Поглед од Москва: Русија ја усвои Енергетската стратегија до 2050 година

Москва. 15 април 2025 – Руската Федерација ја одобри новата „Енергетска стратегија до 2050 година“, која според рускиот премиер Михаил Мишустин, ги поставува долгорочните насоки за развој на енергетскиот сектор во услови на глобални предизвици, енергетска транзиција и растечка побарувачка на енергија.

Документот предвидува раст на светската побарувачка за сите видови енергенси за 20% до 2050 година, како резултат на зголеменото индустриско производство, развојот на електричниот транспорт и дигиталната инфраструктура.

Клучните приоритети на стратегијата се обезбедување стабилни енергетски ресурси за домашниот пазар и зајакнување на извозниот потенцијал на земјата. Русија предвидува да ја продолжи диверзификацијата на енергетската понуда, да ја развива гасификацијата и инфраструктурата во регионите, вклучувајќи го Далечниот Исток и Арктикот. Во исто време, земјата планира да остане глобален лидер во извозот на нафта, гас, јаглен, течен природен гас (ЛНГ) и атомски технологии, со акцент на нови пазари во Азија и глобалниот Југ.

Advertisement

Меѓу останатото, стратегијата става акцент и на технолошкиот напредок. Русија планира да го зајакне лидерството во сферата на нуклеарната енергија, водородните технологии и системите за складирање енергија, поддржана од националниот проект „Нови атомски и енергетски технологии“. Дигиталните технологии, вклучувајќи вештачка интелигенција, анализа на големи податоци и дигитални близнаци, е планирано да бидат интегрален дел од развојот.

Еколошката одговорност е исто така во фокусот, со планови за зголемување на уделот на нуклеарната енергија до 25% во производството, проширување на користењето на обновливите извори на енергија и воведување современи еколошки стандарди.

Всушност оваа стратегија ја потврдува амбицијата на Русија да остане меѓу водечките енергетски чинители во светот, а за да ја постигне таквата амбиција, стратегијата се базира на пет развојни сценарија и тоа:

  1. Стрес-сценарио: Предвидува значителен пад на производството поради ограничени извозни можности и влошени надворешни услови.
  2. Инерцијално сценарио: Зачувување на постоечките трендови без значителни инвестиции, со ограничен напредок во развојот.
  3. Целно сценарио: Балансиран развој со фокус на сигурно и еколошко снабдување на домашниот пазар по најниски трошоци, ефикасен извоз, исполнување на климатските цели и постигнување технолошка независност.
  4. Технички потенцијал: Максимално производство без оглед на економската исплатливост, со акцент на крајните можности на секторот.
  5. Забрзана енергетска транзиција: Брза декарбонизација преку обновливи извори на енергија и укинување на ограничувањата за увоз на технологии и опрема.

Инаку, стратегијата опфаќа три главни сектори: нафта и нафтени деривати, преработка и деривати, и гасна индустрија. За секој од овие сектори предвидени се конкретни цели, кои варираат зависно од сценаријата. Од конкретните цели, издвојуваме:

  • Производство на нафта и гасен кондензат: Од 531 милиони тони во 2023 година, раст до 540 милиони тони до 2030 година и стабилност до 2050.
  • Извозна инфраструктура: Капацитетот се зголемува од 530 милиони тони (2023) на 550 милиони тони до 2030 година.
  • Во стрес-сценариото: Производството може да падне на 171 милион тони, а извозот да се сведе на нула.
  • Во техничкото сценарио: Производство од 591 милион тони до 2030, па потоа пад на 547 милиони до 2050; извозната инфраструктура се намалува на 228 милиони тони.
  • Длабочина на преработка: Од 84,1% (2023) на 90% до 2030 година.
  • Производство на полимери: Од 7,2 милиони тони (2023) до 10 милиони до 2030, 14 милиони до 2050.
  • Извоз на нафтени деривати: Се намалува од 131 милион тони (2023) на 125 милиони до 2050 година.
  • Нафтохемиски производи: Производството се зголемува од 7,3 на 18 милиони тони до 2050; извозот од 2 на 8,5 милиони тони.
  • Гасификација на домаќинствата: Од 73,8% (2023) на 82,9% до 2030 и 86,2% до 2050.
  • Извозни гасоводи кон Азија: Капацитетот расте од 30 на 98 милијарди кубни метри годишно до 2030.
  • Производство на ЛНГ: Од 33 милиони тони (2023) на до 175 милиони тони до 2050 година.
  • Извоз на гас (цевководен + ЛНГ): Од 146 милијарди кубни метри (2023) до 438 милијарди до 2050 година.

Министерството за енергетика на Русија е задолжено да изготви план за имплементација на стратегијата во рок од шест месеци, кој ќе биде доставен до владата за конечно усвојување.

Извор: Нефтегаз.ру

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement