Лондон. 5 јули 2025 – Земјите-членки на ОПЕК+ најверојатно ќе се договорат за дополнително забрзување на зголемувањето на производството на нафта на саботниот состанок, прв по неодамнешните турбуленции на пазарот предизвикани од нападите на Израел и САД врз Иран.
Групата, која учествува со приближно половина од светското производство на нафта, од 2022 година воведе ограничувања за поддршка на цените. Сепак, годинава ја смени стратегијата и почна да го зголемува производството, со цел да ја врати својата пазарна позиција, особено по барањата на американскиот претседател Доналд Трамп за пониски цени на бензинот.
Според извори запознаени со преговорите, ОПЕК+ би можел да се согласи на зголемување на производството за дури 550.000 барели дневно во август. Ова би било зголемување во однос на досегашните месечни порастувања од 411.000 барели дневно за мај, јуни и јули, и 138.000 барели дневно во април.
На онлајн состанокот, закажан за денес во 11:00 часот по средноевропско време, ќе учествуваат претставници од Саудиска Арабија, Русија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Оман, Ирак, Казахстан и Алжир. Овие осум држави во април почнаа со укинување на последната редукција од 2,2 милиони барели дневно, што потоа продолжи со забрзано зголемување во следните месеци.
Ваквиот пристап дојде откако некои членки, како Казахстан и Ирак, го надминаа договореното ниво на производство, што предизвика незадоволство кај останатите земји кои се придржуваа до ограничувањата. Производството на Казахстан минатиот месец достигна историски максимум.
ОПЕК+, кој ги обединува земјите од Организацијата на земји извознички на нафта и сојузниците предводени од Русија, се обидува да го прошири своето учество на пазарот во услови на сè поголемо производство од други светски играчи, како САД.
Од април до јули, ОПЕК+ веќе најави зголемување на производството за вкупно 1,37 милиони барели дневно, што претставува 62% од планираното укинување на редукцијата од 2,2 милиони барели дневно. И покрај тоа, на сила остануваат дополнителни ограничувања во висина од 3,66 милиони барели дневно.
Извор: Ројтерс