Одложување на енергетската стратегија: Франција пред нова дебата за обновливите извори

Париз. 03 мај 2025 – Француската влада повторно го одложи објавувањето на Националниот десетгодишен енергетски план (PPE), при што премиерот Франсоа Бајру отвори простор за потенцијално ревидирање на неговите цели, особено оние поврзани со амбициозниот развој на обновливи извори на енергија. Одлуката следува по бурна дебата во Националното собрание, каде што силните политички несогласувања изнудија чекор назад од извршната власт.

Планот, првично најавен за 2023 година, беше на чекор од финализација, но владејачката коалиција ослабена од недостиг на парламентарно мнозинство, мораше да го преиспита документот по критиките дека претпочита обновливи технологии на штета на нуклеарната стабилност и потрошувачката ефикасност.

Advertisement

„Ова не е затворен текст. PPE ќе остане отворен за придонеси сè до неговата финална верзија,“ изјави премиерот Бајру, нагласувајќи дека одлуките ќе се донесат „во наредните месеци“. Новиот распоред предвидува извештај од експертска комисија до крајот на мај и дополнителна расправа во јуни, базирана на верзијата на планот предложена од сенаторот Даниел Гремије.

Во својот настап, Бајру повика на „разумен пристап“ кон развојот на обновливите извори, сигнализирајќи можност за корекција на претходно најавените проширувања на соларни и ветерни капацитети. Тој ги истакна техничките и економски предизвици на соларната енергија, особено недоволната усогласеност со врвната побарувачка и ја отвори темата за нова тарифна политика што ќе ги охрабрува потрошувачите да ја префрлат својата потрошувачка во периоди на прекумерно дневно производство.

Цената, исто така, претставува клучен фактор: додека покривните соларни инсталации во Франција произведуваат енергија по 100 евра за мегават-час, големите соларни фарми во Шпанија ја нудат истата по 40 евра. Јавната поддршка за проширување на соларни и ветерни постројки во руралните средини е во опаѓање, што ја доведува во прашање одржливоста на ваквиот модел. Бајру предложи фокусирање на реповеринг, модернизација на постојните објекти, наместо изградба на нови.

Во меѓувреме, нуклеарната енергија се враќа во фокусот на француската енергетска политика. Владата останува цврсто определена да го продолжи работниот век на постојните реактори и да инвестира во најмалку шест нови централи, кои би влегле во функција до 2038 година.

Опозициската десничарска партија Национално Собрание (RN) отиде чекор подалеку, повикувајќи на изградба на 10 GW нови нуклеарни капацитети до 2035 година, подобрување на ефикасноста на постојните реактори и подигнување на нивната искористеност на 80%. Според пратеникот Максим Амблар, ваквиот курс би овозможил Франција до 2035 година да достигне 60% нискојаглеродна енергетски микс, во споредба со сегашните 37%. RN истовремено побара мораториум за развој на ветерни електрани и други интермитентни обновливи извори.

На спротивната страна, зелените и левичарските партии упатија критики за, како што наведуваат, „недоволната климатска амбиција“ и „прекумерната зависност од нуклеарна енергија“. Централно-левичарската Социјалистичка партија, пак, повика PPE да биде објавен во неговата оригинална верзија, без дополнително одложување.

Во отсуство на консензус, PPE останува заложник на сложените односи меѓу енергетските приоритети, јавната перцепција и политичката динамика. Останува да се види дали новата рунда консултации ќе резултира со долгорочна стратегија што ќе обезбеди рамнотежа меѓу одржливост, безбедност и економска ефикасност.

Извор: ArgusMedia

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement