Брисел. 18 април 2025 – Бриселскиот портал Политико објавува опширна анализа во која се осврнува на констатацијата дека Србија се наоѓа на раскрсница поради амбициозниот проект за ископување литиум во долината Јадар, поддржан од Европската Унија, а кој предизвикува политичка нестабилност и го става под знак прашалник нејзиниот пат кон европските интеграции.
Во анализата, порталот наведува дека Јадарското наоѓалиште, кое располага со резерви од околу 158 милиони тони руда, е едно од најголемите во Европа и може да обезбеди до 20 отсто од европските потреби за литиум. Со потенцијал да поддржи производство на батерии за околу еден милион електрични возила годишно, овој проект е од стратешко значење за зелената транзиција на ЕУ, чија цел е да ја намали зависноста од кинескиот литиум и да изгради сопствен синџир на снабдување. Анализата става акцент на фактот дека Брисел гледа на Србија како на клучен партнер во остварувањето на овие амбиции, особено по потпишувањето на меморандумот за соработка во јули 2024 година меѓу ЕУ и Србија.
Истовремено, Политико истакнува дека проектот, предводен од мултинационалната компанија „Рио Тинто“, предизвикува масовни протести во Србија. Локалните жители, земјоделци и еколошки активисти изразуваат страв од уништување на плодното земјиште во долината Јадар, загадување на водите и нарушување на животната средина. Се проценува дека рудникот би можел да создаде 34 милиони тони отпад годишно, што дополнително ги разгорува стравувањата. Анализата образложува дека овие еколошки грижи се преплетуваат со поширокото незадоволство од перцепцијата дека Србија ризикува да стане „рударска колонија“ на Западот, жртвувајќи ја својата животна средина за европските индустриски потреби.

Иако српската влада, охрабрена од претседателот на државата, Александар Вучиќ, го поддржува проектот, ветувајќи економски придобивки и илјадници работни места, во 2022 година, масовните протести го принудија Белград да ја суспендира имплементацијата на проектот. Сепак, по притисоците од страна на ЕУ и обновените преговори со „Рио Тинто“, владата повторно ја разгледувава можноста проектот да биде реализиран, што предизвикува нови тензии. Анализата нагласува дека ова прашање ја продлабочува поларизацијата во српското општество, при што 56 отсто од граѓаните, според мерењата на јавното мислење, се противат на рудникот, а многумина го доведуваат во прашање членството во ЕУ ако цената е еколошка деградација.
Понатаму, Политико става акцент и на геополитичките димензии на спорот и констатира дека, додека ЕУ го гледа литиумот како начин да ја зајакне својата економска независност, Русија и Кина, кои имаат свои интереси во Србија, ја искористуваат ситуацијата за да го поткопаат влијанието на Западот. Анализата истакнува дека руските медиуми и локалните антизападни гласови го прикажуваат проектот како експлоатација од страна на ЕУ, што дополнително го комплицира политичкиот терен и го скратува маневарскиот простор за српскиот претседател Александар Вучиќ.
Политико заклучува дека Србија е пред тешка дилема: да го искористи економскиот потенцијал на литиумот и да се приближи до ЕУ или да ги послуша своите граѓани и нивните стравови и да ја зачува својата животна средина. Ова прашање, образложува порталот, не само што ќе ја обликува иднината на Србија, туку и ќе биде тест за способноста на ЕУ да ги усогласи своите зелени амбиции со демократските и еколошките принципи.
Извор: Политико