување на енергетските трошоци, активирање на тендерите за нови гасни електрани и продолжување на енергетската транзиција.
Еден од нејзините први чекори се очеува да биде имплементација на веќе најавените олеснувања, како што се намалувањето на данокот на електрична енергија, како и укинување на надоместоците за мрежата и складирањето на гас. Овие мерки се очекува да стапат во сила веќе од јули и се дел од поширок пакет поддршка вреден околу 55 милијарди евра.
Дополнително, до летната пауза би требало да се спроведе ревизија на прогнозите за идната потрошувачка на електрична енергија, што ќе биде основа за ажурирање на целите за изградба на нови капацитети од ветерници и соларни панели. Аналитичари предупредуваат дека моменталните цели се базираат на повисоки прогнози за побарувачка од реално очекуваните, што може да го наруши балансирањето на системот.
Според најновите сценарија на S&P Global Commodity Insights, Германија до 2030 година може да има годишна побарувачка за електрична енергија меѓу 572 и 624 TWh, далеку под некогашните проекции од 750 TWh. Тоа отвора потреба за поголема флексибилност во системот и стимулации за користење струја во периоди со ниски цени, особено во летните месеци кога има вишок од соларно производство.
Германија досега има инсталирано над 100 GW соларен капацитет, со брз раст на големите комерцијални проекти, дури и без субвенции. Планот на владата е до 2030 година обновливите извори да покриваат 80% од вкупната потрошувачка, што бара дополнителни инвестиции и пазарни реформи. Новата реформа на Законот за обновлива енергија (EEG) ќе вклучи модели како договори за разлика (CfD), кои ќе ги заменат досегашните премии за производителите.
Рајхе, исто така, ќе мора итно да го финализира механизмот за капацитети што треба да овозможи изградба на до 20 GW нови гасни електрани, кои ќе бидат подготвени да преминат на водород во иднина. Претходната влада на министерот Хабек не успеа да обезбеди поддршка во Бундестагот за законот за тендери за 12,5 GW, а клучен проблем беше и доцнењето на одобрението од Европската комисија.
Новата влада исто така планира повторно активирање на резервните јаглени капацитети во услови на недостиг од ветер и сонце, како што беше случајот во зимата. Дел од експертите предупредуваат дека оваа мерка треба внимателно да се користи, бидејќи високите цени во вакви ситуации се дел од нормалниот пазарен сигнал за потребата од флексибилност.
Во меѓувреме, цените на енергенсите значително се стабилизираа. На 30 април, цената на гасот за испорака во мај на германскиот пазар THE беше 32,89 €/MWh, значително пониско од февруарскиот пик од 60 €/MWh. И цената на електричната енергија за испорака во 2026 година падна под 80 €/MWh. Според аналитичарите, ова создава услови за економско заздравување, но и притисок врз новата влада да го искористи моментот за стабилна и долгорочна енергетска политика.
Преглед на главните енергетски политики
Политичка област | Цели на новата коалиција ЦДУ/СПД (2025–2029) | Прогрес под коалицијата СПД/Зелени/ФДП (2021–2025) |
---|---|---|
EEG реформа | Пазарно рефинансирање; преглед на побарувачка до лето 2025 | EEG 2023 го зголеми целниот удел на ОИЕ на 80% |
Гасни тендери (KWSG) | До 20 GW нов капацитет за поддршка на енергетската транзиција | Предлог за 12.5 GW не беше усвоен во Q4 2024 |
Офшор ветерници | Решавање на ефектот на сенка; соработка со соседи од Северното Море | Цел за 2030 зголемена на 30 GW |
CCS законодавство | Итно донесување закон за CfD | Стратегија усвоена, закон сè уште не е донесен |
Капацитетен пазар | Технолошки неутрален, од 2028 | Консултација започната |
Јаглен излез | Крајна фаза до 2038, поврзана со нови капацитети | Обид за убрзување неуспешен |
Климатски закон | Цел за нето-нула до 2045, поддршка за ЕУ целите до 2040 | Секторските цели укинати, целите остануваат |
Водородна економија | Брза изградба на домашна и увозна инфраструктура | План за H₂ мрежа од 20 милијарди евра |
Дизајн на пазарот на струја | Задржување на единствена зона; имплементација на ЕУ регулативи | Разделување на ценовната зона одбиено; стратегија за батерии усвоена |
Енергетика 24